Мбапе барал од шефовите на ПСЖ да го пуштат во Ливерпул, тврдат во Франција

Килијан Мбапе бил блиску до преселба во Ливерпул, па дури и побарал од шефовите на ПСЖ да го пуштат на „Енфилд“, информира француското издание „Екип“.

Тоа било летото 2022 година кога со месеци имаше шпекулации дека капитенот на Франција ќе се пресели во Реал Мадрид, но на крајот тој изненадувачки реши да го продолжи договорот со парижаните на две години плус дополнителна сезона со опција за играчот.

Нему му биле дадени сериозни и цврсти гаранции дека изборот на тимот тоа лето ќе биде амбициозен, а имињата на Бернардо Силва и Роберт Левандовски се споменувале како клучни трансфер цели, што на крајот не се оствари. Во август Мбапе веќе бил многу разочаран од тоа што се случува, а на „Паркот на принцовите“ од Ливерпул пристигнала воодушевувачка понуда вредна 200 милиони евра.

Токму во овој момент капитенот на Франција посакал да биде пуштен кај „црвените“, а „Екип“ додава дека дури и ги договорил личните услови со „црвените“.

Важна точка што треба да се напомене е дека тој имал клаузула во неговиот иден договор со Ливерпул што ќе му овозможи да се пресели во Реал Мадрид потоа без многу потешкотии и со фиксни термини, кои сепак не се разјаснети.

ПСЖ категорично одбиле да го пуштат Мбапе и по краткиот бојкот во првото коло против Клермон, кога тој официјално беше прогласен за повреден, напаѓачот на крајот се врати и постигна 29 гола во Лига 1 и вкупно 41 гол на 43 натпревари на сите турнири во текот на таа кампања./МИА

Швајцарци собирале печурки во Германија- ќе платат казна од 7.000 евра

Германската царина казни четворица швајцарски државјани со 7.000 евра затоа што се обиделе преку граница да пренесат речиси 70 килограми печурки што ги набрале во близина на Шварцвалд.

Како што пренесува порталот „Тагесхау“, при царинскиот преглед биле пронајдени печурки, меѓу кои бил и заштитениот вргањ.

Властите соопштија дека швајцарските граѓани значително ја надминале дозволената количина на печурки што може да се берат. Имено, според Законот за заштита на природата, едно лице може да собере само еден килограм печурки дневно.

Така, патувањето до Шварцвалд се покажало како скапа екскурзија, бидејќи наведените биле казнети со вкупно 7.000 евра. Еден килограм печурки во Швајцарија чини 80 евра, што доволно говори колку овој бизнис е вносен. Запленетите печурки се уништени.

Официјалните лица истакнале дека и претходно се случувало собирачите на печурки, особено оние од Швајцарија, да ги игнорираат правилата, поради што се зајакнати контролите.

Двајца пијани тинејџери украле автобус во Германија, во полициската потера се забиле во куќа

Две момчиња, наводно на 19 години, украле автобус во алкохолизирана состојба во Ахен и удриле во куќа во Северна Рајна за време на полициската потера.

Несреќата се случила во текот на ноќта, а од куќата каде што завршило возилото за среќа немало повредени.

Како што пренесува „Ахенер цајтунг“, пожарникарите биле повикани околу 2 часот и 30 минути по полноќ, кога автобусот веќе удрил во куќата. Брзата помош чекала на местото на настанот и во украдениот автобус пронашла две лица.

Возачот останал заробен во возилото и со тешки повреди е пренесен во болница, пишува Билд.

Повреден е и неговиот сопатник кој е пренесен во болница. Според првичните полициски информации, во автобусот во моментот на несреќата немало патници.

По проверка на статичката стабилност, експертите им дозволиле на жителите да се вратат во зградата.

Авион итно слета поради чуден мирис во кабината, стјуардеса заврши во болница

Стјуардеса на австралискиот Qantas била итно пренесена во болница откако „необичен мирис“ вчера довел до неочекувано пренасочување на летот.

Боингот 737 бил во воздух повеќе од два часа пред да слета на пистата на аеродромот Кингсфорд Смит во Сиднеј, нешто по 21 часот, според податоците објавени на веб-страницата Flight Aware.

Компанијата „Квантас“, која е национална авиокомпанија на Австралија, одговорила за Фокс Бизнис дека чудниот мирис во авионот предизвикал пренасочување на летот.

„Авионот од Сиднеј до Велингтон се врати во Сиднеј откако беа примени извештаи за необичен мирис во кабината“, рече портпаролот.

„Авионот безбедно слета и ќе биде прегледан од инженери пред да се врати во употреба“.

Портпаролот додаде дека стјуардеса била пренесена во болница на лекарски преглед, но не ги откриле нејзините симптоми или здравствената состојба. Патниците и пилотите не биле загрозени.

Наводно, немало чад во кабината и пренасочувањето не било третирано како итно слетување.

Претставник на компанијата додаде дека Qantas работи на обезбедување сместување и алтернативи за патниците погодени од пренасочувањето.

„На патниците ќе им биде обезбедено сместување и ќе бидат пренасочени на следниот достапен лет“, се вели во соопштението.

„Се извинуваме што им го прекинавме патувањето и им благодариме за разбирањето.“

Qantas активно го истражува инцидентот. Засега нема дополнителни информации.

притисни ентер