Обезбеден буџет за изградба на Турскиот театар-Скопје, завршени покривот и фасадата на објектот

Надворешноста на новиот објект на НУ Турски театар-Скопје – неговата фасада и покрив се завршени, и проектот за изградба продолжува во трета фаза во која ќе бидат поставени внатрешни инсталации за што е во тек јавна набавка за избор на изведувач.

Објектот во изградба денеска го посети министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која по увидот искажа задоволство затоа што, рече, процесот на градежните активности се одвива професионално, стручно и квалитетно и е „забележителен напредокот во изградбата на објектот особено фасадата и покривот“.

За сѐ што досега е реализирано биле издвоени 4,4 милиони евра или 274 милиони денари, а со новите инвестиции на Министерството за култура процесот ќе се финализира и, нагласи министерката, „наскоро очекуваме публиката да има нов театар“.

Гаранција дека театарскиот ансамбл наскоро ќе има свој дом, рече Костадиновска-Стојчевска, е обезбедена со одлуката на Владата за тригодишно континуирано финансирање на проектот за Турскиот театар.

-Министерството за култура во три буџетски години – 2024, 2025, 2026, продолжува непречено да го финансира проектот за што се проектирани средства во износ од 6,1 милиони евра односно 380 милиони денари. Од буџетот на Министерството за култура за оваа година се обезбедени 1,7 милиони евра или 104 милиони денари. Со овие средства ќе се комплетираат градежните зафати, поставувањето инсталации, уредувањето на ентериерот и ќе се обезбеди стручен надзор за театарот да го добие својот облик и форма за да можат вработените низ уметничкото творештво да придонесат во уште поголема афирмација на македонската културата, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Нагласи дека оваа институција повеќе од седум децении придонесува за популаризација и афирмацијата на турската, но и севкупната култура.

-Затоа е потребен нов, современо опремен театар, достоен за реномето кое го имате и за целите што ги поставувате, рече министерката. Додаде дека активно се работи на реконструкција на голем број културни центри во земјава, а Владата е одлучна, рече, да ги заврши сите започнати објекти од културата со максимален квалитет и транспарентна постапка.

Директорката на Турски театар-Скопје, Ајлин Емин Скоро, соопшти дека втората фаза од изградбата е завршена и ќе се отпочне со третата фаза – внатрешните инсталации.

-Веќе е во тек јавната набавка која чекаме да заврши во законски рок, да се одреди изведувачот и веднаш да се почне со внатрешните инсталации – механиката, електриката, водовод и канализација. Објектот е замислен како културен центар кој ќе ги унапредува и афирмира јазикот и култура на турскиот народ тука, и во него ќе функционира и новоформираната национална установа Турски културен центар со галерии, изјави директорката на оваа национална установа.

НУ Турски театар-Скопје постои 74 години и до пред десетина години работеше во ист објект со Албанскиот театар-Скопје во тогашниот Театар на народностите. На таа локација во новоизграден објект сега работи Албанскиот театар-Скопје, а за Турскиот театар во 2015 почна изградбата на нова театарска зграда во близина на Железниччката станица. Додека трае изградбата на Турскиот театар, во изминатите десет години ансамблот ја дели сцената и работи под ист покрив со Театар Комедија.

Мадона на Копакабана ќе настапи пред 1,5 милиони луѓе за финале на големата турнеја

Планетарна ѕвезда, град од соништата, легендарна плажа. Вечерва Мадона ќе се појави пред обожавателите во Рио де Жанеиро на монументален и бесплатен концерт на плажата Копакабана.

На најголемиот концерт во кариерата на поп-кралицата се очекуваат околу 1,5 милиони луѓе. На 65-годишна возраст, американската поп-ѕвезда на тој начин со голем стил ќе ја затвори турнејата The Celebration Tour, одбележувајќи 40-годишна кариера.

На крајот на убавиот есенски ден обележан со летни температури, во самракот ќе светне најголемиот подиум за танцување на светот со настап на неколку диџеи. Нешто пред 22:00 часот (3 часа по средноевропско време) Мадона ќе пешачи директно до плажата и сцената преку мост, поставен специјално за оваа прилика.

По 80 концерти во Европа, Северна Америка и Мексико, настапот во Рио ќе биде големото финале. Атмосферата покрај плажата е празнична и потсетува на опуштената атмосфера на карневалот во Рио. Две јавни проби, во четвртокот и петокот навечер, привлекоа голем број фанови.

Мадона пристигна со три авиони и 270 тони опрема, а нејзиниот концерт ќе донесе околу 53 милиони евра за локалната економија, пресметале градските власти.

Руски хакери ги нападнале Германија и Чешка, реагира и Полска

Полска денеска ги осуди наводните сајбер напади на руската група наречена АПТ28 врз Германија и Чешка, велејќи дека и самата била погодена.

Полска изразува солидарност со Германија и Чешка поради сајбер нападите врз нивните демократски институции и политички партии, се вели во соопштението на полското Министерство за надворешни работи.

Германија вчера ја обвини Русија дека извршува сајбер напади врз нејзината владејачка партија, воздухопловните и одбранбените компании и цели во други земји и предупреди на неодредени последици. „Полска, која беше една од целите на (групниот) напад АПТ28, силно ги осудува повторените, неприфатливи и штетни активности извршени од руски актери во сајбер просторот“, се вели во соопштението.

Во соопштението не се наведени никакви детали за нападот. „Соочена со сè поголемите закани во сајбер просторот, Полска активно работи на заштита на критичната инфраструктура, градење отпорност и зајакнување на сајбер-одбраната.

Ковачевски: Ако ДПМНЕ се дограбат до власт, можеме да се збогуваме со ЕУ

Обраќајки се на присутните на вечерашниот митинг во Македонски Брод, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски, посочи дека не смееме да ја повториме грешката од минатото.

Обраќајки се на присутните на вечерашниот митинг во Македонски Брод, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски, посочи дека не смееме да ја повториме грешката од минатото и да ѝ дадеме преголема моќ на десничарска партија како ВМРО-ДПМНЕ, потсетувајќи ги дека сѐ уште се свежи раните што ѝ ги нанесоа на државата за време на нивното 11-годишно владеење.

„Денес сите ја видовте изјавата на претседателот на ЕС, Шарл Мишел, кој јасно порача и ЕУ и земјите кандидати да бидат спремни до 2030 година за прием. Не ги слушајте што зборуваат од ВМРО – ДПМНЕ дека проширување нема да се случи. Така зборуваа и за НАТО и мораше СДСМ да дојде на власт, за да влеземе во НАТО. Така зборуваа и за отпочнување на преговорите со ЕУ, па мораше СДСМ да дојде за да отпочнат преговорите со ЕУ. Ако тие дојдат до власт, 2030 година ќе ги гледате Црна Гора и други држави како седнуваат на столчињата во Брисел, а нашето повторно со ВМРО ќе остане празно. Изборот е ваш, почитувани граѓани! Или ќе живееме во лоша реприза од тоталитарното владеење на Груевски и неговата екипа или сите заедно ќе изградиме слободна, просперитетна и европска иднина. “, изјави Ковачевски.

Ковачевски вели и дека доколку ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска се дограбат до власт, ќе стават рампа на патот кон Брисел и може да се збогуваме со Европската Унија.

„Слушнете ги само изјавите на Мицкоски и неговата кандидатка Силјановска и ќе ви стане јасно дека немаат никаква намера да ја водат државата кон ЕУ. Напротив, ќе нè изолираат, ќе нè затворат, ќе нè скараат и со соседите и со меѓународната заедница“, вели Ковачевски и ги потсети граѓаните дека изборот на 8 мај е во нивни раце и само тие одлучуваат во каква Македонија сакаат да живеат.

„Јас можам цврсто да ви гарантирам дека СДСМ никогаш нема да се откаже од европска Македонија и ќе работиме сè додека таа цел не стане реалност“, порача Ковачевски.

Ковачевски ги повика граѓаните да гласаат за силен СДСМ во собранието и да не дозволат државата повторно да падне во изолација и да биде раскрчмена од Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ.

„Нашата мисија е Македонија да продолжи цврсто да гази по патот кон Европа и чекор по чекор да изградиме подобра иднина за сите“, заклучува претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер