На 14 јануари ќе биде пуштен дел од патот Градско - Дреново

На 17-ти ќе биде пуштена првата делница од пругата кон Бугарија.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува на 14-ти јануари да биде пуштена првата делница од Градско до Фариш од експресниот пат Градско-Дреново во должина од 25 километри, со што, како што посочи, ќе се намали времетраењето на патување до Прилеп и Битола и тој дел на државата. На 17-ти месецов се очекува да биде пуштена и првата делница од пругата кон Бугарија.

- По тој експресен пат ќе се движат возилата со брзина од 130 километри на час. Има мало слечиште кое очекувам да биде санирано и пуштањето да биде на 14-ти овој месец, поточно, за шест дена од денес со што драматично ќе се намали времетраењето на патување до Прилеп и Битола и тој дел на Македонија, изјави Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање, за време на неговата посета на општина Штип.

Целиот експресен пат се очекува да биде пуштен во март со што ќе се заокружат 25-те километри. Најави дека продолжуваат и активностите на автопатот меѓу Прилеп и Битола и очекува во рок од три години и тој да биде завршен

На 17 јануари се очекува да биде пуштена и првата делница Куманово - Бељаковце од пругата кон Бугарија.

- Течат инфраструктурните активности на Коридорот 8 и 10 Д. Очекувам, пред да почне туристичката сезона, во втората половина на мај и првата половина на јуни, да ја пуштиме делницата од Врбјани до Охрид, со исклучок на делот кај местото Ботун. Тука има мало слечиште, кое што треба да се санира, и до крајот на 2026 година да го пуштиме целиот потег на автопатот Кичево - Охрид. Очекувам да биде распишан тендерот Букојчани - Кичево, со што и тука би се поврзале овие два коридора. Очекувам после адаптацијата, конечно да имаме успешно наддавање Блаце - Скопје и проектирање на тунелот Тетово - Призрен. Исто така, очекувам да биде завршено и проектирањето Куманово - Страцин, како и обиколница Битола - граничен премин Меџитлија. Ова се проекти кои се во процес на проектирање или во процес на изградба и завршување, рече Мицкоски.

Дуда бара гаранции дека Нетанјаху нема да биде уапсен доколку го посети Аушвиц

Ако премиерот на Израел ја изрази својата желба да учествува на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на поранешниот нацистички логор на смртта Аушвиц, полската Влада мора да му гарантира,.

Полскиот претседател Анджеј Дуда побара од полскиот премиер Доналд Туск гаранции дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема да биде уапсен доколку го посети Аушвиц на 27 јануари за 80-годишнината од ослободувањето на најголемиот нацистичкиот логор на смртта, пренесуваат тамошните медиуми.

„Ако премиерот на Израел ја изрази својата желба да учествува на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на поранешниот нацистички логор на смртта Аушвиц, полската Влада мора да му гарантира, во тие апсолутно вонредни околности, дека тој може да престојува во нашата земја без никакви проблеми, без оглед на налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд во Хаг“, цитира полската телевизија Полсат дел од писмото на Дуда.

Во тоа писмо, како што неофицијално дознаваат полските медиуми и Блумберг, Дуда изразил надеж дека владата ќе најде начин како да овозможи Нетанјаху да не биде уапсен во Аушвиц, а во исто време Полска да го почитува меѓународното право.

Меѓународниот кривичен суд во Хаг минатата есен издаде налог за апсење на израелскиот премиер за злосторства извршени за време на офанзивата во Газа најмалку од 8 октомври 2023 година до мај 2024 година, за кое го товари.

Членките на Европската унија пристапуваат кон тој налог на различни начини, и додека полските официјални претставници најавија дека Нетанјаху ќе биде уапсен доколку се појави во нивната земја, во соседна Чешка јасно ставија до знаење дека Нетанјаху може слободно да дојде.

Сопственикот на Ф1, Либерти Медиа, назначи нов извршен директор

 Дерек Чанг на 1 февруари ќе ја преземе функцијата претседател и извршен директор на Либерти Медиа, компанијата која е сопственик на Формула 1.

Претседателот и извршен директор Стефано Доменикали ќе поднесе извештај до извршниот комитет на Либерти Медиа.

Претходниот извршен директор на Либерти Медиа беше Грег Мафеи, чие заминување од компанијата беше најавено во ноември минатата година. Џон Мелоун ја извршуваше функцијата вршител на должноста гувернер во последните месеци.

Чанг има долгогодишно искуство во спортскиот бизнис и индустријата за забава. Поточно, од 2018 до 2020 година, Дерек беше извршен директор на НБА во Кина.

Ѓорѓиевски: Континуирано вложуваме во подобро образование

 Градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски денеска промовираше неколку проекти за реконструкција на централното и подрачно училиште „Круме Кепески". 

Како што информира Општината, се работи за промена на под, нови училници, тоалети за децата со попреченост,...

Ова, изјави Ѓорѓиевски, не е прва инвестиција во училиштето.

-За време на мојот тригодишен мандат, училиштето доживеа целосна преродба. Денес повторно промовираме неколку проекти во „Круме Кепески”. Се работи за изведување градежни активности за реконтрукција на влезот на подрачното училиште, каде што целосно се обновени скалите кои претходно беа речиси уништени, а поставена е и нова настрешница. Како новитет, во подрачното училиште е изграден тоалет за дечињата со попреченост, со што уште еднаш ја потврдуваме нашата заложба за еднаквост и инклузија на територијата на целата општина. Инвестициите продолжија и во централното училиште каде целосно опремивме две училиници за целодневна настава со клупи, столчиња и инвертар, како и дополнително уште две нови училници. Поставен е и нов под, кој со години не беше променет, истакна градоначалникот.

Претходно, потсети, во централното училиште беше изграден нов фудбалски терен со квалитетна вештачка трева и детско игралиште со нова урбана опрема, сензорна соба која значително го унапреди образовниот процес на дечињата со попреченост, смарт табли за подрачното училиште, ги опремивме сите училници и кабинети со смарт уреди во централното, нови кабинети по информатика, уште еден спортски центар во подрачното училиште,...

-Тука не застануваме, продолжуваме да ја градиме иднината на младите таква каква што ја заслужуваат, изјави Ѓорѓиевски.

притисни ентер