Холивудската актерка е обвинета дека се обидела да го отуѓи својот поранешен сопруг и нивните шест деца по нивното разделување, според судските поднесоци поднесени во Врховниот суд на Л.А., открива Дејли Мејл.
Во ексклузивната изјава што ја виде Дејли Мејл, на телохранителот на парот, неговиот вработен му кажал дека Џоли бара нејзините деца да го избегнуваат Пит додека таа го има старателството над нив. Документите кои го докажуваат тоа се дел од оние досиеја кои се однесуваат на меѓусебниот конфликт на поранешната двојка за лозјето и куќата во Франција. Пит (60) и Џоли (48) се вплеткани во долготрајна жестока битка за имотот Шато Миравал, кое што го произведува наградуваното пенливо розе.
Имено, Џоли го продаде својот удел за 62 милиони долари на рускиот милијардер Јури Шефлер во 2021 година, што Пит тврди дека е во спротивност со нивниот договор дека прво треба да си го понудат правото на откуп.
Поранешниот војник на британските воздухопловни сили, Тони Веб, работел за семејството повеќе од 20 години како телохранител, почнувајќи од 2000 година, но тврди дека Џоли го отпуштила откако двајца негови чувари застанале на страната на Пит по разделбата.
Според документите поднесени вчера од адвокатите на Пит, Веб тврди дека личниот асистент на Џоли им кажал на двајцата колеги дека ќе бидат „тужени“ откако ќе се дознае дека можеби имаат докази во битката за старателство на двојката. Во документите се наведува дека колегата на Веб ја слушнал Џоли како „ги охрабрува децата да избегнуваат да поминуваат време со Пит за време на посетите“.
Во својата изјава, Веб тврди дека двајца негови соработници биле повикани да сведочат на сослушувањата за старателството на поранешната двојка, откривајќи ги разговорите меѓу Џоли и децата. Според изјавата на Веб, по разделбата на парот СРС Глобал и тој продолжиле да работат како телохранители на Џоли, Пит и нивните деца. Непосредно пред двајца негови работници да сведочат на суд, тој добил повик од личниот асистент на актерката, Мајкл Виеира.
„Виеира потоа ме замоли да ги спречам двете лица да сведочат. Разбирам дека г-дин Виеира го поднесе ова барање во име на г-ѓа Џоли“, рече Веб во својата изјава.
Веб понатаму во документот вели дека „немал овластување“ да ги спречи двете лица да сведочат бидејќи биле „независни соработници“, а не негови директни вработени. Асистентот тогаш наводно објаснил дека морале да потпишат договор за необјавување со Џоли или ќе бидат тужени.
„Ја пренесов оваа порака на двете лица по телефон и двајцата ми кажаа дека планираат да сведочат. Едно од двете лица, Рос Фостер, прецизираше дека има намера да сведочи без оглед на договорот за необјавување доколку биде повикан“, продолжи Веб.
Сè доведе до фактот дека во јуни 2021 година Џоли ја прекина соработката со СРС. Веб ѝ напишал благодарност во тоа време.
„Исто така напишав дека сум тажен што се оддалечивме во изминатите неколку години и дека знаев дека таа ме обвини за она што го направија моите независни изведувачи.
Во претходните правни поднесоци, адвокатот на Пит, Џон Берлински, тврдеше дека доказите на Веб покажале дека Џоли била склона да користи договори за необјавување за да ги прикрие семејните проблеми.
Пит освои неколку правни победи во неговата битка за винаријата, вклучително и значајната пресуда во Луксембург која му ја врати контролата врз наградуваното лозје во очекување на дополнителни сослушувања. Во март, Врховниот суд на Л.А. ги отфрли наводите дека неговата тужба е „несериозна, злонамерна и дел од вознемирувачки модел на однесување“.