Мислам дека нашите пријатели во Македонија треба да сфатат дека заврши предизборниот период, дојдено е време веќе да станат сериозни, да го почитуваат меѓународниот договор, доколку ги интересира да останат на европскиот пат, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис говорејќи за телевизијата „Опен“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во утринското интервју, грчкиот премиер детално говореше за сите актуелни теми во Грција, со оглед на тоа што земјата е во предизборен период во пресрет на европските избори на 9 јуни, а се осврна и на Договорот од Преспа, на односите со нашата земја, на ЕУ перспективата, но и на трите меморандуми што не се ратификувани во Парламентот.
-Кога имаме прашања, како на пример со нашите северни соседи, ги решаваме со сериозност, јасно поставувајќи црвени линии, разјаснувајќи дека Договорот од Преспа треба да се почитува, иако не се согласувавме со многу негови аспекти и дека во прашањето за името ние во никој случај нема да отстапиме. Името на земјата е „С.Македонија“ и сè додека некои продолжуваат да ја именуваат „Република Македонија“ да знаете дека ќе бидеме наспроти нив, рече Мицотакис.
Посочи дека прашањата во Договорот што се однесуваат на името не се менуваат, но дека „постои можност за разговараме за иднината на договорот“ и истакна дека она што тие можат да го сторат е да извршат „голем притисок врз Скопје и врз власта да сфатат дека оваа политика на крајот ќе ги одведе во меѓународна изолација и мислам дека не го сакаат тоа“.
Говореше за можноста да се извршат и големи меѓународни притисоци, споменувајќи ги реакциите веднаш по инаугурацијата на претседателката, за кои рече дека биле резултат на грчките интервенции, потенцирајќи дека во овој момент Грција не е сама.
-Грција во овој момент не е изолирана, Скопје е изолирано. И мислам дека на крај ќе сфатат дека оваа политика е безизлезна и верувам дека ќе се прилагодат на притисоците што ќе им бидат извршени и мислам дека е добро тоа, бидејќи ние сакаме добри односи со нашиот северен сосед, вчера бев во Лерин, соседна земја е, ние инвестираме во Македонија, истакна Мицотакис за „Опен“, пренесе МИА.
За меморандумите што сè уште не се ратификувани уште еднаш го повтори ставот дека „на Грција ѝ се потребни додатни преговарачки оружја“, а токму трите протоколи, според Мицотакис, ја засилуваат грчката позиција и се дипломатско оружје.
За ставот на СИРИЗА дека со ратификацијата, позицијата на Грција би станала посилна, Мицотакис рече дека токму спротивното би се случило, бидејќи со тоа Скопје би добило аргумент „да продолжи да го прави истото“.