Лабиб: ЕУ не банкомат...

ЕУ не банкомат, туку Унија на вредности кои мора да ги почитуваат оние што сакаат да и се приклучат 

Европската Унија не банкомат или организација за трансакции на пари, туку пред се е Унија базирана на основните вредности, како што се демократијата и владеењето на правото, кои мора да бидат прифатени, заштитени и зацврстени во сите општества кои сакаат да се приклучат кон европското семејство, изјави денеска белгиската министерка за надворешни работи, европски прашања и надворешна трговија Хаџа Лабиб.

- Војната во Украина даде нов импулс на проширувањето, а Декларација од Гранада на Европскиот совет од октомври минатата година јасно потенцира дека проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Но, Декларација од Гранада јасно ги постави и одредниците – и двете страни, и идните земји членки и самата ЕУ, мора да се подготват за проширувањето, истакна Лабиб на заедничката прес-конференција со потпретседателката на Европската комисија задолжена за вредности и транспарентност, Вера Јоурова по завршувањето на неформалното заседание Советот за општи работи на ЕУ (ГАК).

Лабиб нагласи дека денешниот ГАК бил целосно посветен на утрешниот ден, кога, како што рече, не се одбележува само Празникот на трудот, туку и 20-годшнината од големото проширување на ЕУ на 1 мај 2004 година, кога беа примени 10 нови членки и таа од Унијата на 15 стана Унија на 25 земји.

- Можеме да кажеме дека ова проширување беше успех, економски секако, но исто така претставуваше и триумф на европските вредност на слободата, демократијата и владеењето на правото, изјави Лабиб, додавајќи дека денес Унијата стои на нов крстопат кога милиони лица бараат пристап до неа.

А за да се реализира тоа ново проширување, според неа, и земјите аспиранти за членство и ЕУ мора да спроведат реформи.

- Проширувањето е долг и предизвикувачи процес кој бара значајни напори и неопходни реформи, но важно е дека тоа треба да го спроведеме заедно, додаде Лабиб.

Во однос на кандидатите за членство, Лабиб смета дека тие реформи треба да се однесуваат на прифаќањето на стандардите на ЕУ, обезбедувањето стабилност и спремност за интегрирање во европското семејство.

- Исто така, мора да ги зајакнеме и заштитиме нашите основни вредности, човечкото достоинство, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и секако човековите права. Кога зборуваме за проширувањето никогаш не смее да ги запоставиме овие права и да правиме компромиси со нив, туку треба да ги промовираме и зајакнеме, бидејќи тие се клучот на успехот, додаде Лабиб.

Според белгиската министерка, без почитувањето на принципите на владеењето на правото ќе ја нема ЕУ и ќе нема единствен пазар кој би функционирал ефикасно.

Во однос на реформите во самата ЕУ, според Лабиб, треба да му се даде нова динамика на заедничкиот европски пазар, да се зајакне самата Унија и да може да усвојуваат решенија побрзо и поедноставно, па затоа се потребни измени во начинот на носење одлуки и надминување проблемите со ветото.

Лабиб нагласи ЕУ има доволно постоечки механизми за да изврши реформи и без да ги „отвори“ Договорите на Унијата, процес кој би можел да биде сложен и долг.

Во делот на реформите во ЕУ, Јоурова оцени дека клучни ќе бидат три прашања и тоа она за ветото при носењето одлуки, за членот 7 од Договорот за ЕУ, кој се однесува на можноста за суспензија на првата од членство поради непочитување на принципите на Унијата, како и за буџетот на блокот.

Осврнувајќи се на самото денешно заседание, Јоурова истакна дека тоа било една од најкорисните дискусии на кои присуствувала во нејзиното 10-годишно искуство како член на Европската комисија и на неа станало збор за параметрите на владеењето на правото и зошто ЕУ инсистира на овој принцип.

- Ставаме акцент на работи кои не се лесно мерливо, но се основа на архитектурата на ЕУ и се неопходен услов за меѓусебната доверба меѓу земјите членки и луѓето што живеат во ЕУ, додаде Јоурова.

Таа нагласи дека врз основа на дискусијата на денешниот Совет ќе подготви препораки за следната Комисија и за земјите членки за тоа како да се продолжи понатаму со проширувањето, бидејќи. како што рече, тоа е процес во кои сме сите заедно.

Осврнувајќи се на 20-годишнината од проширувањето во 2004 година, Јоурова истакна дека како Чехинка е малку сентиментална и дека тогаш верувала оти како членка на ЕУ, Чешка ќе биде посилна, побезбедна и побогата и тоа се потврдило во пракса.

- Да се поканат 10 земји одеднаш во членство се покажа како мудар потег и можеби можеме да имаме слична одлука. Повикот да станеме поголеми, посилни и побезбедни е можеби најважен, додаде Јоурова.

На новинарско прашање дали во услови кога Украина спроведува мобилизација, ЕУ би одговорила позитивно на евентуално барање на Киев за депортирање на лицата кои како бегалци се под заштита во Унијата, а ги исполнуваат условите да бидат мобилизирани, Јоурова одговори дека блокот и помага на украинската држава на многу начини и ќе продолжат со тоа, но дека евентуална таква одлука не е во надлежност на ЕУ, тука на секоја земја членка одделно.

Лабиб, од своја страна, изјави дека ако тие лица имаат право на престој во ЕУ, тогаш, според нејзино мислење, никој не може со сила да ги натера да се вратат во Украина. /МИА

Албанец си ја убил сопругата среде улица во Грција, ќерката низ солзи: Тато ја уби мама!

Грчката полиција уапсила албански државјанин кој вчераутро среде улица во Менида ѝ нанесе повеќекратни убоди со нож на сопругата која се разведува од неа, поради тоа што бил насилен.

Случајните минувачи шокирани гледале како девојче вика некого, најверојатно нејзиниот брат и вели: „Тато ја уби мама!“

„Едно мало девојче истрча овде и рече: „Можеби е мајка ми“.

Детето потоа на полицијата ѝ покажало фотографија од мајката, врз основа на која го утврдиле идентитетот на несреќната жена, која починала од рацете на насилниот сопруг, кој со години ја малтретирал.

„Таа ѝ даде фотографија на полицијата и рече дека мајка ѝ не дошла на работа денеска и ја прашале дали татко ѝ ја убил“, рекла видно потресена жена.

Мештаните велат дека двојката неодамна купиле куќа во овој град.

Девојчето со неверување зборувало на телефон дека „тато веројатно ја пресретнал мама на пат на работа, мислам дека му се јавуваше на нејзиниот брат“, велат мештаните.

Несреќната жена била пронајдена со нож забоден во стомакот. Полицијата набрзо успеала да го лоцира нејзиниот сопруг, кого во минатото повеќе пати го пријавувала за насилство.

Пријавата првпат ја поднела на 13.04.2013 година, бидејќи поради семејно насилство, прекршил забрана за задржување која му била изречена. Осомничениот потоа бил приведен и одведен кај обвинител.

Со години немало пријави, а потоа на 18.09.2022 година жртвата се јавила во полиција и повторно го пријавила сопругот за закани, нанесување физички повреди и психичко насилство. Повторно бил уапсен и испрашуван. Потоа, при увид во случајот, се дозна дека пред речиси десет години му било забрането да живее со неа, но во 2018 година таа му простила и го пуштила да се врати во нејзиниот живот.

Хрватска доби нова Влада- Пленковиќ го почна третиот премиерски мандат

Хрватска вечерва ја доби 16-та влада од независноста, парламентот ѝ изгласа доверба на новата, трета влада, која ќе ја предводи актуелниот премиер Андреј Пленковиќ (ХДЗ).

По целодневна, десетчасовна дискусија за поддршка на владата на ХДЗ и ДП, гласаа 79 од присутните 141 пратеник, еден воздржан, а 61 беа против, објави Индекс.

Парламентарното мнозинство го поздрави изразувањето доверба на Владата.

Претседателот и членовите на Владата потоа свечено се заколнаа пред пратениците, се обврзаа дека совесно и чесно ќе ја извршуваат својата должност, ќе ги почитуваат Уставот, законите и правниот поредок и ќе се залагаат за сиот напредок на државата.

Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада врз основа на пет приоритети: успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска.

Владата на Пленковиќ во новиот мандат најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра и отворање на 125.000 нови работни места.

Новата влада наместо досегашните 16, ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.

Пол Макартни стана прв британски музички милијардер со мала помош од Бијонсе

Пол Макартни стана првиот британски музичар- милијардер, според листата на богаташи на Sunday Times објавена денеска.

Богатството на 81-годишниот основач на Битлси се зголеми со „многу турнеи, вреден каталог и мала помош од Бијонсе“ која ја обработи песната Blackbird. Богатството на Макартни се проценува на една милијарда фунти.

Листата на Sunday Times покажа дека бројот на милијардери во Обединетото Кралство паднал на 165, од рекордните 177 во 2022 година. Дел од причината лежи во планот на владата следната година да ја прекине мерката според која жителите на Британија не плаќаат данок на приходите во странство.

Списокот покажа дека и богатството на кралот Чарлс III се зголемило за 10 милиони фунти, на вкупно 610 милиони фунти, благодарение на зголемувањето на вредноста на неговиот недвижен имот. Хемискиот тајкун Џим Ретклиф, кој претходно оваа година купи удел во фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед, пронаоѓачот Џејмс Дајсон и сопственикот на компанијата Вирџин, Ричард Бренсон, поминаа помалку добро.

Нивното богатство од повеќе милијарди фунти се намали. Инвеститорот со индиско потекло Гопи Хиндуџа, вреден 37 милијарди фунти, е на врвот на листата трета година по ред.

притисни ентер