Лоши вести за оние кои јадат навечер, особено за жените

Најновото американско истражување покажа дека доцните оброци можат да влијаат на кардиометаболичкото здравје на жената и дека јадењето повеќе калории по 18 часот е поврзано со послабото здравје на кардиоваскуларниот систем.

Студијата сугерира дека конзумирањето оброци порано во текот на денот може да придонесе за слабеење, за разлика од јадењето подоцна во текот на денот што влијае на зголемување на телесната тежина и го забавува метаболизмот.

Претходните студии покажаа дека подоцнежните оброци ги зголемуваат маркерите на воспаление вообичаено поврзани со развој на дијабетес и срцеви заболувања, а други студии спроведени врз лабораториски глувци и луѓе покажаа дека планирањето на оброците во одредено време може да помогне во контролата на нивото на шеќер во крвта , пренесува Medical News Today .

Најновото истражување, претставено на Конгресот на Американското здружение за срце (АХА) во Филаделфија, сугерира дека конзумирањето повеќе калории во вечерните часови може особено негативно да влијае врз здравјето на кардиоваскуларниот систем кај жените .

Главниот автор на студијата е др. Нур Макарем, соработник за истражување на Универзитетот Колумбија.

Најмалку една година, нејзините колеги ги следеле навиките во исхраната на 112 жени, со просечна возраст од 33 години.

Тие го испитувале кардиоваскуларното здравје на учесничките на почетокот на студијата, а една година подоцна вршеле анализи со помош на програмата „Life's Simple 7“, што анализира седум варијабилни фактори на ризик утврдени од АХА.

Испитаничките биле набљудувани за крвен притисок, холестерол, шеќер во крвта, физичка активност, диета, телесна тежина и навики на пушење. Врз основа на овие фактори, научниците пресметале кардиоваскуларен здравствен резултат за секоја од нив.

Студијата покажа дека учесниците кои консумирале повеќе калории после 18 часот биле повеќе склони кон полошо кардиоваскуларно здравје.

Поточно, кај оние кои подоцна консумирале повеќе храна, кардиоваскуларните фактори на ризик се влошиле. Било забележано зголемување на крвниот притисок, шеќерот во крвта и телесната тежина. Всушност, за секој еден процент од зголемувањето на внесот на калории по 18:00 часот, резултатот од нивното кардиоваскуларно здравје опаднало во иста мера.

„Досега пристапот во животниот стил, кога станува збор за спречување на срцевите заболувања, се фокусираше на она што јадеме и колку јадеме.

Овие првични резултати сугерираат дека луѓето кои го земаат предвид односот на време и калории кога станува збор за вечерни оброци, придонесуваат за намалување на ризикот од срцеви заболувања “, изјави д-р Макарем, додавајќи дека ќе бидат потребни дополнителни резултати и нова студија на поголем примерок и меѓу различни популации на жени.

Се помалку украински бегалци сакаат да се вратат во земјата

 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа.

Повеќе од половина од украинските бегалци во странство и натаму планираат да се вратат во Украина, иако нивниот удел е намален за повеќе од 20 отсто во споредба со минатата година, покажа истражувањето на агенцијата за истражување на јавното мислење „Инфо Сапиенс“.

Така, 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа, објави Униан. Меѓу нив, 61 отсто планираат да се преселат во Украина по завршувањето на војната.

За споредба, во ноември 2022 година, истражувањето покажа дека 49,7 отсто од украинските бегалци дефинитивно планираат да се вратат дома. Од нив 24,3 отсто се изјасниле дека планираат да го сторат тоа. Уделот на возрасните кои планираат да се вратат дома е поголем.

Кај децата овој процент е помал, 22 отсто од нив дефинитивно сакаат да се вратат, а 25 отсто веројатно сакаат. Повеќето од оние кои сакаат да се вратат се деца на возраст од 6 до 14 години и оние кои учат во украински училишта. Во исто време, расте бројот на Украинци кои претпочитаат да живеат во странство отколку во Украина.

Очекувано, подолгиот престој во странство е проследен со високо ниво на адаптација кон новиот живот. /MИА

Работно време на паркиралиштата на ЈП ПОЦ за Велигденските празници

Паркирањето во Општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. 

Утре, во недела и понеделник, граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ појаснуваат дека согласно програмата за неработни денови за 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, сабота е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ќе работат со вообичаено работно време.

Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.

Посочуваат дека редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи во вторник со вообичаено работно време. /МИА

Србија доби нова Влада, премиер Милош Вучевић, 31 министер и 26 министерства

Собранието на Србија вечерва ја избра новата Влада на Србија на чело со претседателот Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

За новата влада од 250 пратеници колку што има српското собрание, за владата гласаа 152 од 213 присутни пратеници, а 61 беа против. Воздржани немаше, а отсутни беа 37 пратеници.

Новата Влада на Србија ќе брои 31 член, од кои пет се министри без ресор. Новата влада има третина од новите имиња во однос на претходната Влада на Србија предводена од Ана Брнабиќ.

Премиерот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница вчера најави дека владата ќе биде континуитет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Северна Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа.

Во новата влада Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ-министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар-министер за здравство, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Јелена Беговиќ-наука и иновации и Хусеин Мемиќ министер за туризам.

Милан Кркобабиќ е министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ е министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /МИА

притисни ентер