Акцијата „Адитив“ на МВР и ОЈО ГОКК за криминалот со јавните набавки на адитиви за две термоелектрани, како и за перење на пари во земјава резултираше со приведување на 21 лице. По двајца се уште се трага, велат од МВР, а едниот од нив екс-директорот на ЕСМ – Васко Ковачевски кој е надвор од земјава уште од октомври. При претресите извршени од полицијата пронајдени се 130.000 кеш кај три лица, како и голем број на материјални докази, односно документација, велат од МВР. Од таму се наведува, дека кривично пријавените свесно ги повредиле прописите за јавен повик и ја изиграле постапката за доделување на договори за јавна набавка.
„Дел од организаторите и припадниците на злосторничкото здружение, со намера да прибават за себе или за друг значителна имотна корист не ја извршувале својата службена должност како службени лица вработени во АД ЕСМ Скопје, Подружница РЕК Битола со што овозможиле пријавеното правно лице од Скопје да го добие договорот за јавна набавка за набавка на адитиви за потребите на РЕК Битола, за потребите на РЕК Осломеј и да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 6,463,349 евра.“
Информацијата утринава ја потврди и премиерот Мицкоски, кој кажа дека Ковачевски не е во земјата, но дека ќе биде вратен.
„Многу докази се најдени, но тоа ќе го оставам на обвинителство, потоа понатаму на судовите, мора да веруваме на презумпцијата на невиност. Но, тоа што е најдено е навистина загрижувачки. Дали Ковачевски е во државата? Не, не е во државата подолго време, но очекувам да го обезбедиме и да го вратиме во државата.“
Покрај Ковачевски, имињата кои се истакнуваат меѓу осомничените се и Васко Стефанов, исто така поранешен директор на ЕСМ, кој со поранешениот шеф на РЕК Битола П.М се наведуваат дека помагале да се злоупотреби постапката за јавни набавки. Меѓу осомничените е и екс-комерцијален директор на ЕСМ, А.М кој се сомничи за злоупотреба на службената положба, односно овозможил значителна имотна корист за друг преку неизвршување на својата должност.
Ковачевски пред речиси две години при гостување во „Само интервју“ беше прашан за став околу обвинувањата од тогашната опозиција дека се прави криминал во ЕСМ, но децидено демантираше.
„Има ли нешто за што би требало да се грижите доколку се промени власта? „ВМРО-ДПМНЕ е опозиција и бара секаков начин да стигне до власт, не само за енергетиката, гледате и за другите политички состојби во државата. Она што можам да го кажам, е дека крајно одговорно и транспарентно, не секое евро, него секој денар во компанијата“
Според неофицијалните информации, на осомничените за кои постојат основи дека переле пари ќе им биде замрзнат стекнатиот имот од 2022 година до сега.