Македонската влада треба да го усвои законот за ратификација на договорот со Грција

По вчерашното потпишување на Договорот меѓу Македонија и Грција за ставање крај на 27-годишниот спор за името, од денеска почнуваат чекорите за негова импелемнтација.

Македонската Влада се очекува денеска на седница да го усвои законот за ратификација на Договорот, по што треба да биде испратен во Собранието, каде треба да биде ратификуван.

Откако ќе биде доставен до Собранието пратениците треба да гласаат и да го усвојат со обично мнозинство, односно со мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник, што значи дека 31 треба да гласаат „за“, за договорот биде ратификуван.

Потоа следува негово испраќање до претседателот Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише. Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.

Спроведувањето на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешните процедури. Но, доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.

За договореното, конечниот збор ќе го имаат македонските граѓани на референдумот, кој треба да се одржи во септември или октомври.

Македонија, според договореното, до крајот на годинава ќе треба да усвои и амандмани на Уставот.

Со Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство што вчера во Преспа го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија или Северна Македонија (скратено име).

Со Договорот се признава - Македонски јазик, дел од група јужнословенски јазици. За државјанство е предвидено: Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија - во сите патни документи.

Предвидени се два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“.

„Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација во Македонија за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува најдоцна во рок од пет години по стапување во сила на Договорот.

„Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Македонија. Издавањето на ваквите документи и материјали ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со ЕУ и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.

Грција треба да го ратификува Договорот во Парламентот. Грција се обврзува да не приговара на барањата за членство или членството на Македонија во меѓународните, мултилатералните и регионални организации и институции, во кои членува Грција.

Македонија ќе бара прием во меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции под името Република Северна Македонија.

Грција ќе го извести претседателот на Советот на ЕУ дека дава поддршка за почеток на преговори за членство на Македонија. Грција ќе го извести генералниот секретар на НАТО дека дава поддршка НАТО да ѝ упати покана за пристапување на Македонија. Таквата поддршка на Грција е условена, со исходот на референдумот, доколку Македонија одлучи да одржи референдум.

Двете страни со потпишаниот Договор, прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.

За Грција - тие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Грција, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден. За Македонија - тие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство.

Во рок од шест месеци Македонија ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културно наследство на Грција, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство.

Во рок од еден месец страните преку размена на дипломатски ноти, на рамноправна основа, ќе формираат Заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, којшто ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични, засновани на докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди.

Страните се согласуваат дека нивната стратешка соработка ќе ги опфати сите сектори, како што се земјоделство, цивилна заштита, одбрана, економија, енергија, животна средина, индустрија, инфраструктура, инвестиции, политички односи, туризам, трговија, прекугранична соработка и транспорт.

По стапување во сила – Грција го подига нивото на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на – Амбасада и обратно.

Страните натаму ќе ја развиваат нивната економска соработка во сите области. Особен фокус ќе се стави на јакнење, зацврстување и продлабочување на нивната билатерална соработка во областа на земјоделството, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, туризмот, трговијата и транспортот.

Со Договорот е предвидено сите спорови да се решаваат единствено со мирољубиви средства, во согласност со Повелбата на Обедините нации./МИА

Си Џинпинг на средбата со Макрон: Кина и Франција да се држат до заедничките придобивки

Си додаде дека двете земји треба да се спротивстават на изградбата на „ѕидови и бариери“.

Кинескиот претседател Си Џинпинг за време на разговорите со неговиот француски колега Емануел Макрон во Париз, рече дека Кина и Франција треба да се држат до „заедничките придобивки“ и заеднички да се спротивстават на одвојувањето и разбивањето на индустриските синџири и синџирите на снабдување, пренесоа кинеските медиуми.

Си додаде дека двете земји треба да се спротивстават на изградбата на „ѕидови и бариери“.

Кинескиот лидер изјави дека Европа е важен партнер во модернизацијата на Кина, додека Макрон рече дека евро-кинескиот дијалог е понеопходен од кога било поради меѓународната ситуација.

„Координацијата“ со Кина за Украина и Блискиот Исток е одлучувачка“, рече францускиот претседател во воведната изјава пред средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и Си Џинпинг.

Тој изјави дека се залага за „фер правила за сите“ кога е во прашање кинеско-европската трговија.

Пендаровски: Нема предавање и откажување пред 8 мај по ниедна цена

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва во Скопје го одржа завршниот митинг во рамки на претседателската кампања и притоа истакна дека е сигурен дека на 8 мај, ќе се извојува двојна победа, како што рече: „не за нас, за сите вас“.

Тој ги повика скопјани, но и сите граѓани на Македонија да размислат кому ќе ја дадат довербата в среда бидејќи ако се дограба ВМРО-ДПМНЕ до власт, последиците можат да бидат непоправливи и на среден и на долг рок, бидејќи според него тоа се луѓе без искуство, без политичко искуство да водат држава, да водат град или општина.

„Кога ќе ги прашате што ќе правиме со нашето членство во НАТО, кое самите во својата програма го ставија како најголема вредност и најголема контрибуција за безбедноста на Македонија, тие велат ќе го почитуваме Преспанскиот одговор, но никогаш нема да изговориме Северна. Да го кажува ова дете од претшколска возраст па и ќе се насмеете. Кога го кажува возрасен човек, професор на факултет, кандидат за највисоката политичка функција, а тоа го повтори и денеска на последниот дуел кој го имавме, единствено ви останува да ја жалите госпоѓата“, додаде Пендаровски.

Тие, продолжи Пендаровски, немаат ниту еден конкретен одговор за нашите најголеми стратешки проблеми и дилеми.

„Велат немало да ја менуваат Европската преговарачка рамка, таа ќе останела како што е. Меѓутоа ќе барале за возврат од Бугарија да исполнува одлуки на судот во Стразбур. Кога ќе и предочите на госпоѓата дека не е можно од 1957 кога е направена ЕУ, до ден денешен земја која е кандидат, која не е членка, да условува земја која е членка на ЕУ, што е азбука во сите меѓународни организации и кога ќе и кажете дека солидарноста меѓу земјите членки е примарна, не кон оние кои не се членки, таа само превртува со очи и буквално ништо не ви одговара“, рече Пендаровски.

Осврнувајќи се на изјавите на неговата противкандидатка дека Рамковниот договор го надминал времето, Пендаровски истакна дека Македонија ќе опстои исклучиво како заедница на потполно рамноправни граѓани.

„Кога имате работа со луѓе кои за, а сите знаеме колку мртви колку повредени, колку инвалиди, колку деструкција имавме во таа 2001 и дека тие рани ден денеска не можеме да ги залечиме, тоа значи дек тие луѓе немаат осет во каква држава живеат, каква е популационата структура. Ако можело да функционира 23 години, не гледам причини да одиме по овие забегани теории, заговори и личности кои тврдат дека имале подобри решенија“, подвлече тој.

Истакнувајќи дека граѓаните на Центар имаат голем креативен, демократски потенцијал, тој ги повика на 8 мај масовно да се мобилизираат и да покажат дека знаат да се грижат за себе и за иднината на своите деца.

„За да ја зацементираме иднината на Македонија на магистралата која води кон Европа и развиениот свет, со заокружување на бројот 1, во масовна бројка да им покажеме на ова кои ја замислуваат Македонија само како нивна, приватна држава дека нема да успеат. Нема да успеат! За број 1, на 8 мај, на двата избора“, заклучи Пендаровски.

Фото: Најскапата банана на светот!!

Мало девојчето покажа како прави вистинска уметност од семки, овошје и ориз.

Девојченце од Кина сè што ќе допре претвора во мини ремек-дело!

На многу родители им е добро познато дека на децата им е потребна малку забава, а наместо многу скапи играчки, нивните деца претпочитаат да си играат со правосмукалка или кујнски прибор. Девојчето од Кина покажа како ја подигна својата игра на повисоко ниво, создавајќи вистински мали ремек-дела од банани, ориз и семки од сончоглед.

Малото девојченце многу прецизно го издлаби логото на познатиот бренд „Гучи“ на бананите, па некој во коментарите напиша „најскапите банани на светот!“

притисни ентер