На денешен ден

23 април 2024

- Денеска е Светски ден на книгата и авторското право

1564.- Во Стратфорд е роден Вилијам Шекспир, англиски поет и еден од најголемите драмски писатели во светот. Во своите многубројни драмски дела уметнички силно ги прикажал универзалните човекови дилеми и заплети. Најпознати негови дела се „Хамлет“, „Магбет“, „Ричард Трети“, „Кралот Лир“, „Ромео и Јулија“ и „Отело“. Умрел во Стартфорд, на 23 април 1616 година.

1792.- Создадена била француската химна „Марселеза“ која не ја компонирал професионален музичар, туку инженерскиот капетан Руже де Лил и тоа како марш. Химната ја пееле револуционерните војници на маршот од Марсеј до Париз.

1858.- Во Кил е роден Макс Планк, германски физичар, основач на Квантната теорија, хипотеза дека енергијата се емитува и се апсорбира само со дискретни количества. Работел и на теоријата за хемиска рамнотежа и на формулирањето на термодинамичките принципи. Во 1918 година ја добил Нобеловата награда за физика. Умрел во Гетинген, на 4 октомври 1947 година.

1891.- Во Сонцовка е роден Сергеј Сергеевич Прокофјев, руски композитор и пијанист, еден од најоригиналните советски музички творци. Творештвото му е проткаено со руска национална музика, но во исто време и со модерна според стилот на тонското изразување. Негови познати дела се балетите „Ромео и Јулија“, „Пепелашка“ и „Приказни за камениот цвет“. Умрел во Москва, на 5 март 1963 година.

1897.- Роден е канадскиот државник Лестер Боулс Пирсон, шеф на дипломатијата од 1948 до 1957 година и премиер на Канада од 1963 до 1968 година. Добитник е на Нобеловата награда за мир во 1957 година.

1938.- Судетските Германци, побарале полна автономија во рамките на Чехословачка. Бидејќи автономијата не ги задоволувала, со Минхенскиот договор - со несакана согласност на западните демократии Велика Британија и Франција, во септември 1938 година тој дел на Чешка бил припоен кон Германија, со што во март 1939 година Чехословачка била целосно окупирана и распарчена. Од остатокот на Чешка бил формиран протекторатот Чешка и Моравска. Прикарпатска Русија (Украина) била припоена кон Унгарија, како и јужните делови од Словачка со што била формирана таканаречената независна Словачка.

1941.- Грчката војска во Втората светска војна капитулирала пред трупите на Германија, а кралот и владата ја напуштиле окупираната земја.

1945.- Советската армија во Втората светска војна ги ослободила германските логори Сексенхаузен и Равенсбирк.

1972.- Во Скопје бил поставен камен-темелник на Соборниот архиепископски храм на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“, кој е осветен на 12 август 1990 година.

1975.- Последната сајгонска (јуужновиетнамска) влада поднесла оставка, а претседателот на САД Џералд Форд едноставно признал дека Американците претрпеле пораз во Виетнамската војна.

1986.- Умрел американскиот филмски режисер од австриско потекло Ото Премингер, пионер во примена на „широкото платно“ кој внел длабока смисла за анализа на човечките карактери. Филмови: „Лаура“, „Ангелско лице“, „Кармен Џонс“, „Река без поврат“, „Човекот со златната рака“, „Св. Јованка“, „Бура над Вашингтон“, „Добар ден таго“, „Анатомија на едно убиство“, „Егзодус“, „Кардинал“.

1989.- Во Скопје умре проф. д-р Владимир Картов, професор на Правниот факултет во Скопје, истакнат научен работник, особено во областа на историјата на македонскиот народ. Роден бил во селото Смоквица, Гевгелиско, во 1934 година.

1990.- Кинескиот премиер Ли Пенг допатувал во Москва, во прва посета на Советскиот Сојуз како премиер на Кина после 26 години.

1992.- Умрел индискиот филмски режисер Сатјаџит Рај, еден од најголемите филмски творци на 20 век. Негови најпознати филмови се „Непобедливи“, „Апуов свет“, „Каменот на мудроста“, „Салон за музика“, „Рабиндранат Тагоре“, „Три девојки“, „Метропола“ и други.

1996.- Лансиран бил петтиот и последен модул на руската вселенска станица „Мир“ - научната лабораторија „Природа“, опремена со многу уреди, вклучувајќи оптички инструменти за истражување на ресурсите на Земјата.

1997.- Претседателите на Русија и на Кина, Борис Елцин и Џанг Цемин, потпишале декларација со која се спротивставиле на доминацијата на САД по завршувањето на студената војна.

1998.- Умрел грчкиот државник Константин Караманлис, претседател на Грција од 1980 до 1985 година, основач на партијата Нова демократија. Првпат станал претседател на владата во 1955 година, и на таа функција останал до 1963 година, кога доброволно емигрирал. Повторно составил влада во 1974 година, по падот на воената хунта, одигрувајќи клучна улога во обнова на демократијата во Грција.

2003.- Демаркациската линија под контрола на Обединетите нации која од 1974 година го дели Кипар на јужен грчки и северен турски дел била отворена за населението по цели 30 години. За само една недела околу 150.000 луѓе престојувале на територијата на другата етничка заедница.

2007.- Починал Борис Елцин, првиот руски претседател по распаѓањето на Советскиот Сојуз - од 1991 година до крајот на декември 1999 година. Роден бил на 1 февруари 1931 година во селото Бутка, во Талицкиот реон на Свердловската област. Автор е на книгите „Исповед на дадена тема“, „Записи на претседателот“ и „Претседателски маратон“.

2011.- Поранешниот холандски министер за надворешни работи, а потоа и дипломат кој ширум светот се бореше за заштита на човековите права, Макс ван дер Штул починал на 86-годишна возраст. Макс ван дер Штул, во Македонија посредуваше за надминување на проблемите со Тетовскиот универзитет, чие основање го најави демократскиот пресврт во релациите меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата.

2015.- На 76-годишна возраст почина актерката Сузан Максут, доајен на НУ Турски театар. Од 1962 година е член на ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите каде што има одиграно голем број улоги се до пензионирањето во 2001 година. Попознати актерски остварувања се Дездемона во „Отело“, Мерима во „Омер и Мерима“, Катрин Хауп во „Мајка храброст“, Ширин во „Легенда за Љубовта“, Медеа во „Медеа“, Ајше во „Цвеќарот Али“. Добитник била на наградите Актер на годината на весникот „Бирлик“и Награда на Град Скопје „13 Ноември“. Учествувала во голем број телевизиски, филмски и радио-проекти. Играла во филмовите „Најдолгиот пат“, „Исправи се, Делфина“, „Време, води“ и „Македонска сага. /МИА

Битиќи: Први во регионот според слободата на медиумите - затоа да гласаме за бројот 1

Не смееме да ја изгубиме слободата која ја градевме овие 7 години. Денес сте слободни и гласно може да се изразите, да критикувате, да не се согласувате. Тоа е ваше право за кое заеднички се изборивме.“

„Тешко го спечаливме, но сега на 8-ми мај треба заеднички да го сочуваме“, им порача на жителите на скопската општина Гази Баба, Фатмир Битиќи потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборната единица 2.

На граѓаните со кои се сретна попладнево, тој им посочи дека потврда за слободата во Македонија денес пристигна од „Репортери без граници“, според чиј индекс нашата држава е рангирана на 36-тото место во однос на слободата на медиумите во светот, а први сме во регионот.

„Во 2016 година бевме на дното, рангирани на 118-то место. Тогаш слободно кажаниот збор се казнуваше, медиумите беа цензурирани, граѓаните беа манипулирани. Зошто? Затоа што никој не смееше да ги праша како од една „жолта куќичка“ успеаја да изградат Бела палата, зграда од седум ката вредна 40 милиони евра. Затоа потребен им е медиумскиот мрак, за криминалот, корупцијата и личното богатење да не го гледаат граѓаните“, рече Битиќи.

Потпретседателот на СДСМ, им нагласи на граѓаните дека слободата им го отвора патот кон квалитетен живот, им дава можност да бидат иновативни и креативни во животот.

„Слободата е во темелите на праведното и правично општество. Затоа на 8-ми мај треба да размислите дали ќе гласате за Коалицијата за европска иднина, за бројот 1 или пак, казнувајќи не' нас, ќе го дадете својот глас за тие кои 11 години не' држеа сите нас во мрак додека си ги полнеа џебовите со нашите пари. Затоа, не казнувајте ги вашите деца, заедно со нас бидете чувари и промотори на слободата во европска Македонија“, порача потпретседателот на СДСМ, Битиќи, се наведува во партиското соопштение.

Ја нарекуваа „Чудо од Чандигар“ – на 101 година истрчала спринт за една минута (ВИДЕО)

Ќе очекувате стогодишник да ги поминува деновите тивко, но Ман Каур имала поинакви планови.

Подобро ѝ било да фрла копје или ѓуле, да тренира и да победува, отколку да седи пред телевизор.

Дали некогаш сте слушнале за „Чудото од Чандигар“? Ако не, прочитајте ги следните редови.

Ман Каур е родена на 1 март 1916 година. Таа водеше тивок, обичен живот, а потоа се се промени кога го прослави својот 93-ти роденден.

На убедување на нејзиниот син Гурдев Синг, кој учествувал на меѓународни трки, таа започнала да тренира. Таа претходно посетила лекар и добила дозвола да биде физички активна во подоцнежните години.

Редовно вежбала, менувајќи го режимот на работа од ден на ден, под будното око на Гурдев.

„Некои денови трча, а на други вежба копје и фрлање ѓуле. Одиме и во теретана, каде што тренира со тегови“, открил нејзиниот син.

Во времето кога Ман почнала да тренира, Гурдев имал 79 години, а заедно учествувале на десетици атлетски средби ширум светот.

Таа го освоила еден од првите медали во родниот град, а славата ја стекнала по Светското Мастерс првенство во Нов Зеланд во 2017 година, каде победи на трката на 100 метри.

Таа го истрча делот за нешто повеќе од една минута, што е неверојатно достигнување. Дали спомнавме дека во тоа време имала 101 година!

Така стана најстарата и најбрзата (стогодишна) спортистка, а беше номинирана и за престижната награда „Лауреус“, во категоријата Најдобар спортски момент на годината.

Во својата кариера освоила 31 златен медал на меѓународни натпревари (за ветерани). Треба да се спомене и Светскиот шампионат на Мастерс во Полска, во 2019 година, каде таа ги освои најдобрите почести во четири дисциплини - фрлање ѓуле, фрлање копје, трки на 60 и 200 метри.

„Вежбањето и учеството на натпревари ме прават среќна“, изјавила таа во едно од интервјуата.

Новинарите се интересираа како ја одржува физичката кондиција и како поднесува напор во подоцнежните години.

„Редовно вежбајте и хранете се здраво. Избегнувајте брза храна. Бидете вистински пријател и дружете се со добри луѓе“, одговорила таа.

Ман Каур била вегетаријанец, пиела кефир и јадела житарки секое утро. Редовно трчала, а особено работела на зајакнување на горниот дел од телото.

Нејзините успеси не останаа незабележани во Индија, па на почетокот на 2020 година ѝ била врачена престижната награда Нари Шакти Пураскар.

Признанието го доделува Владата на Индија на поединци или институции кои се борат за зајакнување на жените.

По некое време таа починала од здравствени компликации. Доживеала 105 години, а зад себе оставила два сина и ќерка.

Нејзината неверојатна приказна служи како инспирација и доказ дека „годините се само бројка“, односно дека ниту една цел не е недостижна ако се вложи доволно труд.

Уапсени се тинејџери во Германија- на мобилните имале упатства за составување бомби

Четворица тинејџери биле уапсени за католички Велигден во Германија под обвинение дека подготвувале напади со исламистичко потекло, информирајќи се за склопување на експлозивни направи, објавија денеска германските медиуми.

„Обвинетите се подготвувале за напади со експлозивни направи кои првенствено служат за ширење оган и за напади со мачети“, известува јавниот сервис WDR, повикувајќи се на извори во истражните кругови.

При анализата на податоците на мобилните телефони на четворицара малолетници, уапсени во април под сомнение дека подготвувале напад со исламистичка позадина, пронајдени се упатства за составување експлозивни направи.

При претресот во станот на еден од осомничените биле пронајдени нож и мачета. Во исто време, како што се наведува, не се пронајдени информации за можни конкретни цели, туку како места на можни напади се споменуваат само градови како Келн, Дизелдорф, Дортмунд и Штутгарт.

Четири малолетници на возраст од 15 и 16 години, од кои три се момчиња и едно девојче, се уапсени во сојузните покраини Северна Рајна-Вестфалија и Баден Виртемберг откако Канцеларијата за заштита на уставниот поредок ги следела активностите на еден од осомничените на форуми каде што се собрани од исламистите и поддржувачите на т.н исламски држави.

Во последно време исламистите, меѓу другото, поради зголемениот број на пропалестински протести кои често ги организираат забранети организации поврзани со Хамас, повторно станаа во центарот на вниманието на истражните органи.

Минатиот викенд во Хамбург се одржа протест на кој отворено се повика на воведување шеријат во Германија, поради што на удар е министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

притисни ентер