Најмладиот син на Трамп, Барон (18), влегува во политиката: Ќе биде делегат на конвенција

Иако сè уште нема завршено средно образование, Барон Трамп, најмладиот син на Доналд Трамп, поранешниот претседател на САД, влегува во политичката арена.

Имено, како што пренесува „Politico.eu“, на националната конвенција за делегат на Републиканската партија е избран Барон Трамп (18).

Барон и уште двајца синови на Трамп, Доналд Трамп Џуниор и Ерик Трамп, ќе бидат партиски делегати од Флорида, каде што Трамп се пресели откако ја напушти Белата куќа. Интересно е што за делегат е избрана помалата ќерка на Трамп, Тифани Трамп Боулс, како и нејзиниот сопруг Мајкл.

„Барон е многу заинтересиран за политичкиот процес на нашата нација“, рече неименуван претставник на кампањата на Трамп.

Барон, кој многу порасна во последниве години, а кој успешно го држеше настрана неговата мајка Меланија, неодамна се најде во центарот на вниманието на јавноста кога Доналд Трамп се пожали дека судијата Хуан Мечан нема да му дозволи да присуствува на свеченоста по повод неговото матурирање.

Сепак, судијата Мечан дозволил Трамп да отсуствува од судењето и да присуствува на церемонијата, која ќе се одржи следната недела во академијата Оксбриџ во предградието на Палм Бич. Барон сè уште не објавил какви се неговите планови по дипломирањето.

Делегатите на Републиканската партија ќе учествуваат на националната конвенција што ќе се одржи во јули во Милвоки.

Иванка Трамп е единствената од петте деца на Трамп која останала надвор од политиката откако беше негов постар советник за време на неговиот четиригодишен мандат во Белата куќа. Како и нејзините други браќа и сестри, таа се преселила на Флорида.

Последните анкети покажуваат дека Трамп води пред Џо Бајден на Флорида за повеќе од десет процентни поени. Тој победи на изборите во оваа држава во 2016 и 2020 година.

Во Индија почна петтата од седумте фази на парламентарните избори

 Во Индија денеска почна петтата фаза од парламентарните избори од вкупно седум, а се одржуваат во финансискиот главен град Мумбаи и големите индиски држави Утар Прадеш и Одиша.

Во петтата фаза 89,5 милиони гласачи избираат 49 пратеници.

Изборите почнаа рано утринава за да им се овозможи на гласачите да ги избегнат жештините бидејќи Индија ја погоди топлотен бран.

Парламентарните избори во Индија почнаа на 19 април, право на глас имаат 968 милиони Индијци, што е повеќе од вкупното население на САД, Европската Унија и Русија заедно.

Изборите за 543 членови на Долниот дом на парламентот се одржуваат во седум фази до 1 јуни на повеќе од еден милион избирачки места низ земјата. Гласачките ливчиња ќе се пребројуваат на 4 јуни, а резултатите ќе бидат објавени истиот ден.

ПОЦ: За седум дена санкционирани 191 непрописно паркирани возила во Центар

За седум дена санкционирани се 191 возачи, чии возила го попречувало нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот во Општина Центар. 

Како што информираат ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар, во периодот од 13 мај до 19 мај 2024 година со помош на специјалните возила „пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 102 непрописно паркирани возила.

Со поставување на механичко средство „блокатор“ санкционирани се 89 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани.

- За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, се наведува во соопштението.

Путин: Раиси беше вистински пријател на Русија

- Како вистински пријател на Русија, тој даде непроценлив личен придонес во развојот на добрососедските односи меѓу нашите земји, вложувајќи големи напори да ги доведе до ниво на стратешко партнерство, се наведува во телеграмата на Путин. 

Рускиот претседател Владимир Путин денеска испрати телеграма со сочувство до врховниот лидер на Иран, ајатолахот Сејед Али Хамнеи, во врска со смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и други ирански функционери и членови на екипажот во хеликоптерска несреќа.

Путин изјави дека смртта на Раиси е „огромна трагедија“ што го снајде народот на Исламската Република Иран, додавајќи дека Раиси бил исклучителен политичар кој целиот свој живот го посветил на служење на својата земја и „вистински пријател на Русија“, пренесува Интерфакс.

- Како вистински пријател на Русија, тој даде непроценлив личен придонес во развојот на добрососедските односи меѓу нашите земји, вложувајќи големи напори да ги доведе до ниво на стратешко партнерство, се наведува во телеграмата на Путин.

притисни ентер