Кривични пријави против три лица од Тетово за вршење јавен превоз без лиценца

Поднесени се три кривични пријави против три лица од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“.

Како што соопшти денеска МВР, во првиот случај СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ј.С.(63) од Тетово, откако на 06.12.2023 на регионален пат Тетово – Брвеница, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило кое го управувал пријавениот, при што констатирале дека врши јавен превоз на патници без да поседува соодветна лиценца издадена од надлежен орган.

Од страна на СВР Тетово поднесена е кривична пријава и против тетовецот Ј.Р.(43), откако на 19.12.2023 на ул.„Илинденска“ во Тетово, полициски службеници извршиле контрола во неговото возило при што го затекнале пријавениот како врши јавен превоз на патници без да поседува соодветна лиценца издадена од надлежен орган.

Кривична пријава за истото дело СВР Тетово поднесло и против Ф.И.(60) од Тетово. На 07.02.2024 на ул.„Илинденска“ во Тетово, полициски службеници извршиле контрола при што го затекнале пријавениот како врши јавен превоз на патници без да поседува соодветна лиценца издадена од надлежен орган, стои во соопштението.

СДСМ: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци

Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес.

За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова. Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.

Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро.

Центар за комуникации на СДСМ

Рекорден број мигранти го преминале Ла Манш во првите четири месеци од годинава

 Бројот на мигранти кои пристигнале во Велика Британија откако го преминале ла Манш достигна ново рекордно високо ниво за првите четири месеци од годинава, и е зголемен за 27 проценти во однос на 2023 година.

Вкупно 7.567 луѓе го преминале каналот до април, покажуваат привремените бројки на британското Министерство за внатрешни работи, пренесе ДПА.

Ова е за 27 проценти повеќе од бројот на пристигнувања регистрирани во првите четири месеци од минатата година (5.946) и зголемување од 13 отсто во споредба со бројките регистрирани за истиот период во 2022 година (6.691).

Вкупно 268 луѓе вчера пристигнале во Велика Британија со пет чамци, а преминувањата продолжуваат и денеска.

Околу 2.132 луѓе патувале со 42 чамци во април, што укажува на просечно 51 лице по пловило минатиот месец.

Ова е повисоко од просекот за март – 48 луѓе по чамец – но пониско од врвот што изнесувал 56 луѓе по брод во септември 2023 година./МИА

Вучевиќ најави дека новата влада ќе биде влада на континуитет

Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија.

Мандатарот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница на која ќе се избере владата и новите министри, најави дека таа ќе биде континутет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александара Вучиќ. За Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа, јави дописникот на МИА од Белград.

- Владата ќе продолжи да води надворешна политика заснована на политичка независност и воена неутралност, а полноправното членство во ЕУ останува наша стратешка цел, рече Вучевиќ, додавајќи дека идната влада „ќе направи се за да го спречи приемот на лажната држава на Косово“ за членство во ЕУ во Советот на Европа (СЕ), иако призна дека „шансите за тоа не се големи“ и додаде дека „Владата на Србија ќе биде принудена да одговори соодветно“ доколку Косово биде прифатено како членка на СЕ.

Во поглед на Русија, Вучевиќ потенцираше дека Србија нема да воведе санкции кон Русија и да „нема да се откаже од пријателството со неа“ и го истакна стратешкото партнерство на Србија со Кина, кое во текот на оваа година ќе биде крунисано со ратификација и стапување во сила на Договорот за слободна трговија.

Кога станува збор за регионот, Вучевиќ во експозето истакна дека придонесот на Србија за зачувување на мирот и стабилноста ќе биде активен и континуиран.

-Северна Македонија е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа. Србите и Македонците повеќе немаат ниту една тема што ги оддалечува. Не постои ниту едно прашање околу кое може да се раздвоиме или околу кое би можело да се направи раздор. Проектот Отворен Балкан дополнително не зближи, а разрешувањето на црковниот спор, ја тргна и последната пречка на патот на изградбата на меѓусебната доверба и зедничката работа каква не е видена од распадот на поранешна Југославија, истакна Вучевиќ, говорејќи одделно за односите на Србија со соседните земји.

Вучевиќ при презентацијата на експозето изјави дека Министерството за одбрана и војската на Србија подготвиле неколку модели на воена служба, во траење до четири месеци.

На седницата на Собранието на Србија мнозинството пратеници на СНС-СПС и коалициските партнери од помалите партии по експозето на Вучевиќ ќе гласаат за избор на новата коалициска влада на СНС-СПС која ќе има 25 министерства и 31 член.

Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ - министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин - вицепремиер, Ирена Вујовиќ - вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ - министер за одбрана, Марко Ѓуриќ - министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ - министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ - министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар - министер за здравство,Томислав Момировиќ - министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ - министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ - министер за образование, Немања Старовиќ - министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Jелена Беговиќ - наука и иновации и Хусеин Мемиќ - министер за туризам.

Милан Кркобабиќ - министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ - министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ - министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /MИА

притисни ентер