- По медиумските наводи на министерот за одбрана во Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, оформен е предмет во Одделот за тероризам на Обвинителството на Босна и Херцеговина“, потврди портпаролот на Обвинителството Борис Грубешиќ, за сараевските медиуми.
Тој изјави дека Хелез ќе биде повикан во Обвинителството да даде изјава и да ги изнесе сите информации, докази и факти со кои располага.
- Потсетуваме дека сите институции, носители на функции, како и граѓаните имаат законска обврска да ги пријават до надлежните институции сите информации за сторени кривични дела, како и за сторителите, рече Грубешиќ.
Хелез претходно изјави дека „паравоените кампови, управувани од луѓе од Русија, се наоѓаат во областа Рогатица и планината Маглиќ“ и дека има докази за тоа.
Градоначалникот на Рогатица Милорад Јагодиќ ги демантираше изјавите на министерот за одбрана на Босна и Херцеговина за постоење на воени кампови на подрачјето на таа општина, нарекувајќи ги „лаги кои само болен ум може да ги измисли“.
– Неверојатно е дека еден ваков човек може да биде во толку сериозна позиција. Со ваквите постапки и манипулирање со јавноста не придонесува за стабилизирање на ситуацијата во Босна и Херцеговина. Особено што вели дека има и слики, напиша Јагодиќ на својот Фејсбук профил.
Тој додаде дека Рогатица и Маглиќ „не се џунгла“ што не може да се провери секој ден и да види што се случува на тој простор.
- Чисти лаги на човек, кој има само една задача, а тоа е да шири вакви дезинформации и да прави вакви валкани работи, изјави градоначалникот на Рогатица. /МИА