Муратовска: Транспортерите чекаат до четири часа на границата од српска страна

Транспортери чекаат три до четири часа на ГП  Табановце – Прешево на српска страна и покрај тоа што на крајот на минатиот месец беше воведено заедничко гранично управување. 

Последните информации на Асоцијацијата на камионски транспортери „Макамтранс" се дека српската страна го надминала судскиот проблем во однос на користењето на терминалот, а за забрзување на протокот се очекува да помогнат и раководствата на двете царини, информира денеска Билјана Муратовска, претседател на „Макамтранс".

Муратовска рече дека добиле информација оти по надминување на проблемот Србија ќе почне забрзано да ги подготвува сите работи за да се воспостави и втора лента и да се користи и паркинг просторот.

– Ќе треба малку да почекаме затоа што веќе две години заради тој проблем откако беше најавена новината остана нерешeн и со воведувањето веќе и српската страна има притисок за да ги надмине проблемите, рече Муратовска, одговарајќи на новинарски прашања пред конференцијата за транспорт, во организација на „Макамтранс".

Таа добила ветување од директорот на Царината Ѓоко Танаскоски дека на средба со неговиот српски колега ќе побара да се воспостави приоритетна лента за проток на свежа стока, односно се што има на македонска да важи и на српска страна за да се забрза протокот.

– Транспортерите сега се малку нервозни, но сметам дека ова е единствениот начин да се забрзаат работите и да се одобрат условите, рече Муратовска.

Преку ГП Табановце лани поминале околу 200.000 камиони, што е една четвртина од вкупниот промет на товарни возила. Се очекува, како што беше најавено на стартот на заедничкото гранично управување, бројката годинава да се зголеми за 30 проценти и да достигне 260.000. Проценките на властите и бизнис асоцијациите се дека со проектот „One stop shop" превозниците ќе имаат заштеда од околу осум милиони евра на годишно ниво.

На конференцијата беше презентирана електронска апликација на Макамтранс на којашто превозниците можатанонимно да пријават случаи на корупција на граничните премини и низ патиштата, како и движења на мигранти и случаи на нивно присуство во возила. Информациите од апликацијата ќе бидат доставени до Координативниот центар за гранично управување, којшто ќе ги алармира останатите надлежни институции. /МИА

Ден на македонската дипломатија - 55 години од основањето на МНР

 Во Министерството за надворешни работи денеска се одбележува 55 години од неговото постоење. 

По повод Денот на Министерството за надворешни работи министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ќе одржи прес-конференција, а вчера дипломатскиот клуб од Скопје го одбележа Денот на македонската дипломатија со садење дрво пред зградата на МНР и посета на Меморијалниот музеј на АСНОМ во Пелинце.

Македонската дипломатија своите почетоци ги има во Бирото за односи со странство формирано во 1969 година. Република Македонија имаше свои дипломати кои работеа во југословенската дипломатија во Белград и во странство, како и во републичкиот орган за односи со странство. Во 1991 година овој орган прерасна во Министерство за надворешни работи.

Министерството за надворешни работи ги врши работите што се однесуваат на надворешните работи и надворешната политика на Република Северна Македонија.

Една од најзначајните дипломатски активности на ова Министерство беше претседавањето со ОБСЕ кое ја одбележа изминатата 2023 година кога нашата држава беше домаќин на Самитот на ОБСЕ.

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност ќе одлучува за поскапувањето на полисата

Поскапувањето е од 840 па до скоро 1.600 денари во зависност од моќноста на возилото. 

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност денеска на седница треба да го разгледа Извештајот од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното автомобилско осигурување од страна на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

Комисијата за автомобилска одговорност која е именувана од страна на Владата согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот ја сочинуваат членови од Министерството за финансии (МФ), Националното биро за осигурување (НБО) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

Таа е надлежна за утврдување на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.

Комисијата ја утврдува премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето-осигуреникот, a која се состои од техничка премија, која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата и дел на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци) што ги утврдуваат осигурителните друштва самостојно со посебна одлука на Друштвото за осигурување.

Со донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното авто осигурување од страна на осигурителните компании за 15,44 отсто поскапува полисата што ја плаќаат граѓаните при регистрација на нивните возила со моќност од над 44 киловати. Поскапувањето е од 840 па до скоро 1.600 денари во зависност од моќноста на возилото. /МИА

Учениците на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај

Учениците од основните и средните училишта од денеска заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година. 

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од деновите кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.

- Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН кое, по реакции во јавноста и од синдикатите, ја повлече претходната одлука пропуштеното да се надомести во саботи.

притисни ентер