Морската сол делотворна против мрсна коса

Проблемот со мрсна коса е предизвикан од акумулацијата на тн. Себум - природни масти што самата кожа ги лачи за да ја одржи виталноста на влакната. 

Така, еден од начините да се избегне мрсна коса, е спреј со морска сол, советува стручњакот Скот Мекглин.

- (Себумот) е неопходен за зајакнување на надворешните слоеви на косата и заштита на деликатните протеини во внатрешноста на косата... Но, ако Ви се чини дека таа изгледа мрсно многу бргу откако ќе ја измиете, тоа може да биде поради начинот на којшто се грижите за Вашата коса, Мекглин.

Следи појаснување на негувањето со морска сол.

- Ја нанесувам, со распрскувачот, на влажна коса и масирам. Потоа ја сушам косата со фен. На овој начин убаво ќе ја обликувате косата и таа нема да изгледа лепливо и мрсно, објаснува тој.

Скот споделува совети за убавина и средување на Инстаграм и Тикток (scottmcglinnofficial) и има 245.000 следачи. /МИА

Цетиње е облепено со некролози за 12- те жртви на пијаниот Мартиновиќ, меѓу нив и за братчињата

Цетиње и Црна Гора тагуваат. На улиците на главниот град се појавија посмртници со имињата на жртвите на безумниот Ацо Мартиновиќ, кој вчера уби 12 лица, а рани четворица.

Меѓу неговите жртви има и две момчиња, на возраст од девет и 14 години, Јован и Вукан Вулетиќ. Покрај нивните слики, на некрологот има и фотографија од Мирко Вулетиќ, нивниот чичко, објави Телеграф.

Погребот на момчињата ќе биде утре на новите гробишта во Цетиње. Истиот ден на тоа место ќе биде погребана и Драгана Драшковиќ.

Бранислав Бранко Мудреша ќе биде погребан утре во селото Боково, а Радивоје Беќо Марковиќ во Липа Цуцка.

Деветгодишниот Вукан и неговиот пет години постар брат Јован Вулетиќ се најмладите жртви на масовното злосторство извршено вчера попладне во Цетиње од Ацо Мартиновиќ (45).

Според полицијата, Мартиновиќ убил четири лица во куќата на роднина во Бајице - Радован и Радмила Мартиновиќ и нивните синови, близнаците Милош и Марко Мартиновиќ. Во куќата на Мартиновиќ тешко е ранета и сопругата на Марко, Марија (38).

Меѓу жртвите на Ацо Мартиновиќ се Радомир Марковиќ (70), Јошо Оташевиќ (55), Бранислав Мудреша (60), Драгана Драшковиќ (53) и сестрата на убиецот, Зорица Вулетиќ.

Мартиновиќ вчера нешто по 17 часот и 30 минути во кафаната „Велестово“ во близина на Спортскиот центар убил четири лица.

Потоа убил уште четворица Мартиновиќи во Бајице, а потоа ги убил двете деца во населбата Хумчи, а потоа го продолжил злосторството во Доњи Крај, каде ја убил својата сестра и уште едно лице.

Кога полицијата го опколила околу полноќ, Мартиновиќ си пукал во главата, а потоа починал на пат кон болница.

Белгиски фудбалер доживеал ужас - полицајци го извлекле од авион и го претепале (ВИДЕО)

Белгискиот фудбалер и поранешен репрезентативец до 21 година, Стефан Омеонга доживеа страшно искуство на самиот Божиќ.

Полицијата го извлекла од авионот во Рим пред летот за Тел Авив, го фрлиле на земја и го претепале, а потоа без медицинска помош го оставиле да чека со часови без храна и вода.

Омеонга игра за израелскиот второлигаш Бнеи Сахнин и отпатувал за да се приклучи на тимот. Но, поради наводните проблеми со неговите документи, тој бил насилно извлечен од авионот, а неговата приказна потсетува на оние што често им се случуваа на американските црнци во контакт со локалната полиција.

Овој 28-годишен играч од средниот ред го опиша целиот настан на својот Инстаграм профил, заедно со видео од инцидентот и додаде дека еден од полицајците дури и го пријавил за наводните повреди што му ги нанел при апсењето.

„На 25 декември бев жртва на полициска бруталност. За време на летот меѓу Рим и Тел Авив, откако се качив во авионот и седнав на моето место, стјуардот ми пријде поради наводен проблем со моите документи и ме замоли да го напуштам авион. Убеден во исправноста на моите документи, мирно прашав што е проблемот.

Беше повикана полиција, ми ставија лисици и насилно ме извадија од авионот. Надвор од авионот, далеку од очите на сведоците, полицајците насилно ме фрлија на земја и ме претепаа, а еден од нив со коленото ми ја притисна главата.

Ме одведоа во полициска кола со лисици, како да сум криминалец. Пристигна и брза помош, но бев во шок и не можев да им одговорам на болничарите. Наскоро слушнав преку полициското радио: „Одби лекарска помош, сѐ е во ред“. Тоа беше сосема погрешно, побарав да ме однесат во итната медицинска помош бидејќи се плашев што ќе ми направи полицијата.

Потоа ме сместија во сива соба, без храна и вода и ме оставија во состојба на целосно понижување неколку часа. Откако бев пуштен, дознав дека полицаецот поднел пријава против мене поради повреди што наводно ги добил при апсењето иако имав лисици. Понатаму, до ден денес не сум добил оправдување за моето апсење.

Како човечко суштество и како татко не можам да толерирам каква било форма на дискриминација. Ова апсење е само видливиот врв на ледениот брег. Многу луѓе кои личат на мене не можат да најдат работа, домување, не можат да го играат спортот што го сакаат само затоа што се црнци.

Мора да бидеме обединети и да го кренеме гласот за да ги едуцираме оние околу нас - нашите колеги, соседи и пријатели - за овој проблем што го труе нашето општество и го кочи нашиот напредок. Мир“, напиша револтираниот фудбалер.

Омеонга кариерата ја започна во Андерлехт, потоа играше за италијански Авелино, Џенова и Пескара, шкотскиот Хибернијан и Ливингстон, белгискиот Серкл Бриж, а од 2023 година е во Бнеи Сахнин. Тој забележал 22 настапи во Серија А во Џенова.

Дочекот на Новата година во Германија како граѓанска војна- во хаосот загинаа пет лица (ВИДЕО)

„Во најголем број места во Германија, новата година започна мирно и радосно“, рече сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер во балансирањето за новогодишната ноќ.

Истовремено, политичар на СПД ги осуди сите оние граѓани кои со употреба на пиротехнички средства ги попречувале акциите на припадниците на полицијата, пожарникарите и итната помош на терен. „Сторителите мора да бидат казнети со сета сила на законот.“, додаде Фезер, пренесува ДВ.

Во меѓувреме се засили политичката дебата за последиците од новогодишните инциденти. Шефот на баварската полиција Јоаким Херман јавно зборуваше за „ситуации слични на граѓанска војна“. Тој се осврна на настаните во Берлин, а во тој контекст рече: „Ако луѓето се сериозно повредени, ако цели станбени згради станат непогодни за живеење поради употреба на експлозивни направи, тогаш црвената линија е помината“.

Заменик-претседателот на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Дирк Визе, за весникот „Велт“ изјави дека е крајно време законски да се зајакне заштитата на спасувачките тимови. Поранешниот федерален министер за правда Марко Бушман од ФДП не ги презеде неопходните чекори во овој поглед, смета Визе. Тој побара од Унијата ЦДУ/ЦСУ „да ја прекине политиката на блокада по ова прашање и да го поддржи предлог-законот насочен кон подобра заштита на спасувачките тимови“.

Синдикатот на вработените во полицијата (БДП) е загрижен поради фактот што „потребен е сѐ повеќе персонал за заштита на населението и членовите на спасувачките тимови“. Претседателот на БДП, Јохен Копелке, забележува дека сите кадровски и правни опции во ова прашање се исцрпени. Напади врз полицијата или пожарникарите се регистрирани, меѓу другото, во Берлин, Минхен, Келн, Лајпциг и Хамбург.

Во Берлин, според градските власти и полицијата, за време на новогодишната ноќ се повредени 37 полицајци и еден припадник на противпожарната служба. Еден полицаец е тешко ранет, се претпоставува дека повредите ги добил при експлозија на нелегално пиротехничко средство.

Во Лајпциг околу 50 лица нападнале полицајци со пиротехнички средства и шишиња. Во Минхен неколку стотици луѓе дивееле за време на новогодишната ноќ, меѓу другото нападнале и полицајци. Портпаролката на полицијата рече дека се работи за 200-300 лица од левичарскиот спектар.

Германскиот Црвен крст апелира граѓаните поинтензивно да се сензибилизираат по ова прашање. „Мора да се подигне свеста дека членовите на спасувачките тимови даваат важен социјален придонес за секој поединец, тоа е придонес кој спасува животи“, изјави претседателката на Црвениот крст, Герда Хаселфелд за медиумската група „Функе“.

И првиот човек на БДП, Копелке, го коментираше трагичниот исход од новогодишната ноќ. Пет лица загинаа при употреба на пиротехнички средства. Тој рече дека тоа е „ужасен биланс за првиот ден од новата година“. Бројните повредени лица и видеата на социјалните мрежи покажуваат дека на многу луѓе веќе не им е доволен нормалниот огномет, рече Копелке: „Мора да има сѐ поголема експлозивна моќ, поголеми експлозии, многу оган“.

Поради употреба на нелегални пиротехнички средства, односно производи кои се користат за професионален огномет и кои не биле во продажба во изминатите неколку дена, предизвикана е голема штета пред сѐ во Берлин. Според пожарникарите, во областа Шенеберг во една голема детонација биле сериозно оштетени бројни фасади, а пукнало и стакло на прозорците. Луѓето морале привремено да се иселат од 36 станови, а две лица се пренесени во болница, потврди портпаролот на берлинската противпожарна служба. Во врска со последиците од употребата на очигледно нелегален огномет на теренот, тој рече дека тоа изгледало како „бојно поле“.

Јохен Копелке од Синдикатот на вработените во полицијата (ГДП) посебно се осврна на однесувањето на младите мажи во населбите кои се познати како социјални жаришта, поточно на фактот дека таму повторно биле нападнати припадници на полицијата и спасувачките тимови. „Веќе не го поднесувам тоа мачо однесување на улиците и на социјалните мрежи“, изјави Копелке за медиумите од групата „Функе“.

Тој бара брзи последици за напаѓачите: „Во Лајпциг, Минхен, Келн и Хамбург бевме цел и повредени, мора да има брзи и опипливи последици за напаѓачите, а мора да има и последици за членовите на левата екстремистичка сцена. "

притисни ентер