Летачко такси во Дубаи до почетокот на 2026 година

 Летачката такси-услуга во Дубаи ќе биде пуштена во промет до првото тримесечје на 2026 година, изјави Калед ал Авади, директор на одделот за транспортна технологија во Управата за патишта и транспорт на најпознатиот град во ОАЕ.

- Имаме план за до првиот квартал на 2026 година да почнеме со авио-такси услуга. Во мигов работиме на тестирање и сертификација на самото возило со нашите партнери од американската компанија „Џоби авиејшн“ (Jobi Aviation). Ја почнуваме и фазата на дизајнирање станици со „Скајпорт“ (Skyport) - британската компанија којашто ќе развива хелиодроми, појасни Ал Авади.

Според најавата, во Дубаи се планира изградба на четири вертикални хелиодроми за такси-летала, од коишто два ќе бидат пуштени во употреба на почетокот на 2026 година.

- Со нашите партнери работиме оваа услуга да биде што попристапна и веруваме дека ќе биде многу поевтина од користењето конвенционални хеликоптери, додаде директорот на Управата.

Цената на оваа услуга, според првичните информации, ќе биде пониска или приближно исто како и онаа за изнајмување лимузина. Електричното летачко такси, исто така, ќе биде и „сто пати потивко“ од обичниот хеликоптер, се вели. И копнено-сообраќајната такси-услуга се електрифицира.

- Би требало, до 2035 година сите такси-возила во Дубаи да бидат електрични, а до 2050 година целиот возен парк да се состои само од електрични автобуси, заклучува Ал Авади.

Што се однесува до такси-автомобилите без возачи, коишто се развиваат заедно со „Џенерал моторс“, во Дубаи ќе бидат пуштени веќе во 2025 година. Тестирањето е во тек./МИА

Хајди Клум блесна во кожени панталони, привлече внимание со чанта од 26.000 евра

Германскиот супермодел Хајди Клум се појави на снимањето на шоуто „America's Got Talent“ во Пасадена, во кое таа е член на жирито.

51-годишната поранешна манекенка и ТВ водителка се појави во црни кожени панталони, бела маица и црна јакна. Комбинацијата ја комплетираше со црни потпетици, ланче и очила за сонце, а вниманието го привлече со раскошна чанта.

Станува збор за чанта „Hermès“, поточно моделот „Birkin Quadrille“, чија цена се движи од 27.500 до 30.000 долари (24.000 до 26.000 евра).

Да потсетиме, Хајди неодамна позираше на црвениот тепих со колешката од шоуто, актерката Софија Вергара, а со своите изданија мамеа воздишки. Инаку, Хајди е позната и како кралица на Ноќта на вештерките поради необичните костими, а неодамна објави видео во кое покажа дел од костимот за овогодинешната прослава.

Остин во разговор со Галант ја истакна потребата за дипломатско решение за заканата од Хезболах

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин претходно денеска разговарал со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, соопшти Пентагон.

Остин ја „повтори својата загриженост“ поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Хезболах, се наведува во соопштението, и ја нагласи вербата на САД во „важноста од постигнување дипломатско решение што ќе им овозможи на жителите безбедно да се вратат во своите домови од двете страни на границата“.

Тој му рекол на Галант дека САД продолжуваат да вршат притисок за договор за ослободување на заложниците и прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и ја потврдил посветеноста на САД за безбедноста на Израел. /МИА

Германија поднесе кандидатура за домаќин на женското ЕП 2029 во фудбал

Германија е кандидат за домаќин на Европското првенство во фудбал за жени во 2029 година, соопшти денеска Германската фудбалска федерација (ДФБ).

Претседателот на ДФБ, Бернд Нојендорф изјави дека германската кандидатура е „главен проект“ на федерацијата и дека ќе му даде „дополнителен поттик“ на женскиот фудбал во Германија.

Противкандидати на Германија за организација на завршниот турнир се Португалија, Данска и Шведска.

Европската фудбалска унија (УЕФА) официјално ќе го објави името на земјата домаќин во 2025 година.

Генералниот секретар на ДФБ, Хајке Улрих, ја смета Германија за „сигурен домаќин со одлична стадионска инфраструктура и одлична соработка меѓу градовите домаќини и локалните власти“.

Германија беше домаќин на Европското првенство за мажи во 2024, а го организираше ЕП за жени во 1988 година, во Западна Германија и во 2001 година. /МИА

притисни ентер