Налепници со различна боја ќе одредуваат кои возила смеат да сообраќаат кога е загадено

Владата скрои мерка за борба против загадувањето. Ќе се ставаат налепници на возилата, кои ќе одредуваат кои автомобили се загадувачи .Во зависност од налепниците, кои ќе бидат со зелена, жолта и црвена боја ќе се одреди кои автомобили ќе возат.

Со нови мерки Владата ќе се бори со загадувањето на воздухот. Еколошки налепници во зелена, жолта или црвена боја ќе добијат автомобилите во зависност од тоа колкави загадувачи се. Сегашените налепници за регистрација ќе бидат заменети со следното регистрирање на возилото.

Со оваа мерка ќе им се остави можноста на локалните власти да одредат кои автомобили можат, а кои не можат да сообраќаат во деновите со зголемено загадување.

Освен ова, од владата најавија и дека преку сет мерки ќе се справуваат со нелегалните такси превозници. Освен поголема инспекциска контрола која ќе ја врши и полицијата легалните таксисти на своите автомобили ќе имаат жолти таблички. Од Здружението на таксисти велат дека се задоволни од договореното.

Со измените на Законот за автомобили ќе се субвенционира и набавката на нови еколошки возила со електричен или хибриден погон. За енормното загадување на главниот град допринесуваат и старите автомобили велат дел од граѓаните. Сметаат дека вакви мерки се неопходни.

Инаку според податоците од Министерството за животна средина во однос на бројот на регистрирани патнички возила, најголемиот број од возилата во земјава се ЕУРО 2 стандард или ЕУРО 1, додека на третото место се возилата без ЕУРО стандард. Според сегашните измени тие би добиле црвена налепница. Загадувањето што го прават автомобилите со ЕУРО 1 и ЕУРО 2 во споредба со автомобилите со ЕУРО 3 и ЕУРО 4 стандардите е неколкукратно поголемо, и истото важи за патнички возила со бензински мотор или дизел мотор.

Властите во Хјустон повикаа на евакуација поради огромните поплави (ВИДЕО)

Се предвидува дека во Хјустон, Тексас, ситуацијата со поплавите ќе се влоши, еден ден откако силно невреме го зафати регионот, а властите ги предупредија жителите во ниските области на градот да се евакуираат пред очекуваните големи поплави.

Според прогнозата на метеоролозите, количината на врнежи од 2,5 до 7,6 сантиметри на метар квадратен вечерва ќе доведе до големи поплави.

Во Хјустон вчера околу 20 луѓе беа спасени од поплавеното подрачје, вклучително и оние кои се качиле на покривите на своите домови.

Локалните власти соопштија дека неколку стотици згради се во опасност од поплави, како и дека наставата во училиштата е откажана, а некои патишта се затворени поради поплави.

Обилните дождови со недели го зафатија Тексас и делови од американската сојузна држава Луизијана, а делови од југоисточниот дел на Тексас, северно од Хјустон, се поплавени.

Надал ги демантираше гласините за пензионирање по Ролан Гарос

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал ги демантираше гласините дека неговиот настап на претстојниот Ролан Гарос ќе биде последен во неговата кариера.

Рекордерот по освоени Гренд слем титули во Париз (14) и оваа сезона има намера да се бори за трофејот во француската престолнина, но поради проблеми со повредите, некои медиуми побрзаа да го пензионираат што е можно поскоро.

Но, тоа воопшто не му се допадна на Надал, па по поразот од Јиржи Лехечка во Мадрид се наврати на медиумите и изјави дека се уште нема намера да се пензионира. Особено не во Париз, каде летово би можел да се најде како член на олимпискиот тим на Шпанија.

-Мојот сон е последен пат да се натпреварувам на Олимписките игри. Никогаш не реков дека мојата кариера ќе заврши на Ролан Гарос, јасно подвлече Надал за шпанскиот канал „Мовиестар“.

Рафаел Надал моментално е 512. играч во светот, има 37 години и сезонава забележа три победи и два порази. Во текот на својата блескава кариера оствари биланс од 1.071 победа и 222 порази. На врвот на светската АТП листа стигна во 2008 година, додека во текот на кариерата освои 92 титули и нешто повеќе од 130 милиони долари на турнири.

Облачно време со локален дожд и северен ветер

Времето денеска ќе биде променливо облачно, наместа со повремени врнежи од дожд. 

Ќе дува умерен, а долж Повардарието и во источните делови, повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 11, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.

Во Скопје, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 19 степени.

Во текот на ноќта и изутринава времето е претежно облачно, наместа со повремени врнежи од дожд. Дува слаб до умерен ветер од северен, а во Пелагонија повремено засилен ветер од западен правец кој во Битола достигнува брзина до 45 km/h.

Најмногу дожд во изминатото деноноќие има наврнато во Крива Паланка 20 литри на метар квадратен, во Штип 15, во Берово 12, во петровец - Скопје и во Охрид 9, во Демир Капија 7, во Претор 5, во Велес и Кавадарци 4, во Струмица и Гевгелија 3, во Виница и Лазарополе 2 и во Битола и Куманово еден литар на метар квадратен.

Синоптичарите за утре и за понеделник најавуваат претежно сончево и потопло време. Во вторник, локално ќе има изолирана појава на пороен дожд и ретки грмежи. Под влијание на нов влажен бран, в среда и четврток на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме.

притисни ентер