МВР: Зголемен бројот на фишинг-напади и лажно претставување во име на МВР и директорот на БЈБ

Од Министерството за внатрешни информираат дека е зголемен бројот на измами што годинава биле забележани а кои опфаќаат фишинг-напади и случаи на лажно претставување во име на министерот за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност.

Од Секторот за компјутерски криминал при МВР известуваат дека главната цел на фишинг-измамите е да се приберат личните податоци на примателот или да се натера да посети лажна веб-страница.

-Обидите најчесто доаѓаат преку електронска пошта, но и преку социјалните мрежи, СМС пораки или телефонски повици. Во некои случаи, жртвите добивале порака дека се предмет на наводни правни постапки за измислени кривични дела и се повикувале да стапат во контакт со испраќачот преку вибер или телеграм линк. Дополнително, постојат случаи во кои граѓаните добивале пораки наводно испратени од директорот на Бирото за јавна безбедност или министерот за внатрешни работи, со кои им се соопштува дека се под истрага за извршени кривични дела и дека е потребно да се регистрираат преку е-пошта и да ги достават нивните лични податоци. Овие електронски пораки се класичен обид за измама со цел прибирање на лични податоци за нивна понатамошна злоупотреба, се вели во соопштението.

Апелираат до сите граѓани да бидат внимателни, да не ги отвораат овие пораки и никако да не контактираат со испраќачот преку доставениот линк или да споделуваат лични податоци доколку тоа се бара.

-За да се избегне ризикот од зараза со малициозен софтвер, Секторот за компјутерски криминал препорачува граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и датотеки прикачени во е-маил пораки од непознати испраќачи. Дополнително, сакаме да ја информираме јавноста дека ваквите измами честопати имаат меѓународна димензија, бидејќи слични пораки се забележани и во други држави од регионот, се посочува во соопштението на МВР.

Автомобил излетал од патот кај село Рашче и паднал во Вардар

Во СВР Скопје попладнето во 16 часот е пријавено дека на локалниот пат за село Рашче патничко возило излетало од патот и паднало во река Вардар.

Од МВР за МИА информираа дека веднаш на местото на настанот се упатени полициски службеници и Итна медицинска помош, а екипа на САЕ Тигар презема мерки за вадење на автомобилот.

На лице место е и јавен обвинител.

Жена остава торба на туѓ праг, сопственикот занемел кога видел што има внатре (ВИДЕО)

На социјалните мрежи кружи видео од њујоршкото предградие Лонгвуд.

Гледаме непозната жена како оди покрај тротоарот, застанува пред куќа и остава зелена торба на прагот.

Тоа било снимено од надзорна камера во неделата, во доцните попладневни часови, а она што се случило потоа ја шокира јавноста, пишува Дејли мејл.

Сопственикот на споменатата куќа Мамад Хафиз Џелу не знаел што се случува сѐ додека на телефон не му се јавил соседот. Она што го слушнал го натера да поита надвор и да ја отвори торбата!

„Имаше мало девојче внатре. Многу плачеше. Бев многу исплашен и му реков на соседот да повика брза помош. Ја внесов во куќата и повикав полиција“, објаснил Џело.

Тој додава дека бебето било старо неколку дена и потоа било пренесено во локалната болница. Лекарите рекле дека е во стабилна состојба и очекуваат да преживее.

Додека несреќното девојче е под надзор, полицискиот оддел на Њујорк се обидува да ја идентификува и лоцира жената фатена на камера.

„Мило ми е што таа е безбедна. Во исто време, шокиран сум што некој би можел да го направи ова“, рекол сопственикот на куќата во Лонгвуд.

Слично реагираа и неговите соседи, а Донел Варден за медиумите изјави дека целата приказна е „вознемирувачка“.

„Ако мајката не го сакала детето или околностите биле поинакви, зошто не го ставила на посвојување или не повикала полиција“, прашал тој.

Според важечките закони, возрасен не би одговарал доколку го предаде бебето на надлежните органи и на безбедно место. Полицијата ги повикала сограѓаните да помогнат во откривањето на жената.

ФБИ објави детали: Напаѓачот во Њу Орлеанс прво сакал да си го убие семејството и пријателите

Американскиот воен ветеран кој со својот пикап влетал во луѓето на новогодишната забава во Њу Орлеанс, се заколнал на верност на Исламската држава и дејствувал сам во нападот во кој загинаа најмалку 14 лица, соопшти ФБИ.

Осомничениот, кој бил убиен на местото на настанот откако отворил оган врз полицијата, е идентификуван како Шамсуд-Дин Џабар, 42-годишен Тексашанец кој служел во Авганистан, објави Си-Ен-Ен.

Тој возел од Хјустон до Њу Орлеанс на 31 декември и објавил пет видеа помеѓу 01:29 и 03:02 ноќта на нападот во кои рекол дека ја поддржува Исламската држава (ИД), додаде ФБИ.

Во првото видео, Џабар објаснува дека прво планирал да им наштети на семејството и пријателите, но бил загрижен дека медиумското покривање нема да се фокусира на „војна меѓу верниците и неверниците“, рече заменик-помошникот директор на ФБИ, Кристофер Раја на прес-конференција.

Џабар на снимките изјави и дека се приклучил на ИД пред минатото лето. „Тоа беше терористички акт. Тоа беше однапред смислен и злобен чин“, нагласи Раја.

ФБИ соопшти дека се чини дека нема врска помеѓу нападот во Њу Орлеанс и епизодата во Лас Вегас истиот ден, кога сајбер камион Тесла, натоварен со канистри со бензин и моќна пиротехничка опрема, експлодира и се запали пред меѓународниот хотел Трамп во Лас Вегас.

Тоа се случи три недели пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да се врати во Белата куќа на 20 јануари.

Меѓу повредените во нападот во Њу Орлеанс имало и двајца полицајци кои биле застрелани од осомничениот.

Нападот се случил три часа по почетокот на новата година на улицата Бурбон во историскиот француски кварт.

Најмалку 15 лица загинаа, вклучувајќи го и осомничениот, соопшти ФБИ. Тој додаде дека знамето на Исламската држава било пронајдено на возилото користено во нападот.

Властите во другите американски градови објавија дека ја зголемиле безбедноста, вклучително и Трамп Тауер и Тајмс Сквер во Њујорк, додавајќи дека нема непосредни закани.

Во Вашингтон, полицијата, исто така, соопшти дека го зголемила своето присуство додека главниот град се подготвува да биде домаќин на три големи настани овој месец.

На 6 јануари Конгресот ја потврдува победата на Трамп на претседателските избори, на 9 јануари се одржува државното збогување од поранешниот претседател Џими Картер, а на 20 јануари инаугурацијата на Трамп.

притисни ентер