На германскиот брег за три дена биле исфрлени 150 килограми кокаин: Им пропаднала продажбата

Одвреме-навреме брановите исфрлаат пакети со дрога на германските плажи, а овој пат се работи за 150 килограми кокаин.

Се претпоставува дека пропаднало планираното предавање на шверцерите на море, пишува ДВ.

Онаму каде што Северното Море вообичаено исфрла отпад од дрво и пластичен отпад, деновиве може да се најде нешто друго. Имено, на плажите на германските острови Фер, Зилт и Амрум бранови во последните три дена исфрлиле неколку пакувања со кокаин. Досега се откриени вкупно 150 килограми дрога, која се прави од листови кока од Јужна Америка.

Надлежната Царинска управа во Хамбург соопшти дека тоа што толку големо количество нелегална стока се појавило на брегот на германската сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн, можеби е поврзано со морските струи. Потрагата продолжува, особено на Зилт. Германските служби контактирале и со своите колеги во Данска, северниот сосед на Германија. Но, во моментов на тамошните плажи не е пронајдена дрога.

Царината на Хамбург соопшти дека во тек се истраги за потеклото на пакетот и транспортните средства, како и за потенцијалните шверцери. Можеби имало неуспешно предавање на море, изјави портпаролот на Царинската управа. Но, додаде тој, исто така е можно кокаинот да бил прикачен на надворешната страна на чамецот од страна на дилерите и случајно да се изгубил во силните струи и бранови.

Инспекторите најавија натамошна потрага по плажите во наредните денови. Дополнително, тие бараат од посетителите на плажите да се држат настрана од пакетите што може да ги исфрлат на брегот од морето или сомнителните предмети и веднаш да ја известат царината или полицијата.

Одвреме-навреме се случува шверцерите да губат дрога на море. На источнофризискиот брег на Северното Море во последниве години веќе се исфрлени вреќи со дрога. Минатиот април, турист откри нешто спектакуларно на островот Боркум во Германија: неколку сомнителни торби закачени на појас за спасување биле исфрлени на плажата од брановите. Државното обвинителство подоцна потврдило дека во нив имало речиси еден тон кокаин.

Окружниот суд во Олденбург на крајот на ноември осуди двајца мажи на затворски казни. Тие биле уапсени додека трагале по изгубениот кокаин во близина на источнофризискиот остров Спикеруг.

Според сознанијата на судот, непознати лица го фрлиле тој товар од бродот во морето, но очигледно не во договореното време, поради што пропаднало преземањето на дрогата на отворено море. Пресудата се уште не е правосилна. Не се знае каде завршил кокаинот.

Неодамна пакувања со кокаин биле откриени и на брегот на Балтичкото Море, на плажата во германскиот град Хајлигенхафен. Царинската управа до средината на ноември немала конкретни податоци за потеклото на кокаинот.

Шверцот на кокаин во Европа значително се зголеми во последните години. Надлежните служби во пристаништата често пресретнуваат пратки со дрога со тежина од неколку тони. Во септември, истражителите во Хамбург пронашле околу 2,1 тони дрога во контејнер за ладење со банани од Јужна Америка. Во ноември, речиси 600 килограми кокаин во кутии со банани биле откриени во складиште за овошје во Саксонија.

Казахстан: Причините за падот на азербејџанскиот авион се уште не се познати

Претседателот на Сенатот на Казахстан Маулен Ашимбаев изјави дека причините за вчерашната авионска несреќа на азербејџанскиот „Ембраер 190“ во близина на градот Актау сè уште не се познати.

- Ниту Азербејџан, ниту Русија, ниту Казахстан имаат интерес да ја кријат вистината. Сите достапни информации ќе бидат споделени со јавноста, изјави Ашимбаев.

Според досегашните информации, 38 лица загинаа во несреќата. Авионот летал од Баку кон Грозни, а во него се наоѓале 67 патници.

Претходно денеска, директорот на украинскиот Центар за борба против дезинформациите, Андриј Коваленко на Телеграм објави дека патничкиот авион на „Азербејџан ерлајнс“ бил погоден од руската противвоздушна одбрана.

Холандскиот крал до локалните муслимани и евреи: Да не внесуваме омраза на нашите улици

- Мораме да се погрижиме да не внесуваме горчина и омраза на нашите улици. На еврејските Холанѓани кои ми велат дека стравуваат за нивната иднина овде, им велам: Останете. Ние си припаѓаме едни на други. 

Во традиционалното божиќно обраќање до нацијата, холандскиот крал Вилем-Александер упати посебна порака до муслиманите и евреите во Холандија, повикувајќи ги да покажат поголемо разбирање и единство и да се спротивстават на „сето она што ги раздвојува“.

- Мораме да се погрижиме да не внесуваме горчина и омраза на нашите улици. На еврејските Холанѓани кои ми велат дека стравуваат за нивната иднина овде, им велам: Останете. Ние си припаѓаме едни на други. На холандските муслимани им велам: Ова е и ваша земја, ова исто така е ваша земја, порача кралот Вилем-Александер.

Во тој контекст, холандскиот монарх во своето божиќно обраќање се осврна и на тензиите во општеството предизвикани од различни геополитички конфликти во странство.

- Тензиите се видливи, како на меѓународно ниво, така и во нашата земја. Тоа не прави вознемирени. Многу луѓе се чувствуваат несфатени, несакани, незаштитени, додаде кралот.

Пораката на шефот на холандската држава доаѓа во време кога е се повидлива тензичната атмосфера меѓу припадниците на муслиманската и на еврејската заедница во Холандија.

Овие тензии го достигнаа својот врв пред неколку недели кога на улиците на Амстердам дојде до физички пресметки меѓу навивачите на израелскиот фудбалски тим „Макаби“ од Тел Авив и пропалестински активисти.

Според кралот Вилем-Александер, токму ваквите настани укажуваат на важноста меѓународните конфликти, како што е војната во Газа, „да не се увезуваат“ во холандското општество.

- Одговорноста за решавање на главните светски проблеми и горчливи конфликти е на друго место и е надвор од нашата моќ. Но, дали тоа не прави немоќни? Не, дефинитивно не... Бидете отпорни кон сето она што не раздвојува, додаде кралот.

Тој посочи дека согласно холандското законодавство, секој човек е еднаков пред законот и не е дозволена дискриминација.

- Ние не користиме насилство, дури ни кога се чувствуваме повредени или погрешно разбрани. Овие принципи не се предмет за расправа или дискусија и важат за секого, секогаш, додаде холандскиот крал Вилем-Александер во божиќно обраќање до жителите на Холандија.

Марота: Аталанта е еден од главните фаворити за Скудетото

Претседателот на Интер, Џузепе Марота го сподели своето мислење за кандидатите за триумф во италијанското фудбалско првенство во сезоната 2024/25.

- Денес сме речиси на крајот од првиот дел и фаворитите се секогаш исти. Има мала група на врвот составена од Аталанта, Интер и Наполи, но Милан и Јувентус се спремни да ги фатат, така што навистина сме во средна фаза. Од друга страна, мислам дека еден од главните фаворити годинава е Аталанта затоа што постигнаа зрелост, авторитет, убедување каков што досега немале. Мислам дека ова е одличен модел за следење, се разбира не за големите клубови бидејќи е тешко, но тие покажаа дека може да се победува без да се потрошат многу пари, изјави Марота за веб-страницата на Џанлука ди Марцио.

Првото место во Серија А по 17 кола го зазема Аталанта која освои 40 бода. На второ место е Наполи (38), трето е Интер (37).

притисни ентер