Обилни снежни врнежи во Турција: затворени училишта и спасени стотици граѓани

Поради обилни снежни врнежи и други неповолни временски услови, наставата во училиштата е прекината во 20 од 81 турска провинција, како и во одредени региони од уште пет провинции, пренесува Си-Ен-Ен Турк.

Училиштата денеска остануваат затворени во Самсун, Кајсери, Нигде, Невшехир, Болу, Гумушане, Бајбурт, Јозгат, Токат, Сивас, Кахраманмараш, Ерзинџан, Киршехир, Кастамону, Караман, Малатија и други области.

Во провинцијата Малатија, на истокот на земјата, од снежни наноси биле спасени 787 граѓани. Во округот Хекимхан, спасувачите извлекле пет овчари завеани на планина, но еден од нив подоцна починал во болница.

Работите на расчистување на патиштата и спасување на граѓаните продолжуваат.

ФЗО: Граѓаните да не наседнуваат на лажни пораки пишувани во име на Фондот

Граѓани добиле лажни е-маил пораки во име на Фондот за здравствено осигурување, од ФЗО апелираат да не се наседнува на лажните пораки, за да не бидат злоупотребени лични податоци и трансакциски сметки.

- Фондот за здравствено осигурување на Македонија има сознанија дека се појавија лажни пораки што им се праќаат на граѓани по електронски пат, на е-меил, а како да е од ФЗО. Во лажните пораки, што не се испратени од е-меилот на ФЗО, им се укажува на граѓаните дека, наводно, системот со управување на трансакции на Фондот препознава дека треба да добијат исплата за рефундација на средства по што треба да кликнат на одреден линк, појаснуваат од ФЗО во денешното соопштение.

Фондот им укажува на граѓаните да не наседнуваат на ваквите лажни пораки за да не бидат злупотребени нивните лични податоци и трансакциски сметки, а доколку се во можност, да пријават во Службата за компјутерски криминал во Министерството за внатрешни работи.

- Фондот веќе го пријави случајот во МВР, потенцираат оттаму.

Почина владиката Тимотеј

Владиката Тимотеј изминатите неколку дена бил хоспитализиран поради сериозни проблеми со срцето.

Дебарско кичевскиот Митрополит Тимотеј, починал денеска во болница.

Неговото заминување е голема загуба за Македонската православна црква и за верниците, кои ќе го паметат како духовен лидер и посветен пастир.

Митрополит Тимотеј беше роден во 1951 година во Младо Нагоричане, кумановско, со световно име Славе Јовановски.

За архиереј на МПЦ-ОА е избран во 1981 година.

Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто

Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок.

Ќе се бориме до последно да нема ниту 3-процентно покачување на цената на електричната енергија на регулираниот пазар по 1 јануари. Максимумот што може да се случи е да има покачување на цената од 3 проценти во третиот и четвртиот блок, а во првиот и вториот блок, каде што се најголемиот број од потрошувачите, да нема никакво покачување, вети денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-За нас е најлесно да ја покачиме цената и граѓаните да добијат сметки коишто ќе бидат 20-30 проценти повисоки од тие коишто ги имале досега. Тоа е најлесно и сега ние сме виновни зошто не ги покачуваме сметките. Мислам ова не можам да го разберам како порака од опозицијата, а не ги покачуваме затоа што грчевито се бориме да ја стабилизираме состојбата во енергетиката. Ако настапуваме неодговорно и не се бориме и да ги покачиме сметките 20-30 проценти се ќе поскапи. Замислете што ќе се случи и каков шок ќе биде тоа во делот на инфлацијата, изјави Мицкоски во одговор на прашање по поставувањето камен-темелник на нова детска градинка во скопската населба Расадник во општина Кисела Вода.

Се бориме грчевито, додаде, бидејќи тоа што го наследивме во АД ЕСМ е апокалиптична ситуација.

-Колку што сум информиран и финансиската полиција и МВР и други институции се бават со тоа што се правело многу години наназад и многу скоро од денеска ќе се излезе со јасна информација, порача Мицкоски.

Најави дека ќе се оптимизира производство кое што зависи од АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ.

-Приходите во АД ЕСМ не се само од продажбата на електрична енергија која што оди кон АД ЕВН, тука се и системските услуги кон МЕПСО. Знаеме од прилика колкави се приходите и оперативните расходи. Ценам дека ќе направиме се да ги оптимизираме и да нема покачување на цената на електричната енергија ниту до тие 3 проценти. Ако мора да се покачи во некои од блоковите, можеби би имало некакво интервенирање во третиот и четвртиот, прецизира Мицкоски.

Тоа го правиме, нагласи, затоа што навистина сакаме на граѓаните да не им го отежнуваме и онака тешкиот живот.

-Ги намаливме трошоците, од прилика за 15-20 проценти на старите долгови, добивме попуст, а новите тендери се од прилика од 15-20 проценти поевтини од тие порано. Е сега вие замислете каде оделе тие 15-20 проценти. Од тоа што го имам како информација точно се знае каде оделе, а многу брзо и јавноста ќе дознае, но ние тоа успеавме да го спуштиме, да го оптимизираме приходот, да ја оптимизираме работата на најголемиот енергетски комбинат РЕК Битола и мислам дека успеваме во сето тоа. Во делот на гас добивме многу пониска цена од таа што се купувала, заштедивме тука 4-5 милиони евра, генерално преку оние попусти коишто ги работевме исто така околу 5-6 милиони евра досега, можно е и уште повеќе да дојдеме до 8-9 милиони евра и на тој начин го оптимизираме и производното и приходното портфолио, појасни Мицкоски.

притисни ентер