Отворен патот за старт на преговорите со ЕУ, законот за ЈО не е услов

Патот за старт на преговорите на земјава за членство во Европската Унија полека се отвора. 

Германскиот Бундестаг и одобри на Владата да се заложи за отворање пристапни преговори, а позитивни сигнали доаѓаат од Франција, по изјавата на францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние кој изрази очекување за зелено светло и од претседателот Емануаел Макрон. Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вели дека е добро што донесувањето на законот за јавно обвинителство, на што се работи, не е поставено како услов, туку што и за власта и за Европската Комисија не е најважно самото носење на законот, туку обезбедување услови за функционална правна држава.

Пратениците во германскиот Бундестаг со големо мнозинство и одобрија на Владата да се заложи за отворање пристапни преговори со Република Македонија. За предлогот гласаа и власта и дел од опозицијата. Во делот за земјава владејачката коалиција бара да се гарантира дека реформскиот курс и заокружувањето на потребните реформи ќе бидат одржани и се додава дека мора да се преземат дополнителни напори за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал и засилување на институциите за заштита и подобрување на човековите права.

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас ја поздрави одлуката на Бундестагот да даде зелено светло за старт на преговорите за членство на Македонија и на Албанија во ЕУ, и оцени дека поддршката е важен сигнал кој го подвлекува значењето кое Западниот Балкан го има за ЕУ и оти реформите се ценат.

Гласањето го поздрави и комесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија, Јоханес Хан.

– Го поздравувам денешното гласање на германскиот Бундестаг за почнување на преговорите за пристап на Северна Македонија и Албанија во октомври. Признавањето на конкретниот напредок е клучно како поттик за реформи во Западен Балкан и за кредибилитетот на ЕУ!, напиша еврокомесарот Хан на Твитер.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар смета дека одлуката што ќе биде донесена во октомври зависи како ќе бидат решени некои кризи и ситуации во регионот.

-Има некои ситуации во регионот, вклучувајќи ја и таа меѓу Косово и Србија. Мислам дека одлуката во октомври во иднина ќе влијае и на тие проблеми. Сакам да кажам дека регионот е поврзан, никој не е целосно независен. Успехот на една држава има влијание врз успехот на друга држава и обратно, изјави тој во интервју за ТВ Алфа. Во однос на СЈО, Жбогар посочи дека неговата работа и случаи мора да продолжи преку регуларните обвинителства.

Поддршка и зелено светло за почеток на пристапни преговори и од претседателот на Франција Емануел Макрон очекува францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние.

– Ние го очекуваме зеленото светло од нашиот претседател на Републиката. Како и секогаш, ние многу споделуваме со нашите германски партнери за оваа тема. Имаме добар став кон вашата земја и кон сите напори што таа ги направи на регионален план. Ние, Французите и Германците многу добро знаеме дека треба уште многу, многу работа за реформите што се на хартија да станат реформи во реалност. Ќе направиме еден убав коктел меѓу реалноста и она што значи добар прием. Реалноста која треба да се поправи и дополни и секако она што ние го очекуваме, а тоа е добар прием од наша страна, изјави Тимоние.

Државниот врв преку социјалните мрежи ја поздрави одлуката на германскиот Буднестаг кој гласаше за отворање на преговорите на нашата држава со Европската Унија.

Претседателот на државата Стево Пендаровски на својот Твитер профил се заблагодари за поддршката од Бундестагот. – Danke Deutschland. Со големо мнозинство гласови „за" пратениците во германскиот Бундестаг дадоа зелено светло за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, напиша Пендаровски на Твитер.

Премиерот Зоран Заев, кој е во Њујорк на 74. Генерално собрание на Обединетите нации, на својот Фејсбук профил заблагодарувајќи му се на Бундестагот оцени дека ова е голем поттик да продолжиме да работиме уште повеќе.

– Вечерва добивме прекрасна вест од Берлин. Бундестагот со огромно мнозинство даде поддршка за ЕУ да ги започне преговорите за членство со Македонија. Конечната одлука ја очекуваме во октомври, што ќе значи признание за граѓаните и институциите и за сите наши одлуки, напори и успеси. Ова е голем поттик, продолжуваме да работиме уште повеќе. Благодариме на сите пратеници во германскиот Бундестаг и на владиниот тим на канцеларката Ангела Меркел, напиша Заев на Фејсбук.

Вицепремиерката Шекеринска за МИА вели дека се прави сѐ за да биде донесен законот за јавното обвинителство, но дека она што е најважно и за власта и за Европската Комисија не е самото носење на законот, туку обезбедување услови за функционална правна држава.

-Самата Европска Комисија инсистираше на многу мудар „речник". Тие никогаш не се фокусираа на законот, туку се фокусираа на резултатите. А резултатите значеа дека мора да завршат не само истрагите и судските предмети, туку мора да се обезбеди да има одговорност за сите кривични дела коишто биле направени. И затоа фокусот беше делата, предметите, судските постапки, а не само проформа законот. Европската Комисија долго време ни ја праќа пораката немојте да мислите дека нам ни е целта само нов закон, изјави министерката за одбрана која учествуваше на Форумот за поврзаност на Европската Комисија.

Шекеринска уверува дека преговорите за законот со опозицијата ќе продолжи и таа изрази надеж дека опозициската партија ќе престане да биде „заложник на криминалот и корупцијата од минатото". /МИА

Уметничка акција за проблемот со јавните тоалети во Скопје

Уметникот Озбек Ајваз кај фонтаната во Градскиот парк во Скопје, го претстави неговото последно дело во соработка со архитектката Натали Велеска, кое е дел од проектот за проблемот со јавните тоалети во градот.

Со последната акција, прикажаа предлог решение, во вид на макета. Тоалетот би бил изведен од метална контрукција, обложен со дрвени панели, неговите димензии би биле минимални, за да биде поекономичен за масивно производство и за понатамошно одржување.

Екстериерот на тоалетот би имал зелени ѕидови со вертикално поставени растенија, кои би служеле како разубавување на градот и истите би се наводнувале преку поставениот дождовник од кровот на тоалетот.

од страната на макетата има прикажано мапа на Градот Скопје, со означени локации каде би биле идеалните места во градот каде што се најнеопходни највеќе тоалети за главниот град и општините. За овој проблем граѓаните постојано алармираат, но засега решение нема.

Како да се стави крај на врсничкото насилство кај младите?

Со свирчиња во рака децата и родителите денеска во Градскиот парк во Скопје го „кренаа гласот“ против врсничкото насилство.

На отворениот настан во рамки на кампањата на Макпетрол за спречување на врсничкото насилство присутните родители, баби и дедовци порачаа дека врсничкото насилство може да се спречи само со поголема едукација. Велат се започнува од домашното воспитување, но клучни во борбата против насилството се институциите како училиштата и градинките од кои бараат поголема ангажираност на оваа тема.

- Малце да се елиминира пристап до интернет на рана возраст и само муабет дома, правилно воспитување се решава. Децата се повеќе време таму во школо, во градинка така да многу влијае и тоа какви воспитувачи и учители имаат.

- Едукација, школи, семинари, едукација пред се.

- Мислам дека најмногу образовниот систем треба да работи на тоа, психолозите во школите, педагозите и ние од дома да ги советуваме да не прават такви работи.

На отворениот настан присутните се забавуваа со повеќе музички, сценски интерпертации и интерактивни содржини. Актерот Сашко Коцев на најмладите им порача доколку се соочуваат со насилство да се охрабрат и тоа да го споделат со родителите, наставниците, педагозите..

- Јас една едноставна и ведра порака што ја испратив е се ставив јас кога сум бил да кажеме жртва, едноставно која била мојата позадина да не соопштам на никого. Тоа е еден срам дека ќе испаднеш послаб па ќе кажат „еј тужакаш“ или ми било страв дека тие што те малтретираат ако кажеш ќе станат уште полоши. Само тоа сакав да ги охрабрам дека треба да кажат децата.- Сашко Коцев – актер

Врсничкото насилство или булингот се јавува во повеќе форми: физички, вербален, социјален а во поново време и сајбер булинг. Токму изминатиов период имаше најмалку два случаи на физички пресметки меѓу малолетници, кои беа снимени со телефон, од кој за еден сеуште се чека судска пресуда. Психолозите реагираат дека системското решение е во целокупниот образовен процес, но и во домот од каде децата учат од родителот како да се соочуваат со емотивно тешки состојби.

Повторно „никна“ импровизиран забавен парк кај салата Борис Трајковски

​Поставените реквизити за забава и адреналин на празниот простор пред спортската сала Борис Трајковски се без соодветна документација и дозвола која гарантира безбедност за посетитлите, соопшти Град Скопје. 

Градот извршил надзор и превземал мерки да го казни правното лице, но според градот правното лице Дизниленд Реквизити продолжиле да работат насилно.

Денеска се распоредуваа и се монтираа и останатите реквизити. Сопственикот на Дизниленд Реквизити за Канал 5 објасни дека тој се обратил до Град Скопје и општина Карпош но оттаму писмено му одговориле дека не се надележни за дозвола и сега не му е јасно зошто овие реакции од страна на Град Скопје. Од Дизниленд Реквизити велат дека ги имаат сите потребни гаранции и потребни тестови за поставување на опремата и исто така правен договор со приватното лице на земјиштето дека овој простор ќе го користат еден месец.

Од Град Скопје објаснуваат дека ги повикуваат сите надлежни институции да реагираат и да постапат во најкус рок зошто станувало збор за самоволие и дека е ставено во прашање безбедноста на децата. Од фирмата Дизниленд Реквизити пак најавија дека со адвокатите ќе бараат да се реши нивниот проблем со град Скопје.

притисни ентер