МФ: Аукцијата е редовна, бројот на аукции преполовен, јавниот долг после долги години - стабилизиран

Денешната аукција на државни хартии од вредност е редовна аукција предвидена и објавена со календарот за аукции.

Taa e согласно предвиденото домашно повлекување утврдено со Буџетот за 2020 година, со тоа што мора да се напомене дека бројот на аукции е двојно намален од 2017 година наваму.

Државните хартии од вредност се евтин извор за финансирање на буџетскиот дефицит, но и на стари доспеани обврски. На пример, каматата на 12-месечните обврзници кои се издадоа на денешната аукција изнесува 0,6%, додека на крајот на месецот треба да ја вратиме втората рата од ПБГ-заемот во износ на 155 милиони евра, која е земена во 2013 година со каматна стапка од 3,9% или повеќе од шесткратно повисока. До крајот на годината доспева еврообврзницата од 2015 во износ од 180 милиони евра со камата од 4,9%.

Годинава за отплата имаме надворешен долг од 437,8 милиони евра и отплата по основ на домашен долг во износ од 264,9 милиони евра. Исто така треба да се финансира и буџетскиот дефицит.

Сепак и покрај големиот број на стари обврски кои доспеваат, успеавме да го стабилизираме јавниот долг и сега тој е дури на пониско ниво во однос на 2016 година. Ако во 2016 година тој изнесувал 48,8%, согласно последната состојба, јавниот долг изнесува 47,7% и тоа со вклучен негарантиран долг, кој порано не бил вклалкулиран - што значи дека долгот е понизок за околу 1,5 процентни поени.

За разлика, порано јавниот долг беше брзорастечки, што беше забелешка и од меѓународните финансиски институции. Така од 2008 година од 23% јавниот долг се удвои на 48,8% во 2016 година.

Како успеваме да го стабилизираме јавниот долг? Преку прудентна политика која ги таргетира компонентите кои го креираат долгот: 1.буџетскиот дефицит и 2.сервисирањето на старите долгови.

Буџетскиот дефицит преку постепена консолидација го намалуваме. Така ако порано тој достигнувал и до 4% од БДП, годинава е намален на 2,3%, а догодина ќе биде сведен на 2%, односно е преполовен.

Старите долгови, благодарение на враќањето на довербата на инвеститорите во економијата, се рефинансираат по неколкукратно пониски каматни стапки, споредено со претходниот период.

Во однос на забелешките дека не се процесираат барањата од кабинетот на дополнителната заменик министерка за финансии, сите барања доставени до Кабинетот се процесираат најбрзо можно, велат од Министерството за финансии.

Данскиот крал Фредерик Десетти во прва официјална посета на Шведска

Данскиот крал Фредерик Десетти и неговата сопруга кралицата Мери денеска ја посетија Шведска, што е нивна прва официјална посета во странство откако станаа монарси во јануари годинава.

Кралската двојка беше свечено пречекана во Стокхолм од принцезата Викторија и нејзиниот сопруг Даниел, како и шведскиот крал Карл Шеснаесетти.

Со данските монарси во посета на Шведска се и данските министри за одбрана и за надворешни работи, а најавен е состанок со шведскиот премиер Улф Кристерсон и со претседателот на шведскиот Парламент, Андреас Норлен.

Почина иконата на аргентинскиот фудбал, легендарниот селектор Меноти

 Во 86. година од живот почина Цезар Луис Меноти стратегот кој на Аргентина и ја донесе првата титула Светски шампион.

Меноти по кариерата на зелениот терен како фудбалер стана уште попознат врвен тренер и селектор на голем број клубови и репрезентации.

Меноти помина голем дел од својата играчка кариера во родната Аргентина и ги носеше дресовите на Росарио Централ, Расинг и Бока Јуниорс. Во текот на 1968 година настапуваше и за бразилски Сантос и му беше соиграч на легендарниот Пеле.

Две години подоцна ја заврши фудбалската кариера и веднаш почна да се занимава со тренерска работа, во која остави многу подлабока трага. Најдобро ќе остане запаметен како селектор на Аргентина, која ја предводеше до првата светска шампионска титула во 1978 година.

Меноти беше селектор на Аргентина од 1974 до 1983 година, а неговата последна работа беше поврзана со аргентинската репрезентација каде беше директор. Покрај Аргентина, раководеше и со Мексико, а успешно работеше и како клупски тренер предводејќи ги Барселона, Атлетико Мадрид, Сампдорија, Бока Јуниорс и многу други клубови.

Бендевска: За ЗНАМ секој човек е важен

За ЗНАМ  секој човек е важен и секој треба го добие своето место во системот во согласност во своите капацитети и вештини.

Носителката на листата на пратеници во ИЕ 5, Весна Бендевска денеска одржа прес конференција на која се осврна на вредностите и принципите за кои ќе се залагаат како вистински претставници на граѓаните, а кои се преточени во програмата за претстојните парламентарни избори „Проглас за достоинствена Македонија“.

Бендевска рече дека Движењето ЗНАМ во оваа кампања веќе се етаблирало како нова политичка опција и сериозна алтернатива на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, по добиената сериозна поддршка од граѓаните во првиот круг од претседателските избори.

„Оваа енергија, оваа сила и синергија значи нов ветер в грб, за два дена заедно да го завршиме започнатото: Македонија, втемелена на Крушевските и АСНОМСКИ постулати, да ја градиме како вистински демократско општество во кое се почитуваат човековите права ислободи без никаква дискриминација. Само такво општество може да се нарече праведно општество“, рече таа и додаде дека клучните вредности кои се основа на идејата за почитување на човековите права се човечкото достоинство и еднаквоста.

Бендевска, исто така, рече дека во нивната Програма се залагаат за посебна заштита на правата на ранливите групи и заедници и лицата со посебни потреби, кои ќе мора да добиваат посебна заштита од државата за да можат целосно да се интегрираат во општеството, како рамноправни индивидуи. Таа потанцира дека секој човек е важен и ќе го добие своето место во системот, во согласност во своите капацитети и вештини.

Бендевска рече дека визијата на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за тоа како треба да изгледа државата се темели на неколку вредности и принципи, а тие се: правда за сите подеднакво, обврски кон државата за сите подеднакво; нулта толеранција за корупција и брза и ефикасна борба против организираниот криминал – веднаш; без амнестија за никого што се огрешил по Устав и закон; секој да одговара за кривичните дела што ги направил, а украденото и одземеното од устата на граѓаните мора да се врати назад; под итно да се вратат укинатите одредби од Кривичниот законик со кого и власта и опозицијата си се самоамнестираа од делото – злоупотреба на службена положба и овластување и зголемуљвење на казната за тоа дело на затвор од минимум 10 години; кривичните дела за криминал и корупција нема да застаруваат; да се укине доживотниот мандат на судиите и јавните обвинители, а судиите и јавните обвинители да одат на реизбор секои шест години, бидејќи само така ќе има можност за увид во квалитетот на нивната работа.

„Правда мора да има; без правда нема ниту правна држава, ниту лично и човечко достоинство, а без тоа – нема ни достоинствена Македонија“, рече таа.

Бендевска ја искористи приликата и им го честиташе големиот христијански празник Велигден на граѓаните кои слават и посака здравје, среќа, спокој и благосостојба во секое семејство.

притисни ентер