МОН ги известило училиштата неработните денови да бидат одработени во саботи

Првичните најави се сменија, изгубените часови поради претстојните избори и самитот на ОБСЕ сепак ќе мора да се одработат. 

Основците во мај и јуни, три саботи ќе одат на училиште за да ги исполнат законски утврдените 180 работни денови, велат од МОН, бидејќи во спротивно би се прекршил законот за образование.

18 мај, 1 јуни и 15 јуни, односно секоја втора сабота тој период, основците ќе треба да го одработат загубеното, одлука која предизвика несогласување од страна на СОНК. Тие веќе испратиле и реакција за промена на истата до министерството вели првиот човек на синдикатот Неделков. Тој не гледа ништо спорно во тоа министерот крајот на учебната година да го верифицира со 3 работни дена помалку, наместо да се дискриминираат наставниците... Згора на тоа, вели искуствата покажале дека продуктивноста на учениците би била минимална.

-Под МОН се и средно и високо образование, тие не работат, само основно образование, колегите вработени во основното образование навистина се чувстуваат и дискриминирани од 700.000 работници во државата, само овие 20тина илјади ќе работат. Одејќи во сабота нема да има никаков квалитет, ниту квантитет, ниту учениците ќе дојдат во бројот кој го поседува образованието, апсолутно тоа искуството го кажува и сметаме дека е не продуктивно да се работи во сабота.

Учениците од училиштата каде ќе се спроведува гласање, еден ден пред изборите на 24 април и 8 мај ќе имаат скратени часови кои ќе траат најдоцна до 11 часот. Од сојузот на средношколци кои не се опфатени со законот за работни денови, исто така сметаат дека саботите се бесполезни, а во нивниот случај, веруваат дека професорите имаат начин да се надокнади наставата..

-Саботите не треба да се работат, не се ефективни, сме виделе доста пати дека не се ефективни и дека не се држи настава како што треба да се држи во работните денови кога ја имаме. Среќни сме што средношколците нема да ги работат саботите, но една работа е дека професорите ќе треба да ја стегнат програмата и да ја поврзат повеќе за да можеме и ние да ги имаме ефективни деновите и часовите.- Берин Мухамед – Сојуз на средношколци

Инаку 24 и 8 мај се прогласени за неработни за сите работници на територјата на Македонија. Владата во Информацијата која ја усвои им препорача на приватните работодавци да ги почитуваат заклучоците, за секој граѓанин да може да си го оствари демократското право на глас во избирачката единица во која е регистриран.

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

Ханија: Хамас го проучува примирјето „во позитивен дух“

Хамас во „позитивен дух“ го проучува предлогот за примирје, до кој се дојде со посредство на Египет, изјави денеска лидерот на палестинското движење, Исмаил Ханија.

Ханија во телефонски разговор со шефот на египетското разузнавање Абас Камел кажа дека преговарачите на Хамас ќе се вратат „што е можно поскоро“ во Египет за да ги завршат актуелните разговори за прекин на огнот.

Во моментов се чека одговорот на ова палестинско движење на предлогот за прекин на огнот, што предвидува примирје во израелските воени операции, проследено со размена на заложниците киднапирани за време на нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври, за палестинските затвореници кои ги држеше Израел.

Израелската влада, од своја страна, денеска го обвини Хамас дека го попречува договорот со тоа што одбива да направи отстапки.

-Единственото нешто што го спречува договорот е Хамас. Хамас само ги заострува своите услови и се крие зад неразумните барања, изјави портпаролката на израелската Влада, Ракела Карамсон.

Таа повтори дека Израел продолжува да се подготвува за голема офанзива на Рафа, град што се наоѓа на крајниот југ од Појасот Газа, и покрај противењето на меѓународната заедница. /МИА

Мицкоски од Тетово: Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста

 Во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и во општините во западна Македонија.

„Живееме под едно небо, делиме исти проблеми, исти предизвици. Маката ни е иста, и копнееме по заеднички работи. Денес Македонија е држава каде управуваат стотина души кои ги запоседнале институциите и грубо ги злоупотребуваат. Секој тендер поминува низ нивни раце, за секој бизнис процентот на добивка го определуваат истите луѓе. Тој артаноиден систем стана синоним за корупција и неказнет криминал. Систем на искривени вредности и непринципиелност која државата ја носи во пропаст“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Тетово.

Мицкоски додаде дека доаѓа ново време, се врти нов лист, нов почеток.

„Овде од Тетово објавувам дека веднаш по победата и формирањето на влада значаен процент од буџетот ќе оди за развој и решавање на децениските инфраструктурни проекти на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Дебар и повеќе други општини од западна Македонија“, вети Мицкоски.

„Се обврзувам дека во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и на овие места овде. Подеднакво ќе градиме и работиме за развој на штипско Ново село, но и за тетовско Теарце, за струмички Куклиш, но и за тетовско Одри“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека на народот му е доста од удирање на гради зборење за права, а во реалноста сето тоа да се сведе на крадење и тендери. Реално и со дела да се менува животот на луѓето и тоа идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи.

„За да се случи ова што ви го зборувам, на 8-ми мај мора да се заврши започнатата работа. Цунамито е кренато. Тоа цунами треба да удри на денот на изборите и да ја оддува забрефтаната од криминал власт. Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста“, порача Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните на осми мај да излезат и да гласаат, време е да започнат промените во Македонија.

притисни ентер