Нема ново заразени со конго-кримска треска

Освен болничарката што сè уште е хоспитализирана на Инфективна, ниту еден од четириесетмината што се под здравствен надзор нема пројавено симптоми на конго-кримска хеморагична треска, потврдуваат надлежните.

Додека засега состојбата на болничарката е стабилна, а од Инфективната Клиника велат дека веќе е стигната и антивирусна терапија за тешки форми на зарази, која не е исклучиво наменета за конго кримска треска оти таква не постои.

-Веднаш е побарано, обезбедена е и донесена терапија, антивирусна, бидејќи сопортивна секако имаме. Имаме и антивирусна, меѓутоа одлуката да се ординира ваквата терапија е зависна од состојбата на пациентката. Пациентката денеска е веќе во седмиот ден од болеста, со оглед на тоа што болеста си има своја еволуција на развој ние ја следиме. Таа е во добра состојба, а параметрите мора да се следат постојано за да не дојде до влошување. Пациентката сега е одлично, се поздравивме утрово, добра е, вели Добринка Наунова Јовановска – Клиника за инфективни болести.

Инфектолозите објаснуваат дека дел од нивните колеги кои биле во контакт со веќе починатата 27-годишна жена од штипско не се во изолација или во карантин бидејќи вирусот не се пренесува лесно, односно преку воздухот, здравствениот надзор е само детално следење на состојбата која не вклучува забрана за движење.

-Изолација се прави онаму каде што е можно аеро-капково пренесување на инфекција, како што е короната. Во таков случај и во нашиот разговор сега има ризик. Но кај овој тип на инфекција, патот на пренос е различен, таков тип не е возможно да се пренесе преку воздух, затоа на таквите контакти се врши надзор, а не изолација. Оваа болест не се пренесува така едноставно, туку преку заразени материјали од пациент, крв, најчесто од крлеж. Нема забрана за движење, да не се мешаат работите. Изолација е едно, карантин сосема друга, а надзорот е трета работа, истакна Добринка Наунова Јовановска – Клиника за инфективни болести.

За заштита од оваа зараза епидемиолозите препорачуваат мерки за превенција помеѓу кои клучно е во шумски предели или секаде каде што има крлежи, да не се оставаат откриени делови од телото, а дополнителна заштита се и спрејови против крлежи и инсекти со посебна состојка, кои можат да се нанесуваат на гола кожа.

Кабинетот на Штајнмаер : На Османи ѝ беше кажано дека се потребни конкретни чекори за ЗСО

Сојузниот претседател дополнително ја подвлече важноста од конкретни чекори кон формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство од страна на косовските власти“, изјавија за „Газета експрес“ од канцеларијата за медиуми на германскиот претсе

Кабинетот на германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмаер потврди во изјава за порталот „Газета експрес“ дека тој, во телефонскиот разговор со неговата косовска колешка, Вјоса Османи нагласил дека за зачленување на Косово во Советот на Европа потребни се конкретни чекори во правец на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) во Косово.

Во изјавата за приштинскиот портал се вели дека претседателот Штајнмаер ја истакнал поддршката на Германија за евроинтеграциите на Косово, за апликацијата на Косово во Советот на Европа, за значењето на продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ, како и за целосна имплементација на Охридскиот договор.

„Во телефонскиот разговор со претседателката на Косово, Сојузниот претседател на Германија ја истакна поддршката на Сојузната влада за европската интеграција на Косово, апликацијата на Косово за членство во Советот на Европа, како и значењето на продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија со посредувањето на ЕУ и на целосното спроведување на Охридскиот договор. Сојузниот претседател дополнително ја подвлече важноста од конкретни чекори кон формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство од страна на косовските власти“, изјавија за „Газета експрес“ од канцеларијата за медиуми на германскиот претседател.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Османи на 15 мај објави дека ден претходно имала телефонски разговор со германскиот колега, при што ја истакнала големата важност за успешно завршување на процесот за членство на Косово во Советот на Европа.

„Вчера разговарав со претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, за да дискутираме за членството на Косово во Советот на Европа. Ја истакнав критичната важност за успешно завршување на овој процес, да обезбедиме што поскоро корист за сите наши граѓани од инструментите на Советот. Нашето членство не само што би било победа на човековите права во Косово, туку и победа на нашиот континент и на вредностите на кои тој цврсто стои“, објави косовската претседателка на својата официјална страница на „Икс“ на 15 мај.

Телефонскиот разговор меѓу Османи и Штајнмаер се случи неколку дена пред состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа и кога беше познат цврстиот став на Владата на канцеларот Олаф Шолц дека Косово треба да преземе конкретни чекори кон формирање на ЗСО со цел да се добие поддршката од сојузниците да влезе на дневен ред на Комитетот на министри на СЕ и да ги добие потребните гласови за членство.

Тен Хаг ги потврди лошите вести за Манчестер Јунајтед

Повредата на левиот бек, Лук Шо е покомплицирана од очекуваното и тој нема да може да игра на неделниот дуел со Брајтон од последното коло во Премиер лигата, призна менаџерот Ерик тен Хаг.

Оваа сезона, 28-годишниот дефанзивец има само 15 настапи за Манчестер Јунајтед. Тој моментално има повреда на мускулот и се очекуваше да се врати на терените пред крајот на сезоната, но се чини дека тоа нема да се случи. Сепак, постојат некои шанси англискиот репрезентативец да биде во тимот за финалето на ФА Купот против Манчестер Сити на 25 мај на „Вембли“.

Победата над Сити во финалето ќе го одведе Манчестер Јунајтед во Лига Европа. Во спротивно, „црвените ѓаволи“ ќе се надеваат дека ќе забележат подобар резултат против Брајтон отколку Њукасл против Брентфорд, за да се искачат на седмото место во Премиер лигата и да остварат пласман во Конференциската лига.

-Не можам да кажам дали Хари Мегваер или Лук Шо ќе играат за Англија на Европското првенство. Но, се надеваме дека и двајцата ќе бидат во ред за финалето на „Вембли“. Хари има поголеми шанси да учествува на натпреварот. Со Лук ситуацијата е посложена и да речеме дека има минимални шанси да игра, изјави Тен Хаг.

Тој исто така откри дека централните бекови Рафаел Варан и Виктор Линделоф веќе тренираат и најверојатно ќе бидат достапни за настап против Манчестер Сити. Ова е дополнителен бонус кон враќањето на Лисандро Мартинез. Аргентинецот се појави против Њукасл во неделата по долгиот третман на повреда. /МИА

Хамилтон кажа кој би сакал да го замени во Мерцедес

Позицијата во Мерцедес што Луис Хамилтон ќе ја ослободи на крајот од сезоната во Формула 1 е една од најжестоко дебатираните на пазарот на возачи во 2025 година.

Откако беше објавена разделбата на Хамилтон со Мерцедес, имињата на многу возачи се поврзуваат со местото на седумкратниот шампион. Сепак, некои од нив се тргнаа од равенката откако потпишаа нови договори со нивните сегашни тимови.

Ова е случај со Фернандо Алонсо и Алекс Албон, кои ги продолжија договорите со Астон Мартин, односно Вилијамс во последните недели. Така, вистински претенденти за местото покрај Џорџ Расел остануваат двајца - Карлос Саинц, чие место во Ферари ќе го заземе Хамилтон и Андре Кими Антонели.

И пред почетокот на викендот за Големата награда на Емилија-Ромања, Хамилтон зборуваше за медиумите во Имола и го именуваше Антонели за свој претпочитан наследник. Во моментов 17-годишниот Италијанец се натпреварува во Формула 2 и прави приватни тестови со Мерцедес, во кои импресионира со своето темпо.

-Искрено, не знам какви се плановите на Тото (Волф), но да бев јас, би го земал момчето. Да беше моја работа, би се обложил на Андреа Кими Антонели, изјави Британецот.

Во однос на Карлос Саинц, Хамилтон смета дека тој е добар возач и ќе биде голема предност за секој тим.

-Тој ќе биде позитивен адут за тимот што го зема, додаде пилотот.

притисни ентер