Ковачевски: Ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин и за европската иднина на Македонија

„Вчера граѓаните нѝ пратија силна порака и ние таа порака ја слушнавме. Но, се лажат сите кои мислат дека ќе се откажеме од борбата. СДСМ сè уште е силна партија. “

„Вчера граѓаните нѝ пратија силна порака и ние таа порака ја слушнавме. Но, се лажат сите кои мислат дека ќе се откажеме од борбата. СДСМ сè уште е силна партија. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин и за европската иднина на Македонија“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг во Сарај.

Според него, изборите на 8 мај ќе бидат многу тешки, но резултатот сè уште не е одлучен. Граѓаните треба да сфатат дека одлучуваме за иднината на државата и затоа треба да излезат и да гласаат, рече Ковачевски.

„Ако десничарска партија добие преголема моќ, може да се соочиме со сценарија кои сме ги гледале во минатото во нашата држава. Тоа ќе стави крај на нашите ЕУ перспективи, крај на независните медиуми и на независното судство. Тоа е сигурен пат кон изолација наредната декада или не дај Боже за цела една генерација. И овие тензии што сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато. Како што гледаме, ВМРО ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество.“

Ковачевски истакна дека СДСМ и Коалицијата за европска иднина никогаш нема да се откажат од членството во ЕУ затоа што само така како држава ќе успееме да изградиме подобро образование, поквалитетно здравство, поефикасно владеење на правото, поцврста борба против криминалот и корупцијата и подобар животен стандард за сите граѓани, се наведува во партиското соопштение.

Крмов: Левица се залага за задолжителни домашни полици во маркети и колонијални продавници

На средбите со граѓаните на Берово, пратеникот од Левица и Носител на листа во ИЕ3, Борислав Крмов, обраќајќи се кон земјоделските произведители, истакна дел од мерките предвидени во изборната програма на Левица.

,,Приоритет ни е укинувањето на забраната за продавање на зелени пазари за сите ,пазарџии' со минимални примања. Секој има право да го продава на пазар она што самиот го произвел со свој труд!", потенцираше Крмов.

,,Левица се залага за воведување на задолжителни домашни полици во сите маркети и колонијални продавници (гранапи), каде што ќе бидат изложени само наши македонски производи, видно одделени од останатата увозна стока", дадава Крмов.

Имајќи ги предвид туристичките капацитети на Берово и природните ресурси за зајакнување на туристичката понуда на недопрената природа во беровскиот регион, Крмов ги потенцираше мерките и проектите од програмата на Левица што на беровчани ќе им донесат поголеми можности за туристичко - економски развој.

,,Во делот на туризмот, Левица се залага за изработка на петгодишна Национална стратегија за поддршка и стратешки развој на македонскиот туризам, со вложување во локална инфраструктура (промоција, пристап, ресторани, сувенирници, организирани посети и тури и сл.). Понатаму - брендирање на името ,Македонија' и промоција на нашата гостопримливост во странски туристички списанија - со организирани роуд-шоуа за големи светски и европски туроператори низ повеќе предели од Македонија, меѓу кои и Берово", вели Крмов.

Според Крмов, Левица има предвидено и стимулации на неколку туристички гранки од национално значење: т.н. зелен, одржлив, т.е. алтернативен еко-туризам (селски / рурален / манастирски), бањски туризам (велнес и спа-центри) и др.

,,Се залагаме за развој на вински и гастрономски туризам преку промоција на традиционалната македонска кујна. Левица се залага и за зголемување на туристичката такса на минимум 1,5 евро, која во моментот е далеку најниска во однос на земјите од регионот (пр. во Македонија таа изнесува само 40 денари; во Србија = 1,53 ЕУР; во Хрватска = 1.59 ЕУР; во Словенија = 3 ЕУР), како наменско користење на средствата од оваа такса исклучиво за развој на туризмот", истакнува пратеникот и Носител на ИЕ3, Борислав Крмов.

Ова се само мал дел од над 1000 мерки и проекти од најважните сфери на општественото живеење предвидени во Изборната програма на Левица.

Нема напредок во разговорите меѓу Хамас и Израел со посредниците во Каиро

„Со договорот мора да се стави крај на војната и Израел да биде протеран од Појасот Газа, но Израел сè уште не се обврза дека ќе биде подготвен да го стори тоа“, рече  палестинскиот претставник.

Водачите на палестинската милитантна група Хамас не успеаја да постигнат напредок на вториот ден од разговорите во Каиро со посредниците од Египет и Катар за примирје со Израел и остануваат на барањето секој договор да вклучува крај на војната во Појасот Газа, соопштија палестинските власти.

Неименуван палестински функционер запознаен со разговорите изјави дека делегација на Хамас пристигнала во Каиро со намера да постигне договор, „но не по секоја цена“.

„Со договорот мора да се стави крај на војната и Израел да биде протеран од Појасот Газа, но Израел сè уште не се обврза дека ќе биде подготвен да го стори тоа“, рече палестинскиот претставник.

Израел сака договор што ќе ослободи барем некои од околу 130-те заложници кои сè уште ги држи Хамас, но израелски официјален претставник вчера истакна дека основната позиција не е променета и дека Израел „под никакви околности“ нема да се согласи на договор за ставање крај на борбите кои ги води со цел да се разоружа и трајно да се уништи Хамас.

Друг палестински функционер потврди дека разговорите се „пред предизвик затоа што Израел одбива да се обврзе на сеопфатно примирје“, но додаде дека делегацијата на Хамас сè уште е во Каиро со надеж дека посредниците би можеле да извршат притисок врз израелската страна да ја промени својата позиција.

Четири деца тешко повредени откако паднале од покрив на спортска сала во Штутгард

Четири деца на возраст од 13 години се тешко повредени кога за време на игра паднале од покрив на спортска сала во германскиот град Штутгарт, соопшти полицијата.

Полицијата навела дека децата паднале од висина од седум метри од покривот на спортската сала во Ремшалден во Штутгарт и дека со спасувачки хеликоптер биле пренесени во болница, пренесе „Шпигел“.

Полицијата истражува зошто и како се искачиле децата на покривот.

Во спасувачката акција биле вклучени три хеликоптери, две полициски патроли, 40 пожарникари на седум возила и 13 возила на Итна помош.

притисни ентер