Награда на ЕК за промоција на пешачењето и возењето велосипеди

 Европската комисија распиша конкурс за Осмата награда на Планот за одржлива урбана мобилност (СУМП), наменета за локалните власти ширум Европа, која годинава е насочена кон развој и промовирање на пешачењето и возењето велосипеди.

Според Еврокомисијата, цел на наградата е да се поттикнат локалните власти да го усвојат Планот за одржлива урбана мобилност (СУМП) и да бидат наградени за извонредни постигнувања во тематските приоритетни области, кои се различни секоја година.

Мотото на овогодишната награда е „Пешачете со нас!" и е насочена кон интегрирање на безбедната активна мобилност во одржливото урбано мобилно планирање, поттикнување на развојот и промоцијата на пешачењето и возењето велосипеди како начин за градски превоз и подобрување на безбедноста на пешаците и велосипедистите.

Право на учество на конкурсот имаат локалните власти од земјите членки на ЕУ и Европското економско пространство (Норвешка, Исланд и Лихтенштајн), како и државите кандидати за членство во Унијата – Северна Македонија, Албанија, Србија, Турција и Црна Гора и земјите опфатени со Процесот на стабилизација и асоцијација – Босна и Херцеговина и Косово.

Рокот за пријавување на конкурсот истекува на 31 октомври, по што специјално жири на почетокот на декември ќе ги избере кандидатите за наградата. Победникот и двајцата други финалисти ќе бидат објавени на крајот на декември годинава или почетокот на јануари 2020 година, а наградите ќе бидат врачени во март или април следната година на церемонија во Брисел.

Наградата СУМП е воведена во 2012 година и досегашни нејзини добитници се градските власти на Манчестер (Велика Британија), Турда (Романија), Брисел (Белгија), Малме (Шведска), Бремен (Германија), Ривас Васијамадрид (Шпанија) и Абедрин (Велика Британија)./MИА

Данска ќе им дозволи абортус на малолетни девојчиња без согласност од родителите

Данската влада денеска соопшти дека жените во оваа скандинавска земја ќе имаат право да изберат да ја прекинат бременоста до крајот на 18-та недела од бременоста.

Досега границата за абортус во Данска беше 12 недели.

Данската министерка за внатрешни работи и здравство, Софи Лоде, рече дека „нема медицински докази за сегашната граница, а исто така нема ништо што сугерира дека ќе има значително повеќе абортуси или дека тие ќе бидат извршени многу подоцна ако ја подигнеме границата“.

Измената на законот треба да стапи на сила кон средината на 2025 година. Дополнително, на девојчињата на возраст од 15 до 17 години им се дава слобода да абортираат без родителска согласност или одобрение од специјалистичка комисија.

Данска беше една од првите западноевропски земји што на жените им даде право на абортус по сопствен избор.

Од 1973 година, бремените жени кои живеат во Данска можат да абортираат до крајот на 12-та недела без потреба да наведат причина и без надоместок на трошоците.

И после тоа, абортуси се можни под одредени услови, но потребно е одобрение од комисијата за абортус.

Германска компанија лансира во вселената ракета на парафински погон (ВИДЕО)

Германската компанија HyImpulse денеска успешно лансираше ракета напојувана со парафински восок која ќе може да носи комерцијални сателити.

„Ја покажуваме силата на Германија како вселенска нација и го прошируваме пристапот на Европа до вселената“, објави шефот на компанијата Марио Кобалд.

Дванаесет метри долгата и 2,5 тони тешка ракета наречена SR75 беше лансирана околу 5 часот по европско време од Куниба, Австралија.

Може да носи помали сателити со тежина до 250 килограми до височина до 250 километри, а може да работи на парафински восок или течен кислород.

Парафинскиот восок се користи како поевтино и побезбедно алтернативно ракетно гориво. HyImpulse тврди дека заштедиле до 50 проценти.

Германската компанија со околу 65 вработени објави дека веќе добила преднарачки за лансирање на сателити во вредност од над 100 милиони евра.

HyImpulse сака да го прошири својот бизнис бидејќи расте побарувачката за транспорт на комерцијални сателити, па до 2032 година сака да оствари приходи од 700 милиони евра.

Маричиќ-Стевановиќ: На Собранието му требаат современи патриоти и борци за еднаквост

Во заедничката изјава за медиумите, Милена Стевановиќ и Бојан Маричиќ од листата на кандидати за пратеници во Изборната единица 1, порачуваат дека „реформите ни носат системски промени и европски фондови“.

Во заедничката изјава за медиумите, Милена Стевановиќ и Бојан Маричиќ од листата на кандидати за пратеници во Изборната единица 1, порачуваат дека „реформите ни носат системски промени и европски фондови“, но и „демократски вредности со кои се пробиваат границите за еднакви можности за жените како докажана заложба на СДСМ.

Доктор Милена Стевановиќ во својот дел на изјавата истакнува дека „СДСМ, Ковачевски, Пендаровски, Маричиќ и другарите социјадемократи се оние кои со знаење и капацитет можат да ја придвижат земјата напред“.

„Нам ни требаат луѓе како Бојан. Со исклучително познавање на институциите на ЕУ, со чиста и прогресивна мисла, вистински современи патриоти кои додека ја внесуваат земјата во ЕУ го штитат и промовираат македонскиот идентитет“, истакнува во видео пораката д-р Милена Стевановиќ.

Во ова видео обраќање таа ги повикува сите македонски демократи „во среда на 8 мај сите кои се за подобра, современа и демократска македонија да го заокружат бројот 1 за европска Македонија“.

Бојан Маричиќ во ова заедничко обраќање ја посочува Милена Стевановиќ како „претставник на прогресивното женско движење“.

Маричиќ порачува со д-р Стевановиќ Македонија и македонското општество ќе „напредок на полето на јавното здравје, на полето на женското здравје и машкото здравје“.

„На Собранието и треба Милена Стевановиќ, врвен професионалец кој го предводеше целиот тим на Инфективната криза за време на пандемијата од Ковид и која во исто време се докажа како храбар и непоколеблив борец за постојано унапредување на правата на жените“, истакнува Маричиќ во видео пораката.

Маричиќ порачува дека е важен гласот на жените, девојките, демократи и демократки.

„Вашиот глас за СДСМ и за Милена Стевановиќ на овие избори е глас за жените како еднаква силна движечка сила на општеството“, нагласува Маричиќ во заедничката изјава со д-р Милена Стевановиќ, како кандидати за пратеници на СДСМ и на Коалицијата за европска иднина во изборната единица 1, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер