Крушево го одбележува 38. роденден на Тоше, фановите од земјава и странство веќе пристигнаа

 Крушево денеска го одбележува 38. роденден на Тоше Проески, на својот сограѓанин, на македонската и балканска музичка ѕвезда, на човекот со огромно срце за помош на секого.

Во чест и спомен на Тоше, оганизирани се повеќе манифестации. Пред сѐ, посета и почит пред неговото вечно почивалиште на Гумење. Фановите од земјава и странство веќе пристигнаа во Крушево. Од пред два дена пристигнаа неговите поддржувачи од Словенија, Србија, од Бугарија. Тие се во Крушево, да му оддадат почит на Тоше, да потсетат на него, пеејќи ги неговите песни.

Во одбележувањето на роденденот на Тоше се вклучени: Меѓународната фондација „Тодор Проески", музејот Спомен-куќа на Гумење и крушевската локална самоуправа.

Организираното одбележување почнува од 11:30 часот кога приврзаниците на Тоше, фановите, претставниците на инситуциите ќе го посетат неговото вечно почивалиште на Гумење.

Напладне, во спомен-куќата на Тоше почнуваат манифестациите. Учениците од крушевското училиште „Наум Наумоски Борче" ќе читаат извадоци од песните на Тоше, ракотворци од Битола ќе изработуваат дела од срма и монистра тематски поврзани ликот и делото на Тоше Проески, а ќе настапат и поединци: Сотираки Чакалар, Марија Котеска и Елена Ристеска.

Цело време денеска од 9 до 16 часот, во Спомен-куќата, ќе се одржува традиционалната крводарителска акција во чест на Тоше.

Спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење содржи над 350 експонати поврзани со Тоше, а од 2011 година, кога е отворена, ја посетиле преку 650.000 гости од кои 30 отсто од странство. Како што информира директорката на Музејот, Елена Мирчевска, дел од фановите од соседните земји веќе во Крушево се последните два дена.

Тоше Проески трагично го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што се случи на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка во Хрватска.

Подољак: Новата руска Влада е создадена да ги крене воените капацитети

Новите министри во руската влада покажуваат дека Москва се обидува да ги зголеми воените напори и да ја реконфигурира економијата за да ги задоволи воените потреби, изјави денеска советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак.

„Русија конечно почна да се изолира и ќе се обиде да ги зголеми воените напори и воените способности, а истовремено да ја реконфигурира економијата“, напиша Подољак на својот профил на Телеграм.

Рускиот претседател Владимир Путин го разреши министерот за одбрана Сергеј Шојгу и го замени со економистот Андреј Белоусов.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во неделата изјави дека Путин го назначил Белоусов на позицијата министер за одбрана бидејќи тој ресор треба да биде апсолутно отворен за иновации, воведување на сите напредни идеи и создавање услови за економска конкурентност.

Песков објасни и дека Шојгу, како новоименуван секретар на Советот за безбедност, истовремено ќе биде и заменик шеф на државата во комисијата за воено-индустрискиот комплекс и ќе ги надгледува активностите на Федералната служба за воено-техничка соработка.

Според Песков, Шојгу ќе продолжи да работи во областа што ја познава. /МИА

Енрике: Ми беше чест да го тренирам Мбапе

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, изјави оти бил почестен да го тренира францускиот репрезентативец Килијан Мбапе, кој се очекува ова лето да го напушти клубот од Париз и да ја продолжи кариерата во Реал Мадрид.

„Беше чест да се биде тренер на Килијан Мбапе. Тој секогаш беше пример за другите. Не можам да кажам ништо лошо за него. Немам ниту една поплака за тоа. Неговото однесување беше едноставно одлично“, истакна Енрике в изјава за телевизијата Канал плус.

Мбапе ја игра последната сезона во дресот на ПСЖ, откако на 10 мај објави дека ќе го напушти главниот град по завршувањето на оваа сезона.

Мбапе оваа сезона одигра 47 натпревари за ПСЖ, постигнувајќи 44 голови во сите конкуренции. /МИА

Кина и Камбоџа најавија заеднички воени вежби

Камбоџанските и кинеските сили в четврток ќе ги почнат своите годишни воени вежби под името „Златен змеј“, а кои за цел го имаат зајакнувањето на заедничката соработка и споделувањето воено искуство, денеска соопшти камбоџанската војска.

Портпаролот на армијата на Камбоџа, генерал Тонг Солимо, изјави дека за време на 15-дневните воени вежби, што се одржуваат осма година по ред, ќе учествуваат 1.315 војници од неговата земја и околу 760 кинески војници, а ќе има и учество на кинески воени бродови.

Според Солимо, овие вежби се насочени кон борбата против тероризмот и давањето хуманитарна помош во двете земји и во регионот.

Кинеските власти го опишуваат пријателството со Камбоџа како „железно“. Камбоџа е најблискиот сојузник на Кина во Југоисточна Азија, додека Кина е најважниот сојузник и инвеститор во Камбоџа, со големо влијание врз нејзината економија. Шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, во април три дена престојуваше во Камбоџа за да ги зајакне врските меѓу двете земји.

Камбоџа има бројни проекти финансирани од Кинезите, особено во инфраструктурата како аеродроми и патишта, но и приватни проекти како хотели, казина и недвижен имот. Повеќе од 40 отсто од надворешниот долг на Камбоџа, вреден 10 милијарди долари, земјата и го должи токму на Кина.

Поддршката на Пекинг и овозможува на Камбоџа да ја игнорира загриженоста на Западот за лошата состојба со човековите и политичките права во земјата, а за возврат Камбоџа ги поддржува ставовите на Пекинг за прашањата на надворешната политика, како што се територијалните претензии во Јужното Кинеско Море. /МИА

притисни ентер