МИ: Жута ќе боксува за финале

Боксерот Фатлум Жута го обезбеди најмалку бронзениот медал на боксерскиот турнир на Медитеранските игри во Мерсин, откако се пласира во полуфиналето во категоријата до 75 килограми.

По овој успех на Жута, Македонија стигна до првиот медал на игрите во Турција.

Жута во полуфиналето вечерва ќе боксува со Хосам Абдини од Египет во обид да стигне до финалето.

Македонскиот боксер во четвртфиналето вчеравечер го победи Наид Салом од Либија со 2-1 на поени.

Австрија домаќин на конференција посветена на системи за автономно оружје

Во Виена денеска почнува дводневна меѓународна конференција за системи за автономно оружје, јави ДПА.

Министерството за надворешни работи испрати покани за конференцијата на тема „Човештвото на крстопат: Автономни системи за оружје и предизвикот на регулативите“ откако експертските разговори под покровителство на Обединетите нации во Женева во последните 10 години не доведоа до разговори на дипломатско ниво.

На форумот се очекува да присуствуваат претставници од околу 130 земји, како и од Обединетите нации, невладини организации и истражувачки институти. Системите за оружје, кои самостојно таргетираат и ангажираат цели користејќи вештачка интелигенција, се во центарот на дискусијата, особено со оглед на конфликтите во Газа и Украина.

На дневен ред се и прашања како што се употребата на технологии за вештачка интелигенција од страна на терористите и опасностите од трка во вооружување со системи за вештачка интелигенција.

Ќе биде подготвен извештај до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за следната седница на Генералното собрание на ОН. /МИА

Во ЗОО Скопје се роди двогрба камила

Во Зоолошката градина во Скопје се роди двогрба камила од фамилијата Бактријан.

- Нашето ново бебе. Во фамилијата Бактријан двогрби камили имаме подмладок, оваа преслатка млада дама, која е второ дете на Карло и Мираи. Се роди на 03 април и по краток карантин со мајката, веќе ужива во пролетните сончеви денови, стои во објавата од Зоолошката градина на Фејсбук.

Фото: Фејсбук на ЗОО Скопје

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата во Македонија

Македонија е една од 14 држави што треба да бидат прегледани од страна на работната група на УПП.

Работната група на Универзалниот периодичен преглед (УПП) на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) на состанок на 2 мај во Женева, ќе ги разгледува по четврти пат податоците за состојбата на човековите права во Македонија, се наведува во денешното соопштение на Канцеларијата на ОН во Скопје.

- Македонија е една од 14 држави што треба да бидат прегледани од страна на работната група на УПП, за време на претстојната седница, што ќе се одржи од 29 април до 10 мај. Првиот, вториот и третиот УПП преглед на Македонија беа одржани во мај 2009, јануари 2014, односно јануари 2019 година, пишува во соопштението.

Работната група na УПП се состои од 47 земји-членки на Советот за човекови права, секоја од 193-те земји-членки на ОН може да учествува во прегледот на земјата.

- Документите врз што се темелат прегледите се: 1) националениот извештај - информации обезбедени од страна на државата што се разгледува; 2) информации содржани во извештаите на независни експерти за човекови права и групи, познати како специјални процедури, договорни тела за човекови права и други ентитети на ОН; 3) информации обезбедени од други засегнати страни, вклучувајќи ги националните институции за човекови права, регионалните организации и групите за граѓанско општество, се појаснува во соопштението.

УПП е процес што вклучува периодичен преглед на податоците за состојбата на човековите права во сите 193 држави-членки на ОН.

- Од првиот состанок, одржан во април 2008 година, сите 193 држави-членки на ОН беа разгледани трипати. Во текот на четвртиот УПП циклус, државите повторно се очекува да ги објаснат чекорите што ги презеле за да ги имплементираат препораките, добиени за време на нивните претходни прегледи, на чие следење се обврзале, како и да укажат на скорешните случувања во oбласта на човековите права во земјата, се посочува во соопштението.

Делегацијата на Македонија, како што е најавено, ќе биде предводена од министерот за надворешни работи Бујар Османи. Трите претставници на земјата што служат како известувачи - „тројка“, за прегледот на државава се Албанија, Бенин и Финска. /МИА

притисни ентер