Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Крива Паланка

Секторот за внатрешни работи од Куманово до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против А.А. (57) и М.М. (67) поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување исправа“.


Како што соопшти денеска МВР, двајцата пријавени во периодот од јуни 2009 година до мај 2013 во два наврати ја злоупотребиле својата службена положба и овластувања. Првопријавениот, во тој период во својство на градоначалник на Крива Паланка, а второпријавениот во својство на тогашен директор на ДСУ „Ѓорче Петров“ од истата општина, постапиле спротивно на заклучоците и одлуката на Владата за проектот за изградба на 35 спортски сали.

- А.А. и М.М. на 29 мај 2009 година изготвиле и потпишале лажна исправа - Договор за инвестирање во изградба на спортска сала „Петар Поп Арсов“ со Агенцијата за спорт и млади како инвеститор на проектот. Заведувајќи го „договорот“ под три деловодни броја во три деловодника и тоа во оној при општина Крива Паланка, во ДСУ „Ѓорче Петров“ и во Агенција за млади и спорт, во договорот во член 7 став 1, навеле дека спортската сала наводно ќе биде изградена во дворот на ДСУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, иако таму веќе имало изградено спортска сала, соопшти МВР.

Согласно склучениот договор, општина Крива Паланка се обврзала да го подготви теренот и да обезбеди пристапни патишта за почнување на изградбата, да изврши технички прием на функционалност на спортска сала, да издаде употребна дозвола, и да достави до Агенцијата за млади и спорт имотен лист во кој ќе биде впишана спортската сала.

Овие одредби од договорот воопшто не биле исполнети, туку спротивно на тоа пријавениот А.А. донел и потпишал Решение за локациски услови за градба и потпишал Одобрение за градење-изградба на спортската сала на друга локација, на катастарска парцела која дел била во сопственост на општината, а дел во сопственост на Република МАкедонија, без претходно да се изврши пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно.

По изградбата на спортската сала, двајцата пријавени вторпат ја злоупотребиле службената положба и овластување кога прифатиле и потпишале Записник за примопредавање на градежниот објект- спортската сала со Агенцијата за млади и спорт. Навеле дека таа е целосно завршена, иако не биле изведени градежни работи за доградба, реконструкција, паркинг простор, сообраќајници, согласно Одобрението за градење. Ова е констатирано во Записникот за извршен вонреден инспекциски надзор од страна на градежната инспекција. Со тоа е нанесена дополнителна штета на Општината, која во наредниот период треба да ги доврши овие градежни работи.

Констатирано е дека новоизградената спортска сала воопшто не била внесена во катастарскиот операт за КО Крива Паланка, а имотниот лист во кој требало да биде внесена спортската сала во сопственост на општина Крива Паланка никогаш не бил доставен до Агенцијата за недвижности при Владата. /МИА.

Премиерот на Австралија семејното насилство по протестите го нарече „национална криза“

 Австралискиот премиер Ентони Албанез го нарече семејното насилство „национална криза“, откако илјадници луѓе ширум земјата се собраа да протестираат против насилството врз жените.

Илјадници луѓе од цела Австралија вчера протестираа за да привлечат внимание на смртта на 27 жени во текот на оваа година во земјата со 27 милиони жители. Се верува дека секоја од нив починала како резултат на родово засновано насилство.

„Митинзите се повик за акција на сите нивоа на австралиската влада за да направи повеќе за да се спречи родовото насилство“, рече Албанез.

„Сосема е јасно дека треба да направиме повеќе. Не е доволно само да покажеме емпатија“, нагласи премиерот за телевизијата „Најн Нетворк“ (Nine Network).

Тој додаде дека „фактот што во просек на секои четири дена една жена умира од рацете на нејзиниот партнер е едноставно национална криза“.

Во текот на викендот низ Австралија се одржаа 17 собири, а на протестот во Мелбурн учествуваа околу 15.000 луѓе.

Албанез рече дека во среда ќе организира состанок на лидерите на австралиските држави и територии за да разговараат за координиран одговор од властите. /МИА

Додик: Ќе побарам од Србија и Вучиќ поддршка за разидување на Република Српска од БиХ

Претседателот на Република Српска Милорад Додик синоќа изјави дека ќе побара од Србија да разбере дека Република Српска мора да оди по патот на одвојување од Босна и Херцеговина, поради Резолуцијата за Сребреница.

Додик рече дека, без разлика што резолуцијата на Генералното собрание на ОН не е обврзувачка, таа ќе биде отфрлена бидејќи нејзината содржина бидејќи ја сметаат за политички мотивирана. Да се ​​биде политички мотивиран на овој начин не придонесува за стабилизација на односите во Босна и Херцеговина, особено за стабилизација и нормализирање на бошњачкиот и српскиот народ, изјави Додик за сараевската телевизија „Фејс“.

„Мислам дека Вучиќ работи добро, дека е одговорен државник на Србија и дека го разбира контекстот во кој секоја осуда на српскиот народ ја затвора можноста за некои идни развојни позиции на самиот народ“, рече Додик.

Претседателот на Република Српска најави дека ќе му предложи на Вучиќ РС и Србија заеднички да ја отфрлат резолуцијата на Соборот на српскиот народ, што ќе се одржи веднаш по гласањето на резолуцијата.

Дoдик најави и дека ќе побара Србија, како меѓународно призната земја и членка на ОН, формално да продолжи да ги оспорува елементите на таа резолуција.

Сакаме Србија да разбере дека треба да одиме по патот на одвојување во Босна и Херцеговина, рече Додик, а на забелешката на новинарот дека бара Србија да ги поддржи во отцепување, тој одговори дека тоа не е отцепување, туку разделување.

На повтореното прашање дали од Вучиќ на Саборот јасно ќе биде побарано да ја поддржи РС во отцепување, тој рече дека немаат план за отцепување, туку дека сакаат да одат на раздвојување.

„Има ентитетска линија... Раздвојување е да ги преземеме сите функции што ги имаме, да обезбедиме пари во буџетот за сите вработени што работат во Министерството за одбрана, да ги повлечеме војниците, да ги повлечеме луѓето што работат во Централната изборна комисија, да прогласиме дека нема да се спроведуваат одлуките на судот и обвинителството и кој и да е орган на Босна и Херцеговина на територијата на Република Српска“, посочи Додик. /МИА

Австрија домаќин на конференција посветена на системи за автономно оружје

Во Виена денеска почнува дводневна меѓународна конференција за системи за автономно оружје, јави ДПА.

Министерството за надворешни работи испрати покани за конференцијата на тема „Човештвото на крстопат: Автономни системи за оружје и предизвикот на регулативите“ откако експертските разговори под покровителство на Обединетите нации во Женева во последните 10 години не доведоа до разговори на дипломатско ниво.

На форумот се очекува да присуствуваат претставници од околу 130 земји, како и од Обединетите нации, невладини организации и истражувачки институти. Системите за оружје, кои самостојно таргетираат и ангажираат цели користејќи вештачка интелигенција, се во центарот на дискусијата, особено со оглед на конфликтите во Газа и Украина.

На дневен ред се и прашања како што се употребата на технологии за вештачка интелигенција од страна на терористите и опасностите од трка во вооружување со системи за вештачка интелигенција.

Ќе биде подготвен извештај до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за следната седница на Генералното собрание на ОН. /МИА

притисни ентер