Најмалку 36 повредени во експлозија на автомобил-бомба во воена база во источна Колумбија

Најмалку 36 лица се повредени во ноќешниот напад во воена база во источна Колумбијам јави ДПА.

-Три лица се сериозно ранети во експлозијата на автомобил-бомба во воениот комплекс на 30-та бригада во Кукута, изјави министерот за одбрана Диего Молано на местото на настанот. „Еден од сериозно повредените веќе е опериран", додаде тој.

„Го осудуваме овој злобен чин", рече Молано.

Според првичните сознанија, две лица во базата внеле џип натоварен со експлозив и за неколку минути дошло до силни експлозии.

На видео материјали на социјалните мрежи може да се види голема огнена топка и голем облак со чад.

-Првата претпоставка е дека зад нападот стои герилската организација ЕЛН, кажа Молано. „Но, ние, исто така, ја разгледуваме можната за вмешаност на разделената бунтовничката група ФАРК.

Локалните медиуми претходно соопштија за различни бројки на повредени, а некои објавија дека експлодирале две возила, додека други објавија дека се вклучени две експлозии и едно возило во инцидентот.

Претседателот Иван Дуке претходно на Твитер објави дека го испратил Молано во градот да ја разјасни ситуацијата, а министерот за внатрешни работи Даниел Паласиос со твит го спомена инцидентот како „терористички акт".

Базата на 30-та бригада во Кукута е најважната воена база во северо-источна Колумбија, од каде се координирани операциите против левичарската герилска група ЕЛН и разделените групи на поранешните бунтовници на ФАРК, појаснува ДПА.

ЕЛН во јануари 2019 година изврши бомбашки напад врз полициска академија во главниот град Богота и уби 22 лица. Колумбиската влада тогаш ги прекина мировните разговори со организацијата. Марксистичко-ленинистичката Национално-ослободителна армија (ЕЛН) има околу 5.000 борци и извршува напади и зема заложници пред се во источна Колумбија.

ФАРК порано беше најголемата герилска организација и во 2016 година потпиша мировен договор со владата, решавајќи го повеќедеценискиот конфликт, во кој загинаа околу 220.000 луѓе и имаше милиони раселени.

Илјадници борци го положија оружјето и раководството на групата сакаше да ги оствари своите цели како политичка партија. Меѓутоа, некои распарчени групи го одбија мировниот договор и продолжија да се борат. Реинтеграцијата на бунтовниците во цивилниот живот, исто така, е тешка и се смета дека повеќе од 4.000 поранешни борци повторно заминаа во илегала.

Водата во Скопје е безбедна за пиење

Анализите на Секторот за санитарна контрола, направени на 149 примероци од 41 мерни места во градот, во период од 22 до 26 април, покажаа дека водата во Скопје е безбедна за пиење, соопшти ЈП Водовод и канализација.

Секторот за санитарна контрола земал 149 примероци за физичко-хемиска и 149 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 41 мерни места во град Скопје и согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци ОДГОВАРААТ на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Неформална дводневна средба на Советот за општи работи на ЕУ

Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) денеска и утре ќе одржи неформално заседание, на кое централен настан ќе биде одбележување на 20-годишнината од големото проширување на Унијата на 1 мај 2004 година. 

Заседанието ќе започне вечерва со свеченост во Центарот за ликовни уметности „Бозар“ во Брисел со која ќе се одбележи годишнината од приемот на Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка во Европската унија.

Работниот дел од неформалното заседание на ГАК ќе продолжи утре во чии рамки министрите или државни секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања ќе одржат серија работни сесии на кои ќе разговараат за процесот на проширување, вклучувајќи и за искуствата од проширувањето во 2004 година, за потребата од зајакнување на Унијата, како и инструментите на блокот за заштита на владеењето на правото.

Меѓу другото, предвидено е европските министри да одржат размена на мислења со претставници на земјите кандидати и аспиранти за членство на ЕУ за владеењето на правото во рамките на процесот на проширување.

На заседанието ќе стане збор и за важноста за почитување на владеењето на правото во рамки на Унијата, како и за потенцијални подобрувања на постоечките механизми на заштита на овој принцип и нивната ефикасност.

На состанок европските министри ќе разговараат и за иднината на ЕУ, при што се очекува да разменат мислења за потребните чекори и реформи за зајакнување на капацитетот за дејствување на Унијата.

Неформалните заседанија на Советите на ЕУ се средби на ресорните министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за различни теми и прашања по кои треба да се решава на формалните средби или на состаноци на други тела на Унијата. /МИА

Александар Николовски од УКИМ избран за претседавач на Националното студентско тело

Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје Александар Николовски е избран за претседавач на Националното студентско тело со мандат од една година односно до април 2025.

На втората седница на ова тело одржана во саботата, тој е избран од присутните претседатели на студентски собранија на универзитетите „Св. Климент Охридски“ - Битола, „Гоце Делчев“ - Штип, Универзитет на Југоисточна Европа, Американски универзитет во Европа ФОН и Американ колеџ Скопје.

Целта на Националното студентско тело е да претставува највисока форма на обединување на универзитетските студентски собранија во државата кое ги застапува студентите.

На седницата беше претставена и кандидатурата на Николовски за претседавач со предлог акциски план која ќе стане дел од програмата за работа на ова тело.

Краткорочни цели во неговиот Акциски план, кои планира да ги реализира до крајот на мандатот, Николовски ги наведува: Националното студентско тело да добие правна форма и преку измена на Законот за високо образование, телото да биде официјален претставник на студентите и студентските права во земјата.

Во краткорочните цели се и: инкорпорирање на Декларацијата за придружување во Статутот на телото; на Резолуцијата во програмата на телото; на целите на Студентскиот манифест потпишан од пет универзитетски студентски собранија во програмата на телото и повик за придружување на останатите функционални универзитетски студентски собранија кон телото.

Исто така, Николовски планира ова тело да стане дел од Интеруниверзитетската конференција, планира зголемување на соработката и координацијата помеѓу универзитетските студентски собранија, подигнување на студентскиот активизам, а воедно и младинскиот; поддршка на работата на универзитетските студентски собранија и апликации за придружување кон НМСМ и кон Европската студентска унија.

Во долгорочните цели на претседавачот на Националното студентско тело се настојувањата, како што вели, „да се решат суштинските студентски проблеми и предизвици“, креирање можности преку инкорпорирање на целите на Резолуцијата и Студентскиот манифест, во соработка со надлежните институции.

Николовски во целите на долг рок ги посочува: бесплатно високо образование на јавните универзитети, подобрување на студентскиот стандард со итно носење на новиот Закон за младински стандард; зголемување на студентските права - измени во Законот за високо образование; квалитетно високо образование - во соработка со агенциите за акредитација и за евалуација, универзитетите и МОН; кариерни можности - соработка со Агензијата за вработување, МОН, центрите за кариера и бизнис-секторот.

Во долгорочните цели се и дигитализација, интернационализација и автономија. Процест на дигитализација ќе се остварува со „притисок за исполнување на целите на Националната стратегија за млади 2023 - 2027 во која е предвидена целосна дигитализација во високото образование“. За интернационализацијата предвидува изработка на стратегија за привлекување поголем број странски студенти, согласно праксата во регионот.

Во однос на автономијата, Николовски ќе се залага за „остварување реална кадровска и финансиска автономија на државните универзитети, поголема автономија за универзитетите и нивните единици во процесот на создавање студиски програми“.

притисни ентер