Присутните со едноминутно молчење им оддадоа почит на сите загинати бранители во 2001 година и на оние во 2015 година.
– Во име на сеќавањето и делото на вашите храбри и блиски чест ми е што можам да го прогласам овој меморијален турнир за отворен. Играјте во вистински спорски дух во име и спомен на сите наши бранители. Нека им е вечна славата на сите бранители на вооружените сили и татковината, рече министерката за одбрана.
Таа изрази благодарност до сите кои изминатите години се дел од овој меморијален турнир, што се одржува во чест на нашите бранители, кои ги дадоа своите животи за мирот и безбедноста на земјата.
-Сите искажани зборови се малку за да ја ублажат болката. Сето поминато време е кусо за таа болка да биде поподнослива. Да изгубите некој близок значи да се помести целото наше постоење, целиот наш живот, целата наша реалност. Се собираме на сите овие меморијални турнири за да кажеме дека нивната жртва нема да биде заборавена, ниту залудна, тие се причината зошто денес живееме во мир, денес можеме да размислуваме за интеграција, за перспективи за нови можности и за просперитет. Дозволете ми во мое лично име, но и во име на Владата да изразам длабока благодарност за нивната служба, пожртвуваност и храброст. Тие се наши херои сега и секогаш, рече министерката Шекеринска.
Владо Стојановски, претседател на Здружението на херои на Македонија истакна дека загинатите бранители како припадници на безбедносните сили застанаа во одбрана на својата таковина, бранејќи ги суверенитетот и интегритетот и несебично давајќи ги своите млади животи за слобода и мир.
Тој порача дека грешките од минатотот треба да бидат мудрост на иднината.
-Ќе останат запаметени вечно и ќе живеат во колективната свест на нашиот народ. Хероите не умираат, но нивната загуба се чувстува не само кај семејствата, туку и кај безбедносните сили и посакувме никогаш да не се потворат немилите настани. Со спортски игри, во спортски дух сплотени во добри дела независно од националната припадност, обединети со своите колеги и другари ќе заиграат на овој турнир, кој се одржува секоја година во соработка со Владата, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, како и армискиот синдикат и полицискиот синдикат, рече Стојановски.
Киро Трајковски, претставник на македонскиот полициски синдикат изјави дека ова се моменти кога со длабока тага се сеќаваме на нашите херои и во име сите членови на синдикатот изрази благодарност за нивното херојско дело./МИА