Меџити го повика Јовев да му биде национален советник за кардиохирургија

Сакам да ми биде советник за трансплантација, кажа Меџити.

Сашко Јовев не менаџирал добро со Клиниката, се кршел Законот за здравствена заштита, има нерегуларности потврдени од Комисија на Министерството и затоа е санкциониран, ама сакам да ми биде советник за трансплантација, кажа Меџити пред камерите по брифингот со новинарите, тврдејќи дека Јовев му бил другар и одлуката не била субјективна.

Извештајот на Комисијата што ја формирал покажал дека вработените не се евидентирале со картички за влез и излез, Клиниката не доставувала финансиски извештаи на шест месеци, а меѓудругото во 2022 се дежурало без да се добие согласност од Министерството.

Пред новинарите, членовите на Комисијата што беа присутни на брифингот, помеѓу кои и Д-р Елена Ристеска, изјава во камера не сакаа да дадат, ама зад неа кажаа дека не било физички возможно еден лекар 30 дена по 24 часа во неделата да оди на работа, да има 200 повици и 8 дежурства во еден месец.

Иако спомена дека ги разбира реакциите во јавноста, Меџити одби да ја коментира изјавата на неговата заменичка Маја Манолева која за Канал 5 кажа дека не се согласува со неговата одлука.

Иако Манолева, која е заменик министер од редот на СДСМ, лидерот на партијата и прмемиер Ковачевски, денеска беше повоздржан - рече дека не сака да меша во надлежности на министерот.

Инаку, Министерот Меџити кажа дека контролата започнала откако дошол на функција и не се тргнало токму од Кардиохирургија, туку се спроведувала во 20 болници, дел од директорите биле разрешени, а некои сами си заминале.

Во Катланово одбележана 75-годишнина од егзодусот на Македонците од егејскиот дел на Македонија

Преспанскиот договор очекувано донесе нов ветер во односите меѓу Македонија и Грција, но траумите од минатато се уште тешко заздравуваат.. 

Од Грција, преку Битола и Војводина, до Скопје. Тешки пет години од своето детство доживеал Епидиј Бојаров при протерувањето на македонското население од егејскиот дел на Македонија во време на граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година.

Денес, 75 години од тој немил настан, се одржа помен во Катланово за загинатите борци од Демократската армија на Грција. И после толку години, траорните сеќавања на Бојаров се уште се свежи. Такво нешто, вели тој, тешко е да се опише со зборови.

Роден во Кајлари, бил принуден дел од тинејџерските години да ги помине по различни прифатилишта, далеку од родната грутка и своите родители.

„Ние од 1944 година бевме префрлени во Југославија. Не преселија од Битола во Сомбор. Гаково, од Гаково назад во Македонија и најпосле бевме во Стајковци. И во 1949 година бевме префрлени во Маџари. Тоа време не се опишува. Не може никој да го опише какво беше тоа време.

Tокму Катлановската бања била една од болниците каде биле згрижени повеќе од 6.000 борци. Половина од нив биле оперирани, додека пак над 200 лица им подлегнале на тешките повреди.

Дека споменот за децата бегалци живее се горди и дел од здруженијата на децата бегалци. Тие веруваат дека споменот ќе продолжи да живее и во иднина.

„По потпишувањето на Преспанскиот договор, стравувавме дека активностите на егејските здруженија во Македонија ќе замрат, и дека државните власти нема да пружат поддршка во организирањето на нови средби. Меѓутоа, демантот дојде следните години. Сега знаеме дека по природното заминување на генерацијата деца-бегалци, нивното место го заземаат нивните потомци кои достоинствено ја продолжуваат традицијата на своите родители и дедовци“

Околу 22.000 македонски деца биле прогонети од егејскиот дел на Македонија и префрлени во Албанија и тогашна Југославија, при што биле распоредени во собирни центри во Романија, Унгарија, тогашна Чехословачка и Полска.

Од емигрант во САД до лидер на Сириза: Каселакис е новата ѕвезда во грчката политика

Преспанскиот договор ѝ пресуди и на политичката кариера на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, кој брзо потоа ја изгуби власта, а годинава доживеа уште еден тежок изборен пораз по кој си поднесе оставка и од лидерската позиција во Сириза.. 

Стефанос Каселакис е новото име на грчката политика. Синоокиот 35 годишен претпремач по потекло од Атина, кој голем дел од својот живот го поминал во САД го замени Алексис Ципрас на лидерската позиција во СИРИЗА. Неговото име се појави речиси во последен момент и на само еден месец пред внатрепартиските избори. Каселакис кој е инаку и отворено геј, водеше целосно поинаква кампања од неговите против-кандидати, пред се, преку инстаграм и тик ток, со која преку ноќ стана нова ѕведа на грчката политичка сцена. Медиумската возбуда за него отиде до таму што на телевизиски гостувања, покрај неговиот долгогодишен партнер со кого живее во граѓанско партнерство, беа канети негови роднини, вклучително и жена која лажно тврдела дека е неговата баба. Феноменот како што дел од медиумите го нарекоа, успеа да триумфира над поранешната министерка Ефи Ахчиоглу која важеше за апсолутен фаворит.

Една од темите во кампањата беше и Преспанскиот договор, кој го постигна токму Ципрас, а цената ја платија со губење на власта... За ова прашање, Каселакис објави и видео од грчката страна на Дојранското езеро, оценувајќи дека бил нужен компримис бидејќи Грција ја губеле битката во светската јавност...

„Преку езерото е една соседна држава која сега се нарекува С. Македонија. Тоа е сензитивна тема. Сфатив дека за жал ја имаме загубено оваа битка, и како што годините изминуваа, а јас ги корегирав моите американски пријатели кои, по грешка, велеа дека Александар Велики не е од Грција, туку од Македонија, сфатив дека како што велат на англиски „перцепцијата е реалност“ е вистина тука. Дека не е важно каква е реалноста, туку што другата личност мисли за таа реалност. “

Во обраќањето Каселакис упати заборави да упати и критики кон актуелниот грчки премиер Мицокатис кого го обвини дека си го погазил зборот, бидејќи иако пред изборите ветувал, сепак не го поништил Преспанскиот договор. На договорот пак, Касеалакис вели гледа како решение кое според него има голема корист за идните генерации.

„Кога ќе загубите како држава, морате да барате решенија. Решенија кои оставаат нешто добро за идните генерации, за иднината на нашата земја. Во тој поглед, фактот што владата на Сириза презема храбра иницијатива за да го реши ова прашање е акт на храброст и според мене, тоа е акт на патриотизам. Успеавме да добиеме признание дека Александар Велики е Грк, да добиеме признание дека Македонија не припаѓа на ФИРОМ. “

Каселакис сега се соочува со серија на предизвици, пред се во самата Сириза. Мора да ја реформира партијата која летово претрпе убедлив пораз на парламентарните избори и да избегне можни поделби. Дополнително, тука е и фактот што иако е лидер на најголемата опозициска партија тој не е пратеник и до следните избори во 2027 година, нема да има глас во грчкиот парламент. Неговиот претходник Ципрас според најавите од Грција би станал член на парламентарното собрание на Советот на Европа како претставник од Сириза. Коментирајќи ја оставката на Ципрас, поранешниот македонски премиер Заев го нарече негов брат до крајот на животот.

Пет години од референдумот за Преспанскиот договор од 30. септември 2018 година

Денеска се одбележуваат 5 години од референдумот за Преспанскиот договор... Тој формално не успеа поради неисполнетиот цензус, но над 600.000 граѓани гласа „за“,што Владата го толкуваше како доволна поддршка за додавање на придавката Северна во името.

„Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“? На денешен ден пред пет години граѓаните одговараа на референдумското прашање за т.н. Преспански договор. „За“ гласаа околу 610.000, против беа само околу 40.000 граѓани, но тоа не беше доволно за тој формално да биде успешен, бидејќи не беше исполнет цензусот од 50% излезност, поради тивкиот бојкот кој го заговараше опозицијата....

И покрај дилемите за успешноста на референдумот, сепак уставните измени за промена на името беа донесени неколку месеци подоцна, а Македонија стана 30-та членка на НАТО.

Преспанскиот договор низ призмата на поранешниот амбасадор Нано Ружин донесе поголема корист отколку штета. Иако вели никој не сакаше промена на уставото име, во компромис нема победници.

Пет години подоцна, Македонија е исправена пред нов предизвик за промена на Уставот, овојпат за внесување на Бугарите во него и продолжување по европскиот пат. Ружин е оптимист дека се уште постојат шанси тие да бидат донесени во македонското Собрание и покрај тврдиот став поротив на опозицијата.

Тогашниот премиер Зоран Заев, кој ја предводеше владината коалиција која го поддржа референдумот, денеска на својот Фејсбук профил потсети на важноста на овој датум и повика дека е време за нов македонски успех за преговорите со ЕУ.

„ И кога веќе сите партии демонстрираат одлучност за членство на Македонија во ЕУ, време е за нов македонски успех. Во тоа име повикувам на одговорност и на постапки со кои ќе ги обезбедиме сите услови и ќе го искористиме поволниот геополитички момент за наше членство во Унијата најдоцна до 2030 година,“напиша Заев.

Договорот меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 12 јуни 2018 година во Нивици, крај Преспанското Езеро, со што се реши повеќедеценискиот спор меѓу Македонија и Грција под покровителство на Обединетите Нации.

притисни ентер