Мелони за попладнево најави онлајн состанок на Г7 за кризата на Блискиот Исток

Италијанскaтa премиеркa Џорџa Мелони денеска изјави дека нејзината земја ќе биде домаќин на состанокот на Групата седум (Г7) на кој тема ќе биде кризата на Блискиот Исток.

Мелони денеска му кажа на својот кабинет дека има „длабока загриженост“ поради најновите случувања, вклучително и ракетниот напад на Иран врз Израел и растечката нестабилност во Либан, соопшти нејзиниот кабинет, пренесе италијанската новинска агенција Анса.

Состанокот на Г7 ќе се одржи, како што е најавено, попладнево преку видео врска.

Иранската револуционерна гарда синоќа објави дека лансирала повеќе од 100 ракети врз Израел како одговор на неодамнешното убиство на политичкиот лидер на Хамас Исмаил Ханије, лидерот на Хезболах Хасан Насрала и заменик-оперативниот командант на иранската Револуционерна гарда Абас Нилфорушан.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по иранскиот ракетен напад, изјави дека Иран направил „голема грешка“ и дека ќе „плати за тоа“./МИА

Во стар дотраен објект, оддалечен од селото, учат Македончињата во село Смолник, Голо Брдо

Македончињата од селото Смолник, област Голо Брдо, настава следат во објект кој е во катастрофална состојба, и секојдневно постои опасност да  се сруши и да предизвика трагедија.

- Ученици немаат ниту минимални елементарни услови за следење на наставно-воспитниот процес. Објектот во кој следат настава, кој нема ниту влезна врата, прозорци, е отстапен од жител на селото и се наоѓа во горниот дел на ова населено место, што претставува дополнителна грижа на родителите, бидејќи до него се стигнува низ бујна вегетација, па постои опасност и од диви животни, објави телевизија Булќиза.

И самите ученици, за телевизијата велат дека мака мачат додека стигнат до „училиштето“, кое е далеку од селото, нема пат, одат по дожд и снег, дека не ретко гледаат и диви животни, волци и мечки.

-Точно е дека нашите деца, Македончиња од село Смолник, настава следат во катастрофални услови. Побарано е настава да се одржува во објект внатре во селото, барем така децата ќе бидат безбедни. Нашата област е планинска, а селото е на повисок предел, па нема можност тие да учат во друго населено место, зашто немаат ни соодветна патна инфраструктура, рече за МИА, Едмонд Османи, администратор на административната единица Требиште и потпретседател на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.

Од Управата за образование во општина Булќиза, каде територијално потпаѓа дел од областа Голо Брдо, за телевизијата, потврдиле дека се запознати со овој проблем, дека се „бара решение и оти очекуваат истиот да се надмине, со тоа што прават напори објект во центарот на селото ќе биде достапен за учениците и наставниците“./МИА

Годишен состанок на ММФ и Светска банка од 21 до 26 октомври во Вашингтон

Годишниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка ќе се одржи од 21 до 26 октомври во Вашингтон.

Според прелиминарниот распоред, во понеделник, 21 октомври, меѓу другото ќе се разговара и за преносот на монетарната политика на САД, за отворањето работни места во Субсахарска Африка или за трансформацијата на мрежата за социјално осигурување, соопштија организаторите.

Презентацијата на светската економска перспектива, односно прогнозата за глобалниот економски развој во иднина, како и извештајот за глобалната финансиска стабилност е најавена за вторник, 22 октомври.

Следниот ден ќе бидат одбележани дебатите на Светска банка за поефикасна глобална помош и планови за стимулирање на економскиот раст, а директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева ќе се обрати пред новинарите во четврток, 24 октомври.

На средбата ќе се разговара и за економското зајакнување на жените, влијанието на климатските промени, проблемите на задолжените земји и актуелните економски предизвици.

„Групацијата на Светската банка има клучна улога во глобалните напори да се стави крај на екстремната сиромаштија и да се поттикне заедничкиот просперитет. Еден од начините на кои организацијата работи за да ги постигне овие цели е со поканување на граѓаните ширум светот да соработуваат за прашања како што се намалувањето на сиромаштијата, меѓународната економска развој и финансии, градење човечки капитал и зајакнување на отпорноста“, се вели на веб-страницата на организацијата./МИА

Германија ги повика своите граѓани да го напуштат Иран

Германското Министерство за надворешни работи ги повика своите граѓани да го напуштат Иран.

Од Министерството посочуваат дека состојбата таму е нестабилна и може да се смени во секој момент.

Предупредувањето дојде откако Иран истрела балистички ракети кон Израел, а Израел ја засили својата војна со Хезболах со испраќање војници преку границата во Либан. /МИА

притисни ентер