Опозицијата бара во дебатата за законот за ЈО да се вклучат експерти и меѓународната заедница

ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на пладневниот состанок во Собранието за законот за јавно обвинителство.

Од партијата велат дека ќе инсистираат на јавна расправа во која ќе биде вклучена експертската јавност и претставници на меѓународната заедница.

-ВМРО-ДПМНЕ се противи на носење противуставен закон и нема да дозволи закон кој треба да овозможи контролирано обвинителство со цел Заев да не одговара за сомнежите на криминал и воспоставениот хибриден режим, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска повторно ги повика сите политички субјекти, пратенички групи и независни пратенички групи да преземат одговорност во донесувањето на законот за јавно обвинителство, и како што рече, да бидат решавачки фактор кога е во прашање правната држава и европската иднина на земјава.

– Особено ја повикувам опозицата да се надмине себеси со прифаќање на законско решение за јавно обвинителство, да докаже дека е против криминалот и дека е за владеење на правото, рече Заев и додаде дека носењето на законот за ЈО ја гарантира европската иднина на државата.

Нагласи дека од страна на високи претставници на ЕУ се повеќе се нагласува потребата за носење на овој закон и се поврзува со датумот за отпочнување на преговори со Унијата.

Партиските работни групи за законот за јавно обвинителство попладне во 16:00 часот ќе одржат нова средба во Собранието Република Македонија, потврдија за МИА од Министерството за правда.

На средбата се поканети претставници на сите пратенички групи. /МИА

Состојба на патиштата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

ЦУК: Осум пожари на отворено во изминатото деноноќие

Во последното деноноќие се евидентирани осум пожар на отворен простор, а активни утрово нема. Горела ниска вегетација, депонии и ѓубришта, соопшти ЦУК.

По еден пожар на отворено имало во село Трубарево (ниска вегетација), зад терминалот на влезот во Струмица (ѓубриште) и кај пробиштипското село Неокази (трска). Во Општина Ѓорче Петров имало два, кај „Стопански двор“ (ниска вегетација) и кај „Обиколница Волково“ (ниска вегетација). Три пожари на творено имало во Општина Кочани - горела градската депонија, кај месноста „Монополски Бавчи“ (ѓубриште) и кај местото „Игралиште“ во Кочани (ѓубриште).

Танц парада и мини концерт во Струга по повод Светскиот ден на танцот

Со танц парада и мини концерт на отворено, под мотото „Струга танцува“ студиото за танц „Бах“ денеска по четврти пат ќе го одбележи Светскиот ден на танцот - 29 април.

Тања Бах, кореограф и идеен творец на студиото за танц информира дека членовите на „Бах“ ќе тргнат од центарот за култура „Браќа Миладиновци“, покрај кејот на реката Црн Дрим ќе продефилираат низ Струшката чаршија, а потоа ќе одржат концерт во Паркот на поезијата.

-Танц парадата е еден креативен начин да го одбележиме Светскиот ден на танцот. Парадата е нашиот придонес во културните настани во градот на мостовите. Ќе приредиме едно вистинско уживање за публиката и на за нас својствен начин ќе потсетиме за физичките и психичките придобивки од танцувањето, изјави Бах.

Во Паркот на поезијата, додаде, 100-тината членови на „Бах“ ќе ја продолжат танцовата традиција во Струга.

Светскиот ден на танцот за прв пат е прославен на 29 април 1982 годинаа, оттогаш, секоја година на овој ден ширум светот се читаат меѓународни и национални пораки за танцот. Оваа иницијатива ја покрена Меѓународниот одбор за танц на Меѓународниот инститиут за танц на УНЕСКО, а го избра денот според роденденот на зачетникот на модерниот балет и еден од најголемите танцови реформатори, Жан Жорж Новер. /МИА

притисни ентер