МНР ќе упати порака за претпазливост до македонските државјани во Израел

Нема нови пријави од наши граѓани кои се наоѓаат во Израел и во регионот на Блискиот исток за евентуална евакуација, изјави денеска шефот на димплатијата Бујар Османи

-Во моментов немаме нови барања. Постојано ја следиме состојбата. Утринава повторно имав разговор со нашиот амбасадор во Израел. Имало некои информации дека во текот на ноќта Израел го има нападнато Иран, меѓутоа се уште не се потврдени и затоа не ве информирав по тоа прашање.Меѓутоа тоа се информаците од утринскиот разговор што го имав со нашиот амбасадор, но немаме барање ниту преку СОС телефонот ниту преку нашата Амбасада за евакуација, рече Османи на новинарско прашање по изјавата во Стопанската комора на Македонија каде беше во рамки на изборните активности како претседателски кандидат.

Тој посочи дека САД денеска има препорака до нивните граѓани да не го напуштаат Тел Авив и главните центри на Израел поради можни напади. Најави дека денеска и нашето МНР ќе упати порака за претпазливост до нашите државјани таму.

-Во текот на денот и ние ќе ги информираме нашите граѓани иако постојано сме во комуникација со тие што се таму, вели Османи.

Амбасадата на САД во Израел денеска им порача на своите вработени и нивните семејства да ги ограничат своите движења по извештаите дека Израел извршил одмазднички напад врз цели во Иран.

По нападите од саботата на Иран врз Израел во МНР беше формиран Кризен штаб чија примарна задача е да организира извлекување на македонските државјани од Израел и од поширокиот Блиски Исток доколку за тоа има потреба. На почетокот од седмицата МНР информира дека само еден македонски државјанин побарал да биде евакуиран од Израел по повикот упатен до наши државјани кои во моментов се наоѓаат во таа земја и поширокиот регион на Блискиот.

Се проценува дека околу 50 македонски државјани се наоѓаат во Израел. Кризниот штаб нема конкретна бројка на македонски државјани кои се наоѓаат во околните земји, а единствениот начин да се дојде до тоа е преку нивно пријавување во нашите амбасади. Османи на почетокот од неделава им препорача на нашите граѓани кои се во тој регион да се пријават во Амбасада, да остават телефонски броеви, доколку се влоши ситуацијата да можат да бидат контактирани.

Покрај Амбасадата во Тел Авив на нашите граѓани на располагање им стојат и амбасадите во Каиро, Абу Даби и Катар. Сите државјани кои се наоѓаат во посочениот регион можат да стапат во комуникација со нашата Амбасада во Тел Авив на дежурниот телефон 972 549 267 378 како и СОС дежурните телефони на МНР 075 273 732 и 075 268 376 со цел подготовки за евентуална евакуација.

Во Србија продолжува парламентарна расправа, се чека гласање за новата влада

Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. 

Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.

Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Во тричасовното обраќање пред пратениците, меѓу другото, тој истакна дека владата што ја предлага ќе биде влада на континуитет во најголема мера, како и дека полноправното членство во ЕУ останува стратешки приоритет на Србија. Тој наведе и дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци. Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон татковината. На Собранието му предложи 31 член на кабинетот, меѓу кои има осум нови личности. /МИА

Земјотрес од четири степени во поширокото подрачје на Лос Анџелес

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД.

Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс.

Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита./МИА

Колумбија најави прекин на дипломатските односи со Израел поради војната во Газа

Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави синоќа дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Појасот Газа. 

Петро претходно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има геноциден претседател“, нагласи синоќа Петро во Богота на собир по повод Меѓународниот ден на трудот. Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, нагласи тој. /МИА

притисни ентер