Оркестарот на Македонската филхармонија денеска ќе гостува во Дубровник, Хрватска. Концерт ќе одржи на сцената на „Кнежев двор“. Солистка ќе биде хрватската виолинистка Џана Кариман, концертмајстор на Дубровничкиот симфониски оркестар, а диригент е маестро Бојан Цанев. На програмата се „Медитеранска суита“ од балетот „Дубровачка легенда“ од Љубомир Бранѓолица, Концертот за виолина и оркестар во А-дур од В.А. Моцарт и Симфонијата бр. 5 во Бе-дур од Франц Шуберт.
Концертот на Македонската филхармонија во Дубровник се реализира како дел од годишната програмата на институцијата, поддржана од Министерството за култура и туризам.
Џана Кариман е родена 1989 година во Дубровник. На седум години започнала да учи виолина во уметничкото училиште „Лука Соркошевиќ“ во класата на проф. Иванка Калањ, а во 2011 година ги завршува студиите на Музичката академија во Загреб во класата на проф. Леонид Сокоров. Учествувала на бројни натпревари во земјата и во странство- Натпревар за музика и танц во Загреб (1998, 2000, 2002, 2004), интернационален натпревар „Етиди и скали“ во Загреб (1998, 1999, 2003), интернацинален натпревар „Верди“ во Рим (2001). Добитничка е на први награда на интернационалниот натпревар „Рудолф Матц“ во Дубровник, натпреварот „Бетовен“ во Санкт Пелтен и Интернационалниот натпревар по виолина во Казакстан. Како солистка настапила со Дубровничкиот симфониски оркестар, оркестарот на Хрватската радио телевизија, Сараевска филхармонија, Загрепска филхармонија, Загрепски солисти, Камерен оркестар Задар... Настапувала и во Словенија, Литванија, Франција, Босна и Херцеговина, Австрија, Полска, Лихтенштајн... Во 2015 година ја добива наградата „Стјепан Шулек“ за изведбата на „Четири годишни времиња“ од Астор Пјацола на затворањето на летниот фестивал во Дубровник, каде настапи заедно со Камерниот оркестар на музичката младина на Хрватска под диригентската палка на Павле Зајцев. Како камерен музичар, Кариман учествувала во проекти на младински оркестри во Германија, Унгарија и Австрија. Учествувал на семинари кај познати професори како Л. Сокоров, M. Сокоров, Г. Кончар, A. Сешек, Г. Зислин, А. Винитски, A. Сокоров, З.Брон, Б. Кушнир, П. Зукерман.
Џана Кариман е член на познатиот хрватски камерниот ансамбл „Загрепски солисти“ и концертмајстор на Дубровничкиот симфониски оркестар.
Добитникот на македонското признание Виртуози „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година, му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Диригирал и со Филхармонијата во Краков, Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ - Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеа“ и др. Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков, Иља Гринголц, Даниел Милер-Шот, Сајака Шоџи, Симон Трпчески, Кирил Трусов, Штефан Дор, Џозеф Алези, Дејвид Герет, Стефан Миленковиќ, Алексеј Огринчук, Акико Суванаи, Роман Симовиќ, Зи Зи, Стјепан Хаузер, Евгени Божанов, Криштоф Барати, Моника Лесковар, Тине Тинг Хелсет, Антал Залаи, Емануел Сејсон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Ана Дурловски, Благој Нацоски и многу други. Диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија, како и на многу фестивали во странство вклучувајќи ги: Жорж Енеску, Котор арт, Загрепски летни вечери, Варненско лето, НОМУС, Светот на музиката - Загреб и др. Во 2010 година, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски композитор. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“.