Почетокот не беше лесен, состојбата не е идеална со оглед на наследеното од претходната власт, но сум стопроцентно задоволен од тоа што владината коалиција го испорачува ветеното уште на самиот старт, изјави премиерот Христијан Мицкоски на отчетот за првите 100 дена од формирање на владата.
Во 40 минутното обраќање на кое го придружуваа и најголем дел од министрите, рече дека во изминатиот период фокусот на владата бил на враќање на долговите од минатото, на привлекување странски иневстиции, надминување на проблемите во образованието, здравството, земјоделството, инфраструктурата.....
Премиерот сепак, вели дека свесен е и дека имало и грешки, но уверен е дека ниту една од нив не била катастрофална..
Во владината коалиција има хармонија и обединети сме околу стратешките прашања, вели премиерот кој уверува дека нема да направи ниту една отстапка на штета на националните интереси. Мицкоски додава дека сепак е подготвен за разговори во име на евроинтеграциите, за на крај да се постигне, како што вели, достојно решение.
Мицкоски ги искоментира и критиките од опозицијата, кои вели дека се со единствена цел да направат раздор во новата коалиција.
Една од главните теми на кои се осврна премиерот е борбата со корупцијата, тема за која побара поголемо трпение од граѓаните и рече дека нема да прави естрада и да манифестира моќ за реваншизам кон неистомисленици.
Најави дека од денеска веќе почнуваат со планираните реформи во правосудството, откако никој не одговорил на неговиот повик и не дал конкретни предлози за подобрување на состојбата.