Стопанската комора на Македонија и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска потпишале Меморандум за соработка во борбата со корупцијата. Како што соопшти Комората, иницијативата е дел од проектот „Граѓаните против корупцијата“ поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).
-На состанокот, кој се одржа во просториите на Стопанската комора, беа презентирани активностите на Стопанската комора во рамки на проектот, вклучително и резултатите од анкетата што Комората ја спроведе за изложеноста на компаниите на коруптивни барања од јавниот сектор во 2023 година. Беше дискутирано и за обуките за бизнис интегритет, кои се дел од проектот, а опфаќаат поставување систем за интегритет во компаниите, усогласување со меѓународните и европските стандарди, примена на мерки за спречување на корупцијата и поттикнување на етичка деловна средина, соопшти Стопанската комора.
Меморандумот за соработка го потпишале претседателот на Комората, Бранко Азески, и претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска. Тој предвидува одржување средби меѓу претставниците на двете институции, со можност за вклучување компании членки на Комората и други релевантни институции со надлежности за спречување на корупцијата.
-Оваа рамка за соработка опфаќа учество во работни групи заради промена на законска и друга регулатива од областа на спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и учество во изготвувањето на новата национална стратегија за спречување на корупцијата и имплементација на активностите од истата. Меморандумот предвидува соработка при реализација на настани - јавни дебати, работилници, конференции, тренинзи насочени кон зголемување на свеста кај јавноста за прашања поврзани со спречување на корупцијата и јакнење на интегритетот, се наведува во соопштението.
Стопанската комора информира дека Програмата „Граѓаните против корупцијата“ е предводена од Македонскиот центар за меѓународна соработка, поддржана од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), а се реализира преку Конзорциум на разновидни учесници, меѓу кои и Комората како претставник на приватниот бизнис-сектор.