Нови рочишта за „ТНТ", „Талир 2" и „Ласкарци"

Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска се закажани рочишта за случаите „ТНТ", „Талир 2" и „Ласкарци".

Предметот „ТНТ" го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци предложени од одбраната.

Во предметот „ТНТ", кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос" на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос" на Фијат Цаноски.

Случајот „Талир 2" го води судијката Даниела Алексовска Стојановска, а застапник на обвинението е Ленче Ристоска од ОЈО Скопје.

Во „Талир 2" се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, кои, според обвинението на СЈО, со злоупотреба на службената положба овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање политички партии и Законот за облигациони односи.

Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.

Во судот денеска треба да се одржи ново рочиште и за случајот за автобуската несреќа кај Ласкарци, откако минатото рочиште се одложи поради здравствени проблеми на еден од обвинетите.

За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, шест лица се обвинети. Тие се обвинети за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. /МИА

Народна банка: Натамошно забавување на инфлацијата

Натамошно забавување на инфлацијата, при што на среден рок ќе се врати кон историскиот просек од 2 проценти.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка (СБ), Делегацијата на ЕУ (ДЕУ), Обединетите нации (ОН), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), како и на дипломатските претставништва на Бугарија, Кина, Косово, САД, Словачка, Унгарија, Холандија, Швајцарија, Шпанија и Шведска, соопштија од Народната банка.

Во презентацијата било наведено дека се предвидува натамошно забавување на инфлацијата, којашто минатата година се сведе на едноцифрено ниво, во согласност со остварувањата во првиот квартал оваа година, со просечна годишна стапка од 3,4 отсто, коишто се пониски од октомвриските проекции.

Се предвидува дека просечната инфлација за 2024 година ќе забави сведувајќи се на 3,5 отсто, од 9,4 отсто минатата година, одразувајќи го натамошниот пад на цените на нафтата и храната на светските пазари, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и затегнатите финансиски услови.

На среден рок, се очекува натамошно забавување на инфлацијата и нејзино сведување на историскиот просек од околу 2 проценти.

-Сепак, ризиците околу инфлацијата сѐ уште постојат и се поврзани главно со цените на примарните производи, промените на регулираните цени, како и со политиките на страната на побарувачката. Притоа, гувернерката истакна дека засега е задржана определбата за претпазливост во монетарната политика, а идните промени ќе зависат од трендовите на девизниот пазар и движењето на инфлацијата и инфлациските очекувања, како и од поставеноста на ЕЦБ, се вели во соопштениет од Народната банка.

Осврнувајќи се на останатите макроекономски показатели, гувернерката посочила дека при раст на глобалната економија, а особено на нашите трговски партнери, се очекува дека македонската економија ќе расте со стапка од 2,6 проценти оваа година и 3,6 проценти во следната година, а потоа растот умерено ќе забрза на среден рок. При проектирани солидни нето-приливи на финансиската сметка, коишто би го надминале умерениот дефицит на тековната сметка, се очекува натамошен раст на девизните резерви, како гаранција за стабилноста на девизниот курс.

-Глобалните услови и натаму се неизвесни и непредвидливи, што создава ризици за економскиот раст, инфлацијата и екстерната позиција, нагласувајќи ја потребата за водење претпазливи домашни макроекономски и структурни политики. Народната банка внимателно, на дневна основа, и натаму ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок, се посочува во соопштението.

Мицотакис: Секогаш се стремиме кон добри односи со соседна Турција

Секогаш се стремиме кон добри односи со нашиот сосед. 

Но, како што добро знаете дека Грција не отстапува од своите цврсти позиции и секогаш самоуверено ќе го брани својот национален суверенитет и суверените права, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во однос на средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во понеделникот, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи пред граѓаните во областа Еврос, за време на вчерашната негова посета, Мицотакис посочи дека секојпат кога е во конкретниот регион се сеќава на два настани, за кои рече дека „засекогаш ќе останат врежани во неговата меморија“.

Едниот е пожарите во Еврос, а вториот, настаните од март 2020 година со проблемот со мигрантите, за што истакна дека успеаја да ги заштитат границите на Грција и Европа, а „резултатот се гледа и денес“.

-Грција можеби е единствената земја во Европа во која мигрантското-бегалското прашање не е предмет на предизборна дебата. Зошто; Затоа што едноставно успеавме и го контролиравме проблемот. Ефикасно ги заштитивме нашите граници, ја завршивме нашата работа и ја почитувавме нашата обврска кон грчките граѓани, порача Мицотакис.

Наредната недела се планирани состаноци во сдсм и ИО за свикување отчетен конгрес

Извори од СДСМ за Канал 5  брифираат дека во тек се подготовки за процесите што ќе се случуваат во партијата, согласно статутарните постапки и она што беше јавно соопштено досега, по изборите.

Наредната недела се планирани состаноци на раководството на СДСМ и Извршниот одбор за отпочнување на постапката за свикување отчетен Конгрес, согласно Статутот на партијата. На отчениот Конгрес ќе се рагледаат причините за изборниот резултат, спроведените анализи и поднесените извештаи за работењето на партијата. Согласно Статутот, се очекува на отчениот Конгрес да бидат дефинирани рокови и начин на спроведување на внатрепартиски избори. Процесот на обнова ќе биде на сите нивоа, ќе се избира претседател, заменик претседател, раководство, сите органи и тела на партијата на централно и локално ниво, согласно Статутот на СДСМ.

притисни ентер