ОН: Отстранувањето на експлозивните направи во Газа ќе трае 14 години

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦА) соопшти дека отстранувањето на бомбите и другите видови неексплодирани убојни средства во Газа може да потрае 14 години.

Според проценките на ОН, за време на војната низ Газа биле создадени 37,5 милиони тони урнатини, од кои повеќето биле од бомби и други видови муниција кои не експлодирале.

ОЦА наведува дека околу два милиона луѓе или половина од населението на Газа нашле засолниште во Рафа. Тие имаат потешкотии да пристапат до основните потреби, како што се здравствената заштита, чиста вода и санитарни јазли.

Во извештајот на OЦA се додава соопштение од водоводните претпријатија од крајбрежните општини во Газа, во кое се предупредува дека водоводните и канализациските системи се блиску до целосен колапс.

Во Иран покрената истрага за падот на хеликоптерот на претседателот Раиси

Началникот на Генералштабот на иранската армија, генерал-мајор Мохамад Багери, назначи делегација за истрага на случајот со хеликоптерската несреќа во која беше иранскиот претседател Ебрахим Раиси.

Истрагата која веќе започна на местото на инцидентот ја води генералот Али Абдолах, а резултатите ќе бидат објавени по нејзино завршување, пренесува ИРНА.

Како што беше претходно објавено, се верува дека причина за падот на хеликоптерот во кој се наоѓаше иранскиот претседател Раиси е технички дефект на леталото.

„Раиси маченички настрада во неделата како последица на хеликоптерска несреќа што се случи поради технички дефект на авионот“, објави иранската државна новинска агенција ИРНА, не прецизирајќи каква е природата на дефектот на хеликоптерот.

Погребните обреди за иранскиот претседател, министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан и другите кои загинаа во хеликоптерската несреќа ќе се одржат денеска во Табриз, главниот град на Источен Азербејџан, во 9:30 часот по локално време.

Телото на Раиси подоцна ќе биде пренесено во Техеран, пред да биде погребано на 23 мај во неговиот роден град Машхад, во североисточниот дел на Иран.

Хеликоптер со иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се урна во неделата во северозападниот дел на Иран, при што загинаа уште шест лица.

Израелската армија тврди дека убила командант на Хезболах

Израелската армија соопшти дека убила командант на Хезболах во воздушен напад во либанскиот регион Тир.

Во соопштението на израелската војска објавено на Х се наведува дека Касим Саклави е „командант на единиците за ракети и проектили во крајбрежната дивизија“ на групата.

Исто така, се тврди дека е одговорен за планирање и извршување на ракетни и противтенковски напади врз Израел од крајбрежната област на Либан.

Хезболах ја објави неговата смрт по нападот без да ја спомене неговата локација.

Ретка вселенска снимка од месечината Амалтеја крај Јупитер

 Сондата „Џуно“ на американската Национална воздухопловно-вселенска администрација - НАСА го сними Јупитер за време на 59-то блиско минување покрај џиновската планета. 

На една слика од Големата Црвена Дамка, неочекувано, се гледа и малата месечина Амалтеја...

Телото е со пречник од само 84 километри, и на снимката се наоѓа веднаш до Црвената Дамка.

Амалтеја, инаку, е еден од најтоплите објекти во Сончевиот Систем и досегашните набљудувања покажуваат дека испушта повеќе топлина отколку што прима од Сонцето. Ова можеби се должи на моќното магнетно поле на Јупитер, поради што набојот на електрични струи во јадрото на оваа месечина е поголем.

Откритието од фотографиите е на независниот научник Џералд Ајхштат, кој користел необработени податоци од камерата „Џунокам“ на сондата.

Леталото „Џуно“ кружи околу Јупитер веќе седум години. Леталото го проучува потеклото и развојот на таа планета со набљудување на нејзиното јадро, мапирање на магнетното поле, мерење на нивото на вода, на амонијакот во атмосферата итн. Меѓу откритијата е и тоа дека на планетата има слоеви вода под облаците и ветровите. „Џуно“ ги проучува и природните сателити и прстените на Јупитер.

Мисијата се очекува да трае уште една година, додека не изгори кога ќе се приближи премногу до атмосферата на големата гасовита планета.

притисни ентер