Могерини: Решавањето на спорот за името е една од ретките добри вести за Европската Унија

Решавањето на спорот за името е една од ретките добри вести за Европската Унија, оцени високата претставничка Федерика Могерини денеска во Брисел, на чиј Совет за надворешни работи прв пат земјава се најде под името Република Северна Македонија.

Могерини призна дека состанокот почнал со аплауз за постигнатиот договор со Грција, но оти тоа нема да биде доволно земјава, без постигнати резултати во реформскиот процес, во јуни да ги отпочне преговорите со Унијата.

– Ова претставува позитивен чекор кој ќе има влијание врз отворањето преговори, но не е единствен елемент, и тоа нашите пријатели во Северна Македонија го знаат, дека фокусот на реформската агенда е исто толку круцијален колку и решението на спорот за името, изјави Могерини.

Во меѓувреме, во земјава продолжува спроведувањето на Преспанскиот Договор. Новото име од денеска е поставено и на сигнналната табла на граничниот премин Делчево. Шефот на државата, Иванов, судејќи според официјалната веб страница, се уште е претседател на Република Македонија. Иако рокот за промена на сите дигитални записи и логоа, истече во петокот, официјалната интернет страница на Иванов останува непроменета. Најави за бојкот на новото име стигнуваат и од Грција. Префектот на областа Централна Македонија, Ѕиѕикостас, порача дека нема намера новото име на земјава биде поставено на таблите во областа под негова надлежност.

-Нема шанси на пат што е во наша одговорност, на периферијата да се постави табла на која ќе го пишува терминот Северна Македонија. Да биде јасно, сѐ додека сум јас префект, на таблите на нашите улици ќе пишува Скопје, вели Апостолос Ѕиѕикостас, префект на грчката област Централна Македонија

За можноста прашањето за името да биде повторно отворено, од идните влади на двете земји, денеска зборуваше и германскиот министер за Европа, Михаел Рот. Во интервју за Етнос, Рот вели дека од таквото сценарио никој нема да има корист зашто се работи за веќе решен спор.

Повеќе од 400 луѓе евакуирани поради поплави во Тексас

Многу населби во градот Хјустон, во американската сојузна држава Тексас, беа поплавени вчера по обилните дождови, кои ги принудија спасувачите да евакуираат повеќе од 400 луѓе од домовите.

Поплавите зафатија голем дел од Тексас, од Хјустон до руралниот Источен Тексас, каде што спасувачите ги поминуваа улиците и патиштата со чамци, за да спасат луѓе и домашни животни кои не биле евакуирани навреме.

Официјални претставници издадоа упатства до жителите во ниските области да се евакуираат, предупредувајќи дека најлошото допрва доаѓа.

Нови врнежи се очекуваат утре, а властите признаваат дека може да има многу проблеми доколку има обилни дождови.

Пролетна модна ревија на домашни миленици

На 15 јуни во „Јавна соба“ ќе се одржи првата модна ревија на домашни миленици во организација на Асоцијацијата на стилисти за домашни миленици на Македонија.

Организаторите најавуваат околу 15-тина сопственици на салони за домашни миленици кои ќе се претстават со својот миленик - модел и ќе објаснат на кој начин го третирале крзното кај миленикот, а пред да почне дефилето, ќе се разговара и за стандардот на занимањето - стилист за домашни миленици, кој е обврзувачки за сите грумери.

Настанот ќе биде збогатен и со штандови на кои ќе може да се претстават пет шопови, увозници на козметика за миленици, одгледувачници.... Поканети се да учествуваат и креатори на накит и облека за миленици.

Настанот нема натпреварувачки карактер. Целта е да се промовира грумингот во земјава и да се подигне свеста за правилното третирање на крзното на домашните миленици.

Украина соопшти дека во изминатата ноќ соборила 23 дронови лансирани од Русија

Украинската противвоздушна одбрана соопшти дека синоќа соборила 23 од вкупно 24 дронови камикази лансирани од Русија на територијата на Украина.

Соопштението било објавено на социјалната мрежа Телеграм од украинските воздухопловни сили.

Оттаму посочија дека беспилотните летала биле лансирани од територијата на Курската област во Русија и Крим. Се додава дека воздушниот напад бил одбиен, а беспилотните летала биле соборени над регионите Харков, Херсон и Дњепропетровск, забележува Укринформ.

притисни ентер