Осомничениот, кој бил убиен на местото на настанот откако отворил оган врз полицијата, е идентификуван како Шамсуд-Дин Џабар, 42-годишен Тексашанец кој служел во Авганистан, објави Си-Ен-Ен.
Тој возел од Хјустон до Њу Орлеанс на 31 декември и објавил пет видеа помеѓу 01:29 и 03:02 ноќта на нападот во кои рекол дека ја поддржува Исламската држава (ИД), додаде ФБИ.
Во првото видео, Џабар објаснува дека прво планирал да им наштети на семејството и пријателите, но бил загрижен дека медиумското покривање нема да се фокусира на „војна меѓу верниците и неверниците“, рече заменик-помошникот директор на ФБИ, Кристофер Раја на прес-конференција.
Џабар на снимките изјави и дека се приклучил на ИД пред минатото лето. „Тоа беше терористички акт. Тоа беше однапред смислен и злобен чин“, нагласи Раја.
ФБИ соопшти дека се чини дека нема врска помеѓу нападот во Њу Орлеанс и епизодата во Лас Вегас истиот ден, кога сајбер камион Тесла, натоварен со канистри со бензин и моќна пиротехничка опрема, експлодира и се запали пред меѓународниот хотел Трамп во Лас Вегас.
Тоа се случи три недели пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да се врати во Белата куќа на 20 јануари.
Меѓу повредените во нападот во Њу Орлеанс имало и двајца полицајци кои биле застрелани од осомничениот.
Нападот се случил три часа по почетокот на новата година на улицата Бурбон во историскиот француски кварт.
Најмалку 15 лица загинаа, вклучувајќи го и осомничениот, соопшти ФБИ. Тој додаде дека знамето на Исламската држава било пронајдено на возилото користено во нападот.
Властите во другите американски градови објавија дека ја зголемиле безбедноста, вклучително и Трамп Тауер и Тајмс Сквер во Њујорк, додавајќи дека нема непосредни закани.
Во Вашингтон, полицијата, исто така, соопшти дека го зголемила своето присуство додека главниот град се подготвува да биде домаќин на три големи настани овој месец.
На 6 јануари Конгресот ја потврдува победата на Трамп на претседателските избори, на 9 јануари се одржува државното збогување од поранешниот претседател Џими Картер, а на 20 јануари инаугурацијата на Трамп.