Ковачевски: Силен СДСМ во Собранието е потребен заради иднината на државата, нема откажување

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата во Аеродром порача дека ако десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ добие преголема моќ, тоа ќе ги убие ЕУ перспективите. 

ВМРО ќе ја одложува евроинтеграцијата во недоглед, тие немаат ниту план, ниту се доследни во остварување на стратешките цели. Тоа го правеше и Груевски, тие само ќе продолжат кај што застана тој. Оваа земја нема да се помести ни милиметар напред со ВМРО. Ќе глумат дека работат, а во реалноста нема ништо да се менува. Сме го виделе тоа со Груевски, знаеме како изгледа. Не сакаме само лоша реприза на неговото владеење, нагласи Ковачевски.

Ковачевски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање и да ја дадат довербата за Пендаровски и за СДСМ бидејќи силен СДСМ во Собранието е потребен заради иднината на државата!

Основната цел на нашата програма е брзи, ефикасни и успешни преговори со ЕУ затоа што знаеме дека само на тој начин може да обезбедиме повисок животен стандард, поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобро образование и здравство, порача Ковачевски.

Ковачевски во своето обраќање пред граѓаните на Аеродром истакна дека СДСМ е единствената политичка партија која никогаш нема да се откаже од инклузијата и која константно придонесува мултиетничкиот карактер на Македонија.

Но, деновиве, за жал, слушам опасни наративи кои може лесно да разгорат меѓуетничка нетрпеливост. Лидерите на ВМРО и на ДУИ се однесуваат во најмала рака неодговорно и кон државата и кон граѓаните. Им порачувам на Мицкоски и на Ахмети – граѓаните се свесни за вредноста на мирот и стабилноста што ги гради СДСМ, граѓаните знаат дека на сите нѝ треба европска иднина, а не враќање 20 години во минатото. Престанете да се препукувате со штетни скандирања и закани, кои никому не носат добро. Ние нема да ви дозволиме да си играте со европската иднина на нашите деца! Граѓаните нема да ви дозволат да се коцкате со нивната иднина, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата во Аеродром, се наведува во партиското соопштение.

Русија ги обвини САД дека сакаат да распоредат оружје во вселената

Руските власти ги обвинија САД дека сакаат да распоредат оружје во вселената, еден ден откако Советот за безбедност на ОН ја отфрли руската предлог-резолуција на оваа тема, и по сличното обвинување од Вашингтон за Москва.

Тие обвинувања и контраобвиненија ги оживуваат стравовите, отсутни уште од Студената војна, за можна трка во вооружување и покрај постоењето на договор за вселената од 1967 година кој повикува „да не се развива нуклеарно оружје или кое било друго оружје за масовно уништување посебно за поставување во орбитата" на планетата Земја.

Портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова оцени дека американското отфрлање на предлог-резолуцијата покажува дека САД имаат за цел „да го стават оружјето во вселената и да ја направат арена на воена конфронтација“.

„Пропуштена е нова можност да се спречи трка во вооружување во вселената поради вина на САД и нивните сојузници“, рече Захарова.

Кон крајот на април, САД и Јапонија претставија своја предлог-резолуција до Советот за безбедност на ОН за да се спречи милитаризација на вселената, но Русија стави вето, критикувајќи го фактот дека текстот се фокусира само на еден вид оружје, нуклеарното оружје.

Предлог-резолуцијата претставена вчера од Русија и Кина, која делумно го содржи текстот блокиран во април, исто така ги повикува сите земји-членки да преземат „итни мерки“ засекогаш да го спречат распоредувањето оружје во вселената и заканата или употребата на сила во вселената.

Сепак, тој предлог не ги собра деветте гласови потребни за усвојување. /МИА

Земјоделци од селата Иловица и Штука го блокираа патот заради ниските откупни цени

Земјоделци од селата Иловица и Штука во Општина Босилово денеска го блокираа патот до нивните села заради ниските откупи цени на младиот компир.

Со трактори и земјоделска механизација тие ја блокираа крстосница што води кон двете села револтирани од откупната цена на младиот компир која денеска изнесувала 15 денари за килограм.

Според земјоделците, младиот компир треба да се откупува за најмалку 25 денари за килограм, бидејќи сегашната не ги покрива ниту основните трошоци за производство.

Земјоделците од Иловица и Штука од вчера имаат договор да не земат амбалажа и да не го предаваат родот.

Дачиќ: Во акцијата Армагедон уапсени седум педофили, пронајден детски порнографски материјал

Во големата акција „Армагедон“ денеска биле уапсени седум лица кои се осомничени за искористување на деца за порнографија од шест до десет години, но и на возраст под две години.

Потпретседателот на Владата на Србија и министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека во големата акција „Армагедон“ денеска биле уапсени седум лица кои се осомничени за искористување на деца за порнографија од шест до десет години, но и на возраст под две години, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во големата акција ’Армагедон‘ беа уапсени седум лица кои се осомничени за искористување на деца за порнографија. При претресот на становите, преку увид во компјутерите беа пронајдени фотографии и видео записи кои се резултат на сексуална експлоатација на децата, во најголем број случаи на возраст од шест до десет години, но и на возраст под две години, изјави Дачиќ.

Исто така, беа пронајдени пораки преку кои осомничените сексуално злоупотребувале деца и малолетни лица, односно барале од нив да испратат слики и видеа на кои се голи, изјави министерот Дачиќ.

Вишото јавно обвинителство во Белград, Специјалното одделение за борба против високотехнолошкиот криминал во соработка со полициски службеници на Дирекцијата за техника, Службата за борба против високотехнолошки криминал и полициски службеници од полициските одделенија Смедерево, Пирот, Шабац, Лесковац, Тутин, Врање и Бор успешно ја спроведоа акцијата „Армагедон“ при што беа уапсени седум лица од територијата на Република Србија.

Уапсени се М.Ц. (1958) од Шабац, Н.Б. (2000) од Пирот, П.С. (1999) од Лесковац, М.А. (1980) од Тутин, П.Д. (2000) од Смедерево, Л.Л. (1995) од Врање, и М.М. (1993) од Неготин.

На осомничените им е одредена мерка притвор до 48 часа и во законскиот рок со кривична пријава ќе бидат изведени пред Специјалното одделение за борба против високотехнолошкиот криминал на Вишото јавно обвинителство во Белград. /МИА

притисни ентер