Ковачевски на прием во чест на 50-годишното членство на Германија во Обединетите нации

Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ присуствуваа на прием организиран во чест на 50-годишното членство на Германија во Обединетите нации, што се одржа во седиштето на Организацијата во Њујорк.

-На приемот е реафирмирано значењето на Германија како одговорен партнер на Организацијата на Обединетите нации и принципиелен бранител на меѓународниот поредок заснован на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право. Изминатите децении, обединета Германија презеде зголемена одговорност во Обединетите нации и денес е втор најголем придонесувач во системот на ОН во целина и втор по големина билатерален донатор на хуманитарна помош, соопшти владината прес-служба.

Ковачевски му го честиташе на канцеларот Олаф Шолц јубилејното 50-годишно членство на Германија во ОН и големиот придонес на државата во целокупниот систем на ОН.

-Во кусиот разговор со канцеларот Шолц, премиерот Ковачевски се заблагодари за соработката меѓу двете земји во рамките на ОН, но и на билатерална основа во изминатите 30 години, правејќи ја Германија една од најблиските европски партнери на нашата земја, се наведува во соопштението на Владата.

Премиерот Ковачевски на приемот имаше неформални разговори со повеќе светски лидери при што, посочува прес-службата, нагласен е и примерот на ефективна дипломатија што го дава Република Македонија, којашто годинава одбележа 30-годишно членство во ОН и којашто од земја корисничка на мировни мисии, денес е држава домаќин на меѓународни преговори за решавање прашања од интерес за стабилноста на Западен Балкан, ЕУ и во светот“.

Активности на собраниската Делегација, предводена од претседателот Гаши

Активности на собраниската Делегација, предводена од претседателот Гаши, во рамки на 149. Собрание на ИПУ во Женева

На 149. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 13 до 17 октмври 2024 година во Женева, Швајцарска Конфредерација, учествува Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ИПУ во состав: Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Македонија и шеф на Делегацијата и пратениците Дафина Стојаноска, Фатмир Битиќи, Арбана Пашоли, Халил Снопче, Бобан Карапејовски и Борислав Крмов, членови на Делегацијата, како и генералната секретарка Марина Димовска.

Денеска седници одржаа Управниот совет и две постојани комисии на Интерпарламентарната унија. На седницата на Управниот совет учествуваа пратениците Дафина Стојаноска, Арбана Пашоли и Бобан Карапејовски.

Комисијата за демократија и човекови права дискутираше по извештајот и предлог резолуцијата на тема: „Влијанието на вештачката интелигенција врз демократијата, човековите права и владеењето на правото“. Во дебатата учествуваше пратеникот Халил Снопче. Тој нагласи дека вештачката интелигенција ќе продолжи да игра сè поцентрална улога во процесите на креирање политики, користејќи напредна анализа на податоци за донесување информирани одлуки за сложени прашања, како што се климатските промени, здравствената заштита и економската нееднаквост. Според Снопче, мора да се воспостават јасни регулаторни рамки за управување со употребата на вештачката интелигенција во политичките процеси, како и да се стави фокус на развивање робусни програми за дигитална писменост, не само за граѓаните, туку и за политичките лидери и институции.

Тој оцени дека носителите на одлуки треба да бидат информирани за технологијата и способни да ги разберат нејзините пошироки општествени импликации. Образованието треба да биде најсилен сојузник во обезбедувањето активно и одговорно учество на сегашните и идните генерации во политичкиот пејзаж, каде што вештачката интелигенција е составен дел.

Пратеникот Фатмир Битиќи учествуваше во работата на Комисијата за мир и меѓународна безбедност, која одржа панел дискусија на тема: „Улогата на парламентарците во спречувањето на конфликти околу природните ресурси“. Тој нагласи дека еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат пратениците е обезбедувањето правична и одржлива дистрибуција на природните ресурси. Нивната улога не е само спречување конфликти околу ресурсите, туку и создавање системски можности за правична дистрибуција и пристап до нив. Ова вклучува развој на законодавство и механизми кои обезбедуваат секој граѓанин да има фер пристап до вода, земја и други витални ресурси.

Според Битиќи, еден од најважните чекори што треба да се преземе е унапредување на демократските процеси, бидејќи демократијата е вредносен систем кој вклучува инклузивност, транспарентност и отчетност. Доколку се прифатат овие вредности и се применат во управувањето со ресурсите, можат да се избегнат конфликтите и разликите да станат извор на сила, наместо поделба. Тој, исто така, оцени дека решавањето на климатските предизвици треба да се интегрира во стратегиите за спречување конфликти и да се охрабри трансформација кон зелени технологии и одржливо користење на ресурсите.

Се очекува претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, да има свое обраќање на генералната дебата на тема: “Искористување на науката, технологијата и иновациите за помирна и оддржлива иднина.“

*Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите. Основана е пред повеќе 130 години како прва мултилатерална политичка организација во светот, со цел за поттикнување на соработката и дијалогот меѓу нациите. Во организацијата денес членуваат 180 национални парламенти и 15 меѓународни парламентарни собранија. ИПУ ја промовира демократијата и им помага на парламентите да станат посилни, порепрезентативни, поиновативни и родово и младиски балансирани. Собранијата на ИПУ се одржуваат двапати годишно, обезбедувајќи на тој начин парламентарна димензија на глобалното управување.

Собрание на Македонија

Над 14.000 граѓани пријавени за бесплатна вакцинација против грип

Над 14.000 граѓани веќе се пријавени на веб-страницата - вакцинација.мк, каде пред три дена почна пријавувањето за бесплатно вакцинирање против сезонски грип за ризични групи население.

Како што појаснуваат, предвидено е вакцинацијата да почне во текот на следната недела.

- Набавени се 70.000 дози четиритипна вакцина против сезонски грип. Министерството континуирано го зголемува бројот на обезбедени вакцини, нагласуваат оттаму.

Граѓаните може да се пријават за вакцина преку интернет и на тој начин, потсетуваат од Министерството, директно се регистрирани за вакцинација во системот „Мој термин“.

- Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, преку СМС ќе се добие повратна информација за точниот датум, час и место кога треба да се вакцинираат. Со бесплатна вакцинација се опфатени ризичните групи: повозрасни лица - над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица, додаваат од Министерството за здравство.

Дрвата за греење и сообраќајот најголеми загадувачи на воздухот во урбаните средини

Министерот за животна средина Изет Меџити смета дека трајно решение за проблемот  со аерозагадувањето во земјава е гасификацијата како и во набавката на нови еколошки автобуси.

Воздухот во Струмица, Струга, Куманово, Кавадарци и Гостивар е постојано загаден, летно време за тоа придонесува сообраќајот и минералната прашина, додека во зимските најголем причинител за екстремно аерозагадување е согорувањето дрва но и отпадни материи во релативно неефикасните и стари печки во текот на зимските месеци, како начин за затоплување на домовите.

Ова го покажува едногодишниот мониторинг и анализа на повеќе од 1000 примероци во сите пет општини.

Професорот Марковски нагласи дека вакво истражување било направено и за Скопје, не не е сигурен дали добиените податоци се преточени во мерки за справување со проблемот.

Министерот за животна средина Изет Меџити смета дека трајно решение за проблемот со аерозагадувањето во земјава е гасификацијата како и во набавката на нови еколошки автобуси.

Неодамна министерот Меџити и директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, во пресрет на новата грејна сезона најавија контрола на издадените еколошки дозволи на производните капацитети ширум земјава.

притисни ентер