Министерката за култура во посета на Општина Градско

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска попладнето ја посети општина Градско каде заедно со градоначалничката Жанета Чаушевска го посети Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ и манастирскиот комплекс „Свети Архангел Михаил“.


По посетата Канческа - Милевска најави итна реставрација на црквата и иконите стари околу 200 години.

- Воодушевена сум од архитектурата на самата црква. Забележав дека голем дел од иконите не се конзервирани и затоа во координација со надлежните институции ќе побарам веднаш да се конзервираат, изјави Канческа - Милевска.

Таа информира дека во 2009 година имало интервенција на црквата, а е изработен и проект за архитектура.

- Ќе имам средба и со директорот на Управата и со директорот на Националниот конзерваторски центар овој проект за архитектура да се реализира веќе следната година се со цел да се врати автентичниот сјај на црквата, за што како министерство ќе обезбедиме средства, нагласи Канческа-Милевска.

Градоначалничката Чаушевска информира дека патот до црквата и манастирот бил тампониран пред некоја година и оти општината веќе има доставено проект до Светска банка. По одобрувањето на средствата се очекува патот да се асфалтира напролет идната година.

- Ова е прекрасен комплекс кој најпосетен е за празникот Голема Богордица, а помалку за празникот Свети Архангел Михаил. Планираме да го направиме туристички привлечен и да биде посетен од бројни туристи, изјави Чаушевска.

Црквата е изградена во 1861 година и е дело на Андреја Дамјанов. Во 1981 година е прогласена за споменик на културата.

Состојба на патиштата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

ЦУК: Осум пожари на отворено во изминатото деноноќие

Во последното деноноќие се евидентирани осум пожар на отворен простор, а активни утрово нема. Горела ниска вегетација, депонии и ѓубришта, соопшти ЦУК.

По еден пожар на отворено имало во село Трубарево (ниска вегетација), зад терминалот на влезот во Струмица (ѓубриште) и кај пробиштипското село Неокази (трска). Во Општина Ѓорче Петров имало два, кај „Стопански двор“ (ниска вегетација) и кај „Обиколница Волково“ (ниска вегетација). Три пожари на творено имало во Општина Кочани - горела градската депонија, кај месноста „Монополски Бавчи“ (ѓубриште) и кај местото „Игралиште“ во Кочани (ѓубриште).

Танц парада и мини концерт во Струга по повод Светскиот ден на танцот

Со танц парада и мини концерт на отворено, под мотото „Струга танцува“ студиото за танц „Бах“ денеска по четврти пат ќе го одбележи Светскиот ден на танцот - 29 април.

Тања Бах, кореограф и идеен творец на студиото за танц информира дека членовите на „Бах“ ќе тргнат од центарот за култура „Браќа Миладиновци“, покрај кејот на реката Црн Дрим ќе продефилираат низ Струшката чаршија, а потоа ќе одржат концерт во Паркот на поезијата.

-Танц парадата е еден креативен начин да го одбележиме Светскиот ден на танцот. Парадата е нашиот придонес во културните настани во градот на мостовите. Ќе приредиме едно вистинско уживање за публиката и на за нас својствен начин ќе потсетиме за физичките и психичките придобивки од танцувањето, изјави Бах.

Во Паркот на поезијата, додаде, 100-тината членови на „Бах“ ќе ја продолжат танцовата традиција во Струга.

Светскиот ден на танцот за прв пат е прославен на 29 април 1982 годинаа, оттогаш, секоја година на овој ден ширум светот се читаат меѓународни и национални пораки за танцот. Оваа иницијатива ја покрена Меѓународниот одбор за танц на Меѓународниот инститиут за танц на УНЕСКО, а го избра денот според роденденот на зачетникот на модерниот балет и еден од најголемите танцови реформатори, Жан Жорж Новер. /МИА

притисни ентер