Мицотакис го обвини Ципрас дека „го разменил договорот од Преспа со пензиите“

Како се ближи тајмингот за евентуалното гласање за Преспанскиот Договор, растат и тензиите во грчкиот парламент. 

На синоќешната дебата за поништување на одредбите за кратење на пензиите, во преден план исплива Спогодбата за името. Лидерот на Нова демократија, Мицотакис, го обвини Ципрас дека Договорот е резултат на пазарење со кое, скопското прашање го решил во замена да нема кратење на пензиите.

-Разменивте мерка што не требаше да ја имате изгласано, со една голема национална отстапка. Ова, господине Ципрас, беше билетот, со кој патувавте од Преспа до Итака. Во Преспа, каде што ги отстапивте македонскиот јазик и македонската националност, а на Итака, каде што го изрежиравте наводниот излез од меморандумите, рече од говорницата Кирјакос Мицотакис, лидер на Нова Демократија

На каков пазар мислеше Мицотакис не е познато, но се совпаѓа, со дел од поодамнешните шпекулации во грчките медиуми дека Берлин наводно и ветил на грчката влада пролонгирање на мерката за кратење на пензиите како подарок доколку се постигне решение за името. Ципрас негираше, воедно бранејќи го ставот дека македонскиот јазик е официјално признат во Обединетите Нации од 97-та, а прв пат, по подолго време, остави можност Преспанскиот договор да пропадне, поради неконструктивност на македонската страна.

-Изјавите на функционерите на ПЈРМ, мора да бидат во согласност со духот и текстот на Договорот од Преспа. Ако тоа не се случи, им кажавме и нив, но и јавно дека нема да оди напред ниту договорот, ниту интеграцијата на соседната земја во меѓународните организации, рече Алексис Ципрас, премиер на Грција

Во дебатата неизбежен беше и говорот на Каменос, најголемиот противник на договорот.

-Договорот од Преспа е мртов. Мртов е бидејќи самиот господин Заев и покрај сите напори од грчка страна да се најде решение, со неговите континуирани изјави, го негира самиот договор, изјави Панос Каменос, министер за одбрана на Грција

Во однос на изјавата на Заев, за можноста македонскиот јазик да се изучува во Грција, умерени тонови испрати грчкиот портпарол. Ѕанакопулос вели дека го разбира македонскиот премиер, зашто како што потенцира, Заев се соочувал со тешка клима на национализам во земјава.

Тела на четворица Украинци се извлечени од водите на реката Тиса на границата со Романија

Во изминатите неколку дена од реката Тиса на границата на Украина со Романија се извлечени тела на четири удавени лица, од кои најмладиот имал само 20 години, соопшти Државната гранична служба на Украина.

„Во соработка со колегите од МВР, граничарите добиле информација дека се пронајдени телата на двајца мажи, од кои едниот имал само 20 години“, соопштија од граничната служба.

Еден од удавените го пронашол локален рибар. На местото на настанот биле повикани спасувачи и полиција.

Претходно, на брегот на Тиса било пронајдено уште едно тело на маж.

„Средовечен маж почина со знаци на долготрајна изложеност на вода. Романските граничари го открија телото на нивната страна од границата, а во тек е идентификација на удавениот“, соопшти Државната гранична служба.

Претходниот ден локалните медиуми објавија дека се пронајдени телата на шест удавени лица, а судејќи по состојбата на некои од нив, тие долго време поминале во планинската река.

Во март, украинската гранична служба ја објави 22-та смрт од давење во реката Тиса од почетокот на конфликтот во февруари 2022 година, а десет мртви биле извлечени од Тиса минатата година.

Според официјалните податоци, минатата година 5.400 Украинци илегално ја преминале романската граница во обид да избегнат воен рок, а наводно околу 2.000 од нив успеале да ја препливаат Тиса.

Накитот на Мет Гала- најскапите парчиња во историјата на балот вредат милиони (ФОТО)

Мет Гала е еден од највозбудливите настани во светот на модата.

Овој бал се одржува секоја година во првата недела од мај и служи за собирање пари за Институтот за костими во Музејот на уметност Метрополитен во Њујорк и е одлична можност за светските производители на накит да ги прикажат своите најскапи парчиња, од кои некои се во вредност од десетици милиони долари.

Во текот на својата историја, многу познати гости на Мет Гала го искористија моментот да се украсат со ексклузивен накит.

Така Џенифер Лопез во 2019 година носеше впечатлив фустан од Версаче со дијамантски накит, избирајќи парчиња од Хари Винстон. Како што објави Harper's Bazaar, нејзиниот накит вреден вкупно 8,8 милиони долари вклучуваше дијамантски ѓердан од 129 карати со виолетов сафир, 120-каратни дијамантски нараквици и големи висечки обетки.

Американскиот модел Џиџи Хадид го спои својот фустан од Прада со дијамантски ѓердан од златарата Jakob & Co. со средишен камен од 54 карати, како и соодветни обетки, пренесува Business Insider.

Според Marie Claire, ланчето од 118 карати вредело 12 милиони долари.

Во 2022 година, Ема Чембрлен предизвика бура од коментари кога носеше ѓердан од компанијата Картие во кој имаше скапоцени камења од ѓердан Патиала вреден 30 милиони долари, објави The Times of India. Овој ѓердан првично бил направен за Махараџа Сер Бупиндер Синг во 1928 година и исчезнал од неговата колекција во 1948 година.

Дијамант од оригиналниот ѓердан се појавил на аукција на Содеба во 1982 година, а Картие подоцна реставрирал уште едно парче пронајдено во антикварница во Лондон во 1998 година.

Актерката Пријанка Чопра Џонас минатата година се појави на балот во црн фустан на Валентино. Деталот кој го привлече вниманието на сите е дијамантскиот ѓердан Bulgari Laguna Blue со централен син дијамант од 11,16 карати. По балот, овој ѓердан е продаден на аукција за 25,19 милиони долари, објави Business Today.

Британската пејачка Дуа Липа дојде на балот во бел фустан на Шанел надополнет со Тифани и Ко. ѓердан. Липа е првата личност која носела ланче од 100 карати Lucida Star во вредност од над 10 милиони долари.

Истата година, ѕвездата од Барбадос, Ријана, пристигна на балот бремена, во фустан на Валентино по нарачка. Својот изглед го комплетира со неколку ланчиња и обетки со цветни мотиви од компанијата Картие. Се проценува дека целиот овој накит вредел повеќе од 25 милиони долари, објави Page Six.

Хаос на аеродромите во Британија: Заглавени илјадници патници поради компјутерска грешка(ВИДЕО)

Аеродромите низ Велика Британија се во хаос откако сите порти беа затворени поради компјутерска грешка кај граничните служби.

Сликите на социјалните мрежи покажуваат огромни редици пред портите додека илјадници луѓе чекаат да им ги проверат пасошите, пишува Дејли мејл.

Се шират гласини дека Хитроу не е единствениот аеродром погоден од наводната грешка, туку и Манчестер и Гетвик.

Персоналот на Хитроу, наводно, им рекол на патниците дека ова е национален проблем.

Една патничка изјавила за Дејли Мејл дека чекала во ред цел час, а персоналот на аеродромот почнал да дели вода.

Таа додаде дека на луѓето им било кажано дека аеродромот работи на алтернатива за проверка на документите на патниците.

притисни ентер