На првата владина седница, на секој министер му бил даден коверт со задачи кои мора да ги сработи, со детално објаснети конкретни цели за секое министерство и начинот на кој владата ќе ја оценува нивната работа. Мицотакис на седницата покрај приоритетите, го претстави и новиот модел на управување.
-Победивме во битката со идеи, со нашата програма за подобра Грција. Сега е време да ги обединиме сите Грци во заедничка визија. Од денеска, ние покажуваме во пракса дека сме подготвени. Работата веќе започна. Повикани сме да победиме во тешка и асиметрична војна, која ниту една Влада до сега не успеала – промена на моделот на владеење. Денеска ќе добиете досие со цели и обврски за секое министерство,изјави Кирјакос Мицотакис – Премиер на Грција.
Кабинетот на Кирјакос Мицотакис брои дури 51 член, од кои 21 за прв пат влегуваат во политиката.
Според најавите, на министрите и на замениците, ќе им биде забрането вработување на роднини од прв и втор степен, а забрана за склучување на било каков договор со државата ќе имаат партнерите, како и децата на владините функционери.
На членовите од Владата, ќе им биде забранета и било каква бизнис активност, а генералните секретари во министерствата според најавите, Мицотакис ќе ги намали од 93 на 60. Новиот грчки премиер вчера разговарал и со американскиот претседател Доналд Трамп, како што соопштуваат од неговиот кабинет, Трамп му честитал на Мицотакис за изборот, а станало збор и за приоритетите на новата грчка влада.