Неколку места во егејскиот регион како Бодрум, популарна дестинација за одмор, беа евакуирани вчера вечер, објави градоначалникот Ахмет Арас. Тој, исто така, посочи дека луѓето се однесени на безбедно.
Стотици руски туристи, исто така, беа однесени на сигурно од источното предградие на Бодрум, соопшти генералниот конзулат на Русија. Тие се преместени во нови хотели, така што сега се надвор од животна опасност.
Телевизијата НТВ објави дека денеска е евакуирано и друго место во провинцијата Анталија.
Турција од средата се бори со најлошите шумски пожари во последните години.
Министерот за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли денеска изјави дека пет од првичните 100 пожари се уште се активни. Силниот ветер постојано ги пали пламените јазици и го попречува гаснењето на пожарот.
Според официјалните податоци, пожарите досега однесоа најмалку шест животи, а стотици се повредени.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера ги посети погодените области. Тој истакнал дека бројот на авиони канадери ангажирани во гаснење пожар е зголемен на 16, со поддршка на Русија, Иран и Украина. Тој додаде дека еден пожар во крајбрежниот град Мармарис бил предизвикан од деца.
Турските власти започнал истрага за причините за другите пожари и не ја отфрлија можноста за подметнување.
Земјата во моментов доживува топлотен бран, а во наредните денови се очекуваат температури над 40 Целзиусови степени.