Договорот на шпанскиот тренер би истекол на крајот од оваа сезона, но по потпишувањето на нов, Гвардиола ќе остане во Манчестер 11 сезони.
Тој го презеде Сити во 2016 година и освои 18 трофеи, вклучувајќи шест титули во Премиер лигата и Лигата на шампионите.
"Манчестер Сити ми значи многу. Ова е мојата деветта сезона. Доживеавме толку многу неверојатни моменти заедно. Имам навистина посебно чувство и затоа сум многу среќен што останувам уште две сезони", изјави Гвардиола за веб-страницата на клубот.
Тој го предводеше тимот до четири последователни титули во Премиер лигата, што е рекорд во лигата, како и до тројната круна во 2023 година, односно три трофеи во една сезона - титулата во Премиер лигата, Лигата на шампионите и ФА Купот.
„Го кажав ова многу пати досега, но имам сѐ што еден тренер би можел да посака и го ценам тоа многу. Се надевам дека можеме да додадеме уште трофеи на оние што веќе ги освоивме. Тоа ќе биде мојот фокус“, додаде Гвардиола.
Најдолго остана во Сити како тренер, откако работеше четири години во Барселона и три во Баерн Минхен.