Концерт на Александра Коцевска и Глигор Гелебешев во Велес

Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше одржан концерт на Александра Коцевска соло пеење – мецосопран во пијано придружба на Глигор Гелебешев, кои од публиката беа враќани на бис, а за крај Коцевска ја отпеа популарната ариа Кармен. 

Концертот беше во организација на Сојузот на музичкии уметници на Македонија (СМУМ) преку проект поддржан од Владата кој се реализира преку Министерството за култура,во рамки на циклусот концерти низ државата насловени „Про музик".

Двајцата успешни уметници и професори од ДМУБУЦ „Илија Николовски-Луј" од Скопје пред велешката публика се претставија со дела од Шопен, Гранадос, Сарасате, Росини, со Шпанска канцона и дело од Обрадорс.

По успешниот настап во разговор за МИА, тие оценија дека се задоволни од настапот и велешката едуцирана публика која знае што е добра класична музика.

Проф Глигор Гелебешев вели дека во Велес настапувал повеќепати и како солист и како пијано придружба и како камерен музичар и оценува дека велешката публика е едуцирана познава и многу сака класична музика и дека тој со задоволство доаѓа во Велес, а сега и со неговата колешка Александра Коцевска.

На новинарско прашање колку е важно освен во Скопје да настапат и во други градови во внатрешноста на земјата, тој појасни дека тоа е важно за нив како уметници но и за публиката која за ваков настан не мора да патува во Скопје.

Гелебешев искажа голема благодарност што во таа насока ја добивата подршката од Министерството за култура. Тој информира дека овој програм со кој настапија во Велес е нов и планираат понатаму со овој концерт да настапат и во странство.

За разлика од Гелебешев неговата колешка Александра Коцевска првпат настапува – пее во Велес.

-Јас сум задоволна од настапот посебно од салата, бидејќи тука можете да си го слушате и да си го раководите гласот во ваква прекрасна сала. Имаше многу публика, а тогаш адреналинот расте и вие имате чувство дека треба навистина да го докажете тоа што сте го работеле со години, појаснува Коцевска.

Таа вели дека настапот во внатрешноста многу и значи бидејќи нејзините почетоци биле во педагогијата кога почнала во 1996 година во Штип и каде е основоположник на соло пеењето.

– Многу ми значи што во овие четири години настапував во многу градови и гледав тоа да е музука која е привлечна за народот не многу тешка за слушање,меѓутоа привлечна и гледам дека луѓето навистина се желни за музика. Не само за народната и забавната, тука и за класичната и сакаат да слушнат нешто навистина убаво. Затоа јас на крај на концертот на бис ги наградив со популарната арија Кармен,затоа што народот ја познава и ја сака и затоа се одлучив токму нејзе да ја изведам, а и затоа што е за мецосопран,појасни Коцевска.

Воедно најави дека на 18 декември ќе има свој последен годинашен концерт во салонот 19/19 во Скопје.

Коцевска информира дека годинава и била многу плодна и настапила во повеќе градови во земјава: во Прилеп со „Трио колегиум",имала настап со дуо „Пани" односно како квартет во Кочани, со „Трио колегиум" во Штип,настапувала на „Куклите".

Во понеделникот имала концерт „Танго звуци" во Музејот на македонска народна борба, a претходно и голем проект докуметарен филм со Македонската телевизија за големата композиторка Клара Шуман./MИА

Митрополит Агатангел: Македонското име, идентитет, Црква не смеат да бидат предмет на тргување

Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат предмет на тргување, тоа важи и за Црквата.

Митрополитот на Повардарската епархија Агатангел во своето Велигденско послание порача до верниците дека е потребна одговорност кон себе, кон општеството, да се потпраме на вредностите на православието оти важно е какво општество и каква држава ќе изградиме.

-Мораме да бидеме одговорни како за себе, така и за општеството и околината што нè опкружува. Не смееме да потонеме во самодоволност и сув индивидуализам. Човекот не е створен да биде сам и осамен во светот. Не смееме да бидеме небрежни за својот ближен, за страдањето на братот, за животната средина во која ги раснеме нашите деца...Важно е за човекот да живее во мир и благосостојба, важно е какво општество и каква држава ќе изградиме. Тоа не се прашања што не треба да нè засегаат. Добро е да знаеме кои сме, што сме и од каде сме. Од Христа сме откупени, скапо сме платени преку Неговата сечесна крв. Он, преку Своето славно Воскресение, преку Својата неизмерна љубов, ни го подари највисокото достоинство. Не смееме на Неговата татковска грижа да одговориме со незаинтересираност и самодоволно повлекување. На Бога со камен не треба да фрламе, раката што дава не треба да ја сечиме - така нè учеле и воспитувале нашите предци, вели владиката Агатангел во посланието објавено на веб страницата на Повардарската епархија.

Според него, иако човекот денес живее во изобилство, понесреќен е и попотиштен од кога и да е во неговата долга историја

-Македонскиот народ илјадници години непрестајно на Бога благодарност и пофални песни Му вознесувал. Знаел нашиот мудар народ дека секоја тиранија е привремена, дека секое зло е краткотрајно. Денес, пак, злото, покрај тоа што си го зачувало својот вообичаен облик, има и некакво друго, поинакво лице. За жал, во тешка состојба сме доведени. Денес, иако човекот живее во изобилство, сепак е понесреќен и попотиштен од кога и да е во неговата долга историја. Денешниот човек е збунет и дезориентиран. Тој како да не ја препознава вредноста, како да не знае што е нормално, а што застрането, потенцира митрополитот Повардарски Агатангел.

Сега, како генерација, додава тој, мораме да застанеме на патот на оваа демонска наезда, оти ако тоа час поскоро не го сториме, духовно ќе се разориме себе си одвнатре и дури тогаш ќе станеме морално плитки и исушени.

-Затоа, македонскиот народ нема друг избор освен да се ослони на Бога, да се потпре на Неговиот спасоносен столб, кој го држи и покрепува секое човечко здание. Само така и на тој начин ќе опстоиме. Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат претворени во роба за трговија. Тоа е срамно и неправедно, а уште помалку морално. Ова важи како за македонскиот народ и држава, така и за Црквата, порача митрополитот Повардарски Агатангел.

Потенцира дека мнозина подло ќе се обидат да ни го омаловажат и искривоколчат секој наш успех и достигнување. Но, вели, имајте секогаш предвид дека со Христос победуваме, он ги штити и запазува праведните, оти Самиот Тој е правда и вистина. Христос е живата радост која го исполнува секое осамено и повредено срце.

-Од изворот на Воскресението Христово постојано и непрестајно да се напиваме. И ние еден ден ќе Воскреснеме во новиот живот исполнет со вечното. Нека ја штити и закрилува Господ нашата татковина Македонија и нашата Света Македонска православна црква - Охридска архиепископија. Македонскиот православен народ нека создава дела за вечно паметење. Блажен е овој народ што го срамат и прогонат, и што говорат против него секакви лоши зборови и лаги - заради Христа! Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, порача Митрполитот Повардарски Агатангел.

Утрово на прв ден Воскресение Христово – Велигден, се служеше Златоустова литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, а со литургијата во храмот „Св. Кирил и Методиј“ чиноначалствува митрополитот Повардарски Агатангел.

Најрадосната вест за Христовото Воскресние синоќа на полноќ беше објавена низ сите православни храмови на Повардарската Епархија. Во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес со литургијата чиноначелствуваше митрополитот Повардарски Агатангел, а литургии посветени на воскресението на Хириста се одржаа и во трите градски цркви - „Св. Кирил и Методиј“, „Вознесение Христово“ (Св. Спас) и „Св. Јован Крстител“.

Нетанјаху: Израел ќе продолжи да се бори во Газа до победа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека земјата ќе ја продолжи војната во Појасот Газа додека не се постигнат сите цели и ја обвини палестинската милитантна група Хамас за застојот во преговорите за привремен прекин на огнот.

- Капитулирањето пред барањата на Хамас би било ужасен пораз за државата Израел, рече Нетанјаху во видео порака објавена денеска. „Тоа би била голема победа за Хамас, Иран и целата оска на злото. Тоа би покажало страшна слабост за нашите пријатели и за нашите непријатели“, ја пренесува ДПА изјавата на Нетанјаху.

- Ако Израел покаже слабост на овој начин, тоа само ќе ја доближи следната војна и ќе го отфрли следниот мировен договор, „бидејќи сојузи не се прават со слабите и поразените. Сојузи се прават со силните и победниците, предупреди тој.

Во моментов во Каиро се водат разговори со посредство во кои учествуваат претставници на Хамас, со надеж дека ќе се обезбеди ослободување на преостанатите заложници во Газа во замена за палестинските затвореници кои се држат во израелските затвори. Се разговара и за можен прекин на огнот.

Нетанјаху рече дека Израел покажа флексибилност за време на преговорите во Каиро, додека Хамас се држи до своите „екстремни позиции, пред сè повлекувањето на нашите сили од Појасот, ставање крај на војната и Хамас да се остави недопрен“.

Скопјанец измамен во менувачница од двајца странски државјани

Скопјанец пријавил дека во менувачница во Старата скопска чаршија бил измамен од страна на двајца странски државјани за сума од 25.000 евра, информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи.

Синоќа во 19.15 часот во СВР - Скопје, Х.М., на возраст од 34 години од главниот град на државава, пријавил дека околу 15 часот во менувачница во Старата скопска чаршија бил измамен од двајца странски државјани.

Според пријавеното, откако се договориле во менувачницата да сменат пари за 25.000 евра, лицата дошле со чанта со договорената сума на пари во денари, при што еден од нив ја заменил чантата со денари со друга иста чанта, која во долниот дел била полна со хартиени ливчиња.

Како што пријавил Х.М., тој им ги дал еврата без да ја провери чантата, а откако заминале, сфатил дека е измамен, појаснуваат од МВР.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

притисни ентер